Makedonski jazik i literatura prva godina

Page 1

ДОБРОДОЈДОВТЕ На презентациите од содржините по Македонски јазик и литература за прва година на средното стручно образование. Презентациите се правени според Наставната програма изготвена од Бирото за Развој на Образованието и одобрена од Министерството за образование и наука на Република Македонија. Застапени се две области: јазик и литература. Од подрачјето (областа) јазик обработени се содржините Наука за јазикот, Историски развиток на македонскиот јазик, Фонетика и фонологија, Правопис и правоговор, и Акцент. Од подрачјето Литература презентирани се содржините од Теоријата на литературата и Историја на литературата (од нејзините почетоци заклучно со словенската писменост и литература). Содржините од делот Правопис и правоговор се обработени според Правописот од 1998 година понекогаш со преземени формулации и примери од истиот. Со оглед на тоа што во меѓувреме (почетокот на 2016) излезе ново издание на Правописот(и уште го немаме на увид), можно е некои правописни правила да се доуточнети и проширени и поинаку дефинирани. Сепак тој дел како застарен(!) не го отстранивме од презентациите поради илустративниот материјал.


Овие презентации (и текстовите) како и претходните (за втора, трета и четврта година) се работени со помош на Softmaker office програмски пакет кој сега им се нуди бесплатно на училиштата. При подготовката на содржините се користени различни извори. Најчесто преку линкови се посочува изворот или пак, се упатува на интернет страници каде што може да се добијат дополнителни информации. Според веќе утврдената практика лекциите завршуваат со Поука или Цитат за овој час. Најчесто тие се поврзани со содржините или едноставно сметавме дека се интересни. Како илустртивен материјал во граматичкиот дел се внесени повеќе пословици, поговорки и сл. напишани на народен јазик. И примерите во делот Теорија на литературата се народни умотворби. Се водевме од желбата да го покажеме богатството на дијалектната лексика. Некои помалку познати зборови ги преведовме. Се надеваме дека презентациите ќе им бидат од корист на наставниците и учениците. Би биле радосни ако наидат на одглас. Мојата адреса: Трајан Божинов, СОУ „Никола Карев“ - Струмица


На нашата ќерка Весна Рутев Спомни ја Господи во Твоето Царство и направи го нејзиниот спомен вечен!


ОПШТЕЊЕ (КОМУНИКАЦИЈА) - ПОИМ И ВИДОВИ Општењето (комуникацијата) е процес со кој се врши размена на информации и пораки меѓу луѓето. Размената на информациите и пораките се врши со помош на знаци. Во поширока смисла комуникацијата се остварува и меѓу животните. Во најширока смисла размена на информации, односно комуникација се обавува и меѓу човекот и машините. Поимот доаѓа од латинскиот збор commūnicātio, -ōnis, и значи споделување, соопштување. Науката која се занимава со проучување на комуникациите се вика комуникологија. Поимот комуникација е многузначен и може да се разгледува од повеќе аспекти и според тоа има различни дефиниции и поделби. Според некои комуникацијата е сеопшта и претставува средишен феномен на културата. Таа е непрекинлива и никогаш не престанува и не може да ѝ се одреди ни почетокот ни крајот. Според други под комуникација се подразбира механизам со чија помош егзистираат и се развиваат меѓучовечките односи. Таа може да се разгледува и преку средствата кои ги користи и преку начинот (формата) според кој се остварува и сл. Така, според формата разликуваме вербална и невербална


комуникација; според насоката - еднонасочна и заемна (двонасочна). Во однос на средствата што (не) ги користи комуникацијата може да биде непосредна (директна) и посредна (преку некој медиум). Според некои комуникацијата претставува испраќање и примање на знаци кои имаат одредено значење, разбирливо и за испраќачот и за примателот. Постојат различни видови знаци, но и различни дефиниции што ги определуваат. Според некои пак, знаците можат да бидат во вид на сигнали или симболи. Па така, разликуваме сигнална и симболична комуникација. Кај сигналната комуникација знаците (сигналите) се еднострани и неповратни и не се испраќаат со некаква намера. За разлика од нив, со симболите се искажува некаква намера (порака) од испраќачот до примателот. Знаците (симболите) што се испраќаат се разбирливи и однапред договорени. Основно средство за општење меѓу луѓето е јазикот, но има и други начини и средства како што се говорот на телото - со гестови и мимики, со изразот на лицето; преку начинот на облекување; потоа со цртежи, со сообраќајни знаци и сл. Цитат за овој час: Најпрвата неопходност е општењето (комуникацијата) - Мајка Тереза


Иако јазикот е основно (и најусовршено средство) за општење меѓу луѓето, во целокупната емоционална комуникација, според некои проучувања, тој учествува само со помалку од 20 %. Тој лежи во основата на вербалната (со зборови) комуникација со која се пренесува некоја информација. Со невербалната комуникација (со изразот на лицето, со погледот, со допирот и сл.) го искажуваме емоционалниот однос кон таа информација и кон лицето што ни ја соопштува. Смислата на комуникацијата е меѓу луѓето да се разменат пораки преку кои ќе се даде совет, ќе се изнесе мислење, ќе се искаже предупредување и сл. Тоа се прави со помош на јазикот, кој како организиран систем од знаци има сложена структура. Предмет на разгледување можат да бидат односите меѓу знаците во тој систем, но и нивната функција. Поука за овој час: Некои се многу пребирливи кога станува збор за храната така што некое јадења не сакаат ниту да ги вкусат. Но, не се толку пребирливи и не внимаваат кога се во прашање зборовите што излегуваат од нивната уста. Блажени Августин


ЈАЗИКОТ КАКО СИСТЕМ ОД ЗНАЦИ - ФУНКЦИИ НА ЈАЗИКОТ Јазикот како основно средство за општење меѓу луѓето служи пред сѐ за искажување на човековите мисли и чувства, но и за размена на идеи и искуства. Тој претставува систем од знаци или код кои се меѓусебно условени и разбирливи за сите оние кои користат еден јазик. Со помош на јазикот се остваруваат неговите основни функции - комуникативната (човекот да општи со другите луѓе од една заедница) и спознајната (човекот да ја осознава средината во која живее). Процесот на комуникација (во случајов зборуваме за вербалната) вклучува во себе подготовка, составување и испраќање на пораки. Тој е сложен процес што го определуваат шест елементи: испраќач кој праќа порака со определена содржина до примач преку медиум (канал) со помош на систем од знаци (код). Во тој процес испраќачот и примачот како учесници можат да ги променат местата. Медиумот е средство преку кој се пренесува пораката. Тоа би го прикажале вака: систем од знаци (код) испраќач

медиум (канал) медиум (канал) порака содржина на пораката

примач


Секој од овие шест елементи определуваат по една функција на јазикот. Тоа значи дека постојат шест функции на јазикот: референцијална, емотивна, конативна, контактна, метајазична и поетска. Референцијалната (содржинската) функција служи да се предаде или прими некоја порака. Таа е најчесто застапена во вербалната комуникација за да се пренесе некоја информација. Емотивната (експресивна) функција го искажува односот меѓу пораката и испраќачот. Многу често со оваа функција при предавање на пораките се користат извиците. О Тешкото, зурли штом диво ќе писнат! Со конативната (апелативна) функција се изразува односот меѓу пораката и примачот на пораката и е насочена кон примачот. Тоа најчесто се прави преку формите за изразување заповед: Престанете да зборувате! Со контактната функција се предаваат пораки со кои се воспоставува, одржува или прекинува општењето: Повелете! Добар ден! Пријатно! Застапена е во сите форми на општење меѓу луѓето. Метајазичната функција се однесува на односот меѓу јазичниот систем (кодот) и пораката. Служи за дообјаснување на знаците во процесот на општењето. Поетската функција, пак, е најзастапена во литературните дела преку сликовитиот начин на изразување.


ПРИРОДНИ И ВЕШТАЧКИ ЈАЗИЦИ Јазикот како средство за општење меѓу луѓето е систем од знаци со кој припадниците од една заедница ги искажуваат своите мисли, идеи, чувства, потреби и сл. Правилата според кои е изграден системот од знаци (кодот) на еден јазик се развил спонтано во текот на еден подолг период. Тие се задолжителни за сите припадници кои го користат тој јазик и во сите сфери на живеење. Природен или обичен јазик е јазик кој се развил по природен пат и претставува основа врз која е изграден еден општонароден (национален) јазик. Тој може да се јави во говорена и пишана форма. Во светот постојат многу природни јазици. Според некои научници нивниот број изнесува над 7000. Ако кон тоа се додадат и дијалектните јазици, тој број надминува 10000 живи јазици. Сепак, одреден број од јазиците, и тоа не мал, се загрозени и (или) се на пат да исчезнат. Причина за тоа се малиот број говорители на тие јазици (еден, двајца или помала група луѓе, и тоа најчесто возрасни). Меѓународната заедница преку специјализираните организации (УНЕСКО и други) настојува да ги заштити тие јазици (дури некои од нив преку реконструкција и да ги оживее!).


Големиот број јазици нужно бараат нивно класифицирање. Поделбата може да се изврши врз повеќе принципи: 1. Врз основа на историскиот развој (генетска поделба); 2. Врз основа на внатрешната граматичка структура (типолошка поделба); 3. Врз основа на географската блискост на јазиците (ареална поделба). Покрај исчезнати постојат и т.н. мртви јазици, кои не се во активна употреба (латинскиот, но во некои сфери како правото, медицината, сепак се користи!), или од кои се развиле нови јазици (прасловенски ˃старословенски ˃словенските јазици). Покрај природните постојат и т.н. вештачки јазици кои се создадени за полесна комуникација меѓу луѓето. Нивниот број сѐ повеќе се зголемува. Некои од нив се користат во одредени научни области (на пример во информатиката - програмските јазици). Сепак, најинтересни меѓу нив се меѓународните помошни јазици создадени од елементи на природните јазици, со упростена граматичка структура. Од нив најпознати се волапик, есперанто, (најраспространет), идо, лидневи, меронимија, новословенски, словио и др. Интересно е тоа што повеќе од тие јазици во основата ја имаат структурата на словенските јазици и особено на фонолошкиот систем.


НАЦИОНАЛЕН (ОПШТОНАРОДЕН) ЈАЗИК Под национален (општонароден) јазик се подразбира јазикот на кој зборува една нација. Тој е, всушност, општ систем кој во себе ги обединува сите варијанти на еден јазик - литературниот, дијалектниот, простонародниот, професионалните говори, жаргоните и сл. Тој се поврзува со еден народ (нација) и со територијата кај што живее тој народ. Македонскиот јазик е национален (општонароден) јазик на сите Македонци. Тој се јавува во две форми: нестандардна и стандардна. Нестандардната форма на општонародниот јазик како средство за комуникација се реализира преку дијалектите (народните говори на одредена територија), преку социјалните дијалекти (говорите на одделни групи: ученици, студенти, војници, потоа професионалните говори на занаетчии и сл.) и преку секојдневното општење во кругот на семејството, роднините, пријателите и сл.). Нестандардната форма се одликува со незадолжителен изговор на гласовите, со слободна (незадолжителна) примена на граматичките правила, со богата и експресивна лексика. Најчесто се јавува во говорена разновидност (пројава) и многу ретко во пишувана.


Стандардната (литературната) форма е кодифицирана разновидност на општонародниот јазик. Таа е коректна и правилна и се смета за официјално средство за комуникација. Се користи во училиштата и другите установи, во весниците, на радиото и телевизијата и сл. Се јавува во две разновидности (пројави): говорена и пишувана. И двете се остваруваат преку нормирани правила. Говорената разновидност (пројава) се остварува преку нормирани правила во изговорот на гласовите и зборовите, преку спазување на граматичките правила и коректната употреба на лексичкиот состав. Пишуваната разновидност (пројава) се одликува со коректната употреба на правописните правила утврдени со правописот на даден јазик како и со правилното пишување на зборовите, водејќи сметка и за стилот на пишување. Стандардната форма за разлика од нестандардната, може да ги исполнува сите сфери и ситуации на успешно општење меѓу припадниците на еден народ, како во јавната, така и во приватната комуникација; како во усната, така и во писмената. Поука за овој час: Јас господин, ти господин (ако сме), ами кој ќе го турит житото в амбар?


ДИЈАЛЕКТНИОТ НАСПРОТИ СТАНДАРДНИОТ ЈАЗИК Дијалектот е основна пројава (разновидност) на даден јазик, која не е нормирана (кодифицирана). Се користи на одредена територија од помала или поголема група луѓе. Иако не е официјално нормиран, дијалектот е изграден систем со своја структура што ја сочинуваат фонетски, граматички, синтаксички и пред сѐ, лексички особености. Повеќе дијалекти со делумно слична структура образуваат поголема целина која се вика наречје. Во македонската дијалектолошка наука разликуваме три наречја: југозападно, југоисточно и северно наречје. Помалите територијални единици од дијалектот се нарекуваат говори. Покрај дијалектите кои се употребуваат на одредена територија, има и дијалекти кои се однесуваат на одделни социјални групи, т.н. социјални дијалекти (социолекти) кои се поврзани со професионални групи. Во основата на социолектите е граматиката на територијалниот дијалект, а главната разлика е во лексиката, која е специфична за одделните професии и занимања (говор на ѕидарите, на дрводелците, на војниците и сл.). Кон социолектите припаѓаат и жаргоните - говор на луѓе блиски во професијата и животните интереси, во чија лексика има силна експресивност, но со отсуство на многу граматички форми.


Стандардниот (литературниот) јазик е висока и официјална (нормирана) разновидност на општонародниот јазик и е задолжителна за сите припадници на една општествена заедница. Се јавува во сите сфери на општественото живеење. Најмногу, и без исклучок, се користи во образовните установи, но исто така и во администрацијата, во средствата за масовна комуникација, во уметничката литература и сл. Како поим литературниот јазик повеќе се врзува за јазикот во уметничката литература, во која покрај нормираните изразни средства, понекогаш се застапени јазични форми преземени од некој дијалект или социолект (жаргон). Поимот стандарден е истозначен со литературен и се врзува повеќе за другите општествени сфери. Со дијалектниот јазик, стандардниот јазик е во нераскинливо единство. Многу термини од секојдневниот живот (од техниката и сл.) во дијалектите се навлезени преку стандардниот јазик. Но уште повеќе зборови и изрази од дијалектите наоѓаат свое место во речникот на уметничката литература, како и во секојдневното општење. Нивната застапеност треба да биде со цел збогатување на нашиот израз и во мерка со која нема да се наруши литературната норма. Цитат за овој час: Јазикăт коски нема, се врте на секăде!


ЈАЗИКОТ И ГОВОРОТ, ГОВОРОТ И ПИСМОТО Јазикот како средство за општење меѓу луѓето, всушност е апстрактен систем од знаци, но разбирлив и за испраќачот и за примачот на пораката. Според некои усната варијанта на јазикот е говорот, преку кој човекот ги искажува своите мисли и чувства. Според други, апстрактниот систем од знаци (јазик) преку говорот доживува практична примена, односно со говорот се искажува конкретна содржина. И уште: јазикот е систем од правила, говорот е јазик во дејство (во акција). Искажаното со него е моментално и неповторливо. Говорот се смета за индивидуална појава и начин на кој единката (индивидуата) го практицира јазикот. Тој се реализира со помош на гласовите. Гласовите се најмали говорни единици кои се образуваат од воздушната струја која излегува од белите дробови и со помош на органите за говор (усна празнина, јазик, гласилки, непце, заби и сл.). Писмото е систем од знаци со кои се предаваат човековите мисли и чувства. Се појавило пред повеќе од 4000 (според некои во Кина, и пред 6000) години пред н.е. Едно е од најголемите цивилизациски достигнувања. Со негова помош може(ло) да се пренесат на поголема просторна или временска далечина човековите пораки и идеи.


Знаците може да бидат во вид на симболи кои претставуваат упростени слики (пиктограми) или букви (графички знаци - графеми) кои означуваат одделни гласови или пак слогови (слоговно писмо). Првите форми на писмено општење било со помош на пиктографското (сликовито) писмо. Тоа е едноставно писмо и во кое писмените знаци (пиктограмите) означувале цели реченици. Во денешно време пиктограмите имаат одредена улога во општењето (на пр. во информатичката технологија во вид на емотикони). Подоцна се појавила поразвиената форма - идеографското писмо, во кое преку идеограмите (графички знаци) се предава идејата. Тие имаат метафорично (преносно) значење. Поправилно е за ова писмо да се каже дека е логографско, а писмените знаци - логограми или логографи. Такви писма биле клинописот (во Месопотамија), хиероглифското писмо (во Египет), писмото на Маите (во Мексико), а денес уште и кинеското писмо и јапонското канџи писмо. Слоговното писмо се појавило пред фонетското (гласовното). Се развило од идеограмите кои означувале едносложни зборови. Уште во клинестото писмо (клинописот) имало графеми за некои слогови. Денес најпознати слоговни писма се јапонските катагана и хирагана.


Гласовното (фонетското) писмо е стандардизиран сет од букви (графеми) на еден јазик во кој секоја буква означува еден глас (фонема). Бројот на буквите и нивниот распоред во азбуката е строго утврден и е одраз на условите во кои се развивал тој јазик. Постојат различни видови азбуки, како според бројот на буквите (најмалата азбука има 10 знаци, најголемата 58, слоговните од 50 - 400), така и според тоа дали имаат знаци само за согласките или и за самогласките. Најстарото фонетско писмо - феникиското, се развило врз основа на клинестото писмо и на египетските хиероглифи. Било едноставно за пишување бидејќи содржело само дваесетина буквени знаци и тоа само за согласките. Врз основа на тоа писмо бил создаден грчкиот алфавит во кој се придодале знаци за вокалите и за некои специфични согласки. Подоцна грчкото писмо послужило за создавање на една од најраспространетите писма - латинската абецеда (латиницата). Со дејноста на светите браќа Кирил и Методиј била создадена првата словенска азбука - глаголицата, по углед на грчкото ракописно писмо и по углед на некои други источни јазици - и со знаци за специфичните словенски гласови. Нешто подоцна од нивните ученици била создадена кирилицата која се смета за една од најусовршените фонетски азбуки.


МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО ГРУПАТА НА СЛОВЕНСКИТЕ ЈАЗИЦИ Порано е спомнато дека класификацијата на јазиците може да врши врз повеќе принципи. Еден од тие принципи е историскиот развиток на јазиците. Според него, македонскиот јазик спаѓа во групата на словенските јазици. Словенските јазици е една од најразгранетите групи во семејството на индоевропското јазично семејство. Тие водат потекло од заеднички прајазик наречен прасловенски јазик. Прасловенскиот јазик, пак, води потекло од праиндоевропскиот јазик, од кој настанале јазиците кои денеска се распространети во Индија, Иран и Европа. Сѐ на сѐ 11 групи на јазици и три одделни јазици (албанскиот, грчкиот и хетитскиот јазик). Прасловенскиот најблиску бил до прабалтичкиот образувајќи со него заедничка балтичко-словенска подгрупа. Индоевропското јазично семејство се дели на две основни групи: источна група (сатем) во која спаѓаат словенските јазици и западна група (кентум) кон која припаѓаат западноевропските јазици. Таа поделба се прави според изговорот на бројот 100. Словенската група јазици се дели на три подгрупи: источна (руски, белоруски и украински јазик); западна (полски, чешки, словачки,


Индоевропското јазично семејство

По распадот на СФР Југославија се јавија нови или одделни јазици: српски, хрватски, босански и црногорски јазик.


горно и долнолужички, и кашупски јазик); и јужнословенска подгрупа (македонски, бугарски, српски, хрватски, словенечки, босански и црногорски јазик). Кон јужнословенските јазици припаѓа и старословенскиот јазик, првиот литературен јазик, разбирлив за сите словенски народи, кој повеќе не е во активна употреба. Македонскиот јазик со бугарскиот ја образуваат источната подгрупа на јужнословенските јазици (врз основа на редица заеднички особености: отсуство на падежи, губење на инфинитивот, присуство на член и сл.) додека останатите јужнословенски јазици припаѓаат на западната подгрупа. Сите словенски јазици имаат многу карактеристики што ги споделуваат меѓу себе, како што има и извесен број особености (особено во лексиката) во јазиците на сите индоевропски народи кои сведочат за заедничкото потекло. Така и нашиот јазик има доволно особености на фонетски, морфолошки и лексички план со кои се разграничува од бугарскиот и од другите словенски јазици: гласовите ќ, ѓ и ѕ, третосложниот акцент, тројниот член, глаголските конструкции со има/нема и глаголската придавка од среден род; вреден:штетен, но навреда, повреда!), но и доволно други сличности за да биде дел од големото словенско јазично семејство.


ЈАЗИКОТ НА СЛОВЕНСКАТА ПИСМЕНОСТ ВО МАКЕДОНИЈА Почетоците на словенската писменост во Македонија се тесно поврзани со дејноста на солунските браќа светите Кирил и Методиј, како и со нивните ученици светите Климент и Наум Охридски. Јазикот на кој се ширела писменоста се викал словенски (словѣньскъ ѩзыкъ) и во славистичката наука се нарекува старословенски. Тој бил изграден врз основа на говорот на македонските Словени од околината на Солун и со прво некои слависти го нарекуваат старомакедонски. На старословенски јазик биле напишани првите првите богослужбени книги со кои се ширело христијанството и словенската писменост меѓу Западните Словени. Учениците на Солунските браќа ја продолжиле нивната дејност меѓу Јужните Словени, а нешто подоцна преку учители-свештеници од Македонија, на покана на великиот кнез Владимир, словенската писменост се проширила и во Киевска Русија. Старословенскиот јазик бил разбирлив за сите Словени, а писменоста заедничка придобивка за сите словенски народи. Тоа особено важи за периодот од средината на 9. век до крајот на 11. век (старословенски период). Тој се карактеризира со доследна примена на стандардизираната форма на јазикот што го создале Светите браќа.


Времето од 12. век до крајот на 18. век се нарекува црковнословенски период за кој е карактеристично појавата на одделни варијанти (редакции) на црковнословенскиот јазик. Како резултат на навлегување на народни елементи во структурата на јазикот, фонетскиот систем се растројува, преку видоизменување на некои гласови и појава на нови. Забележливи се поместувања на морфолошки и на синтаксички план. Па така настанале македонската варијанта на црковнословенскиот јазик, руската, бугарската, српската и т.н. Најстарите зачувани ракописи на старословенски јазик во Македонија се преводи од грчки јазик и се пишувани на глаголица. Тоа се Зографското евангелие, Асемановото евангелие и Мариинското евангелие. Употребата на глаголицата е карактеристична за Охридската книжевна школа што ја основал св. Климент Охридски. Нешто подоцна се јавуваат и првите книжевни споменици пишувани на кирилица која повеќе се користела во источните делови на тогашната бугарска држава (во Преславската книжевна школа). Зачувани натписи на камени плочи и по столбовите на црквите, на глаголица и кирилица се среќаваат на повеќе места (на столбовите во црквата на Свети Наум, Самоиловата плоча, Варошкиот натпис, Битолската плоча и сл.)


СТАРОСЛОВЕНСКИТЕ АЗБУКИ - ГЛАГОЛИЦАТА И КИРИЛИЦАТА Прашањето за говорите кои влегле во основата на старословенскиот јазик во славистичката наука е одамна разрешено. Тоа се македонските говори од Солунско. И прашањето која била првата словенска азбука не остава широк простор за двоумење. Тоа била глаголицата која имала 38 букви, по еден знак за секој глас. Разногласие во науката се појавува околу тоа кое писмо (азбука) послужило како основа за создавање на глаголицата. Преовладува мислењето дека грчкото ракописно писмо бил образецот за создавање на азбуката. Но глаголицата имала уште 14 други знаци, различни од грчките 24, што свети Кирил ги создал за да ги одбележи сите гласови кои ги содржел фонолошкиот систем на старословенскиот јазик. Тоа значи дека со 38 букви глаголицата фонетски била попрецизна од грчкиот алфавит. Кирилицата која се појавила нешто подоцна од глаголица, содржела 44 букви, за истите оние гласови од глаголицата како и за јотуваните ѩ, ѭ, ѥ, ю, (јен, јон, је, ју) и уште две други букви кои се користеле во зборови од грчкиот јазик. Кирилицата била направена по углед на грчкото уставно писмо, била упростена и поедноставна за пишување. Буквите ги задржале бројните вредности кои ги имале во грчкиот


алфавит, за разлика од глаголицата во која има поголеми изместувања. (Колку за потсетување во кирилицата: а = 1, б = /, в = 2, г = 3, ж = /, и = 10, р = 100, ф = 500; и во латиницата: I = 1, V = 5, X = 10, L = 50, C = 100, D = 500, M = 1000 и т.н.). Во однос на гласовите типични за словенските јазици, кирилицата ги задржала некои од нацртите кои ги имало во глаголицата. Со текот на времето таа полека ја истиснувала глаголицата од употреба. За волја на вистината, во некои краишта во Хрватска и Босна, глаголицата уште долго време била во активна употреба од т.н. „попови глаголаши“ (до 19. век!). Во првите години на заедничко постоење на двете азбуки, глаголицата повеќе се користела во Охридската книжевна школа, а кирилицата во Преславската книжевна школа во Бугарија. Ова е една од важните особености која ги разликувала двата книжевни центри во тогашната бугарска држава во чии рамки се наоѓала Македонија. Денеска кирилицата е основно писмо не само на некои од словенските народи, но и на многу други, особено на оние кои се наоѓаат во рамките на Руската федерација, и на држави кои порано биле дел од ЗНД (Заедницата на независни држави, поранешен СССР). Цитат за овој час: Кусиот ум е со долг јазик - Аристофан


СРЕДНОВЕКОВНИ КНИЖЕВНИ ШКОЛИ Словенската писменост во Македонија се ширела и зацврстувала преку дејствувањето на двете книжевни школи: Охридската и Лесновската. Охридската книжевна школа се развила и дејствувала во рамките на областа Кутмичевица, која се простирала на територијата на југозападна и централна Македонија, зафаќајќи и делови од Албанија. Почетокот на нејзината работа се поврзува со доаѓањето на св. Климент Охридски за епископ и учител во таа област, а нешто подоцна и на св. Наум Охридски. Покрај почетниот период во кој најмногу оригинални дела создал св. Климент Охридски, значајно поглавје во нејзината историја која траела до средината на 14. век, е периодот на Самуиловото царство. Важни особености на оваа школа се употребата на глаголицата како официјално писмо, како и верно негување на кирилометодиевската традиција чии ревносни бранители биле токму св. Климент и св. Наум. Во ракописите од оваа школа и покрај стремежот за негување на црковнословенскиот јазик, свесно или несвесно, се внесувале елементи од народниот јазик од западномакедонските говори. Тоа ќе придонесе подоцна за создавање на македонска варијанта на црковнословенскиот


јазик, која силно се потпирала на кирилометодиевската традиција, за разлика од некои други варијанти од други книжевни школи. Покрај порано набележаните дела од оваа школа, би ги спомнале уште: Добромировото евангелие, Охридскиот апостол, Слепченскиот апостол, Битолскиот триод и други. Библиотеки со скрипториуми постоеле во повеќе манастири (во Слепче, во Св. Јован Бигорски и др.). Нешто подоцна на територијата на североисточна Македонија во рамките на манастирските комплекси (во Лесново, Кратово, Крива Паланка, Карпино, Матејче, во Свети Прохор Пчински) од 12. до 18. век се одвивала разновидна просветителска и препишувачка активност. Во рамките на Лесновскиот манастир постоело Калиграфско училиште (скрипториум), со најбогата библиотека на Балканот. Оваа книжевна школа позната како Лесновска (и како Кратовска или КратовскоЗлетовска) ја продолжувала традицијата на Охридската книжевна школа во однос на јазичните особености. Но исто така при препишување на книгите се внесувале јазични елементи својствени за говорите од овој дел на Македонија. Вранешничкиот апостол, Радомировото евангелие, Лесновскиот паренезис, Карпинското евангелие, се познати книжевни споменици од оваа школа.


МАКЕДОНСКА ВАРИЈАНТА НА ЦРКОВНОСЛОВЕНСКИОТ ЈАЗИК Со оглед на фактот што на големата словенска јазична територија почнало дијалектно разграничување и пред појавата на старословенскиот јазик, тоа особено се засилило од крајот на 11. век, со појавата на црковнословенскиот јазик. За потребите на богослужбите биле преведувани и потоа препишувани многу книги на црковнословенски јазик во кој препишувачите спонтано и несакајќи внесувале јазични елементи од својот локален говор. Веќе од 12. век почнува создавањето на редакции (варијанти) на црковнословенскиот јазик: македонска, бугарска, српска, руска, чешко-моравска, хрватскоглаголска и романска (во Романија тој јазик бил литературен до 18. в.). Македонската варијанта на црковнословенскиот јазик ги одразува промените кои настанале во јазикот и се забележани во ракописите уште во старословенскиот период. Тоа се вокализацијата на еровите и мешањето на носовките. Така, во т.н. јака позиција малиот јер ь ˃ е, а големиот јор ъ ˃ о: дьнь ˃ ден, сънъ ˃ сон. Зад ш, ж, ч, ц, ѕ, и зад ј (ј) се пишувала голема носовка (ѫ,) наместо мала (ѧ), а зад меките н, р, л, с, се пишувала мала (ѩ) наместо голема носовка(ѭ): жѧтва ˃ жѫтва; глаголѭ ˃ глаголѩ. Со текот на времето дошло до упростување на


вокалниот систем што го сочинувале 11 вокали: а, е, и, о, у (у), ѣ, ѫ, ѧ, ы, ъ, ь. Па така ѣ (јат) дало е, ѫ (он, голема носовка) дало а, ѧ (ен, мала носовка) =е, ы (јери) =и, ъ (јор, голем ер) = о, ь (јер, мал ер) =е. Процесот на упростување на тој систем бил подзасилен и преку изедначување на наставките кај падежните форми, кое пак придонело за нивно целосно губење. Тогаш настанале и редица други промени: губењето на еровите во т.н. слаба позиција го растроиле правилото на отворени слогови (сите слогови да завршуваат на самогласки); се нарушило правилото за двојки од меки и тврди согласки; се јавиле промени во карактерот и местото на акцентот и сл. Македонската редакција (варијанта) имала свои специфичности и на морфолошки и синтаксички план: губење на падежите и инфинитивот, губење на партиципите или нивна преобразба во други форми (глаголски прилог, глаголска л-форма, глаголски придавка) и појавата на членот (преку постпозитивна употреба на показната заменка: наместо тъ богъ, та жена, то дете, се пишувало богъ тъ, жена та, дете то, кое се случило под влијание на балканските несловенски јазици. Цитат за овој час: Во животот е како во граматиката - исклучоците се повеќе од правилата - Реми де Гурмон


ШИРЕЊЕ НА ФУНКЦИИТЕ НА НАРОДНИОТ ЈАЗИК Паралелно со промените кои настанале во граматичката структура на црковнословенскиот, се внесувале промени во реченичките конструкции и особено биле забележливи оние на лексички план. Зборови од народниот јазик сѐ повеќе се внесувале во ракописите со црковна содржина. Тој процес бил подзасилен од потребата литературните дела да бидат разбирливи за поширок круг читатели. Важна улога во ширењето на народниот јазик во текстовите со религиозна тематика одиграле преводите на т. н. дамаскини. Се наречени така според грчкиот писател и проповедник од XVI век Дамаскин Студит. Едно од неговите први дела (Сокровиште) било преведено од пелагонискиот епископ Григориј Прилепски. Тоа содржи житија и поучни слова. Преводите на дамаскините биле препишувани и распространети насекаде низ Македонија, а потоа и низ Бугарија. Подоцна се јавиле автори кои во преводите внесувале и свои сопствени теми и размислувања. Постепено дамаскините станувале зборници наменети за широките народни слоеви. При преписите почнувало да се упростува јазикот, да се вметнуваат елементи од говорниот јазик.


Дамаскините биле популарна лектира во Македонија сѐ до XIX век и во тој период настанале околу 200 вакви дела, од кои најпознато е Крнинскиот дамаскин. Тоа е период на стилско раслојување на јазикот. Имаме т.н. висок стил (црковнословенски јазик - се користел во богослужбите) и т.н. низок стил (во основа на кој е народниот јазик и се користел во секојдневната преписка). Од тој период зачувани се повеќе писмовници (епистолари, зборници со обрасци како се пишуваат писма). Најстари досега пронајдени писмовници се Слепченскиот писмовник од 1543 г. и Хилендарскиот писмовник од 1782 г. Од 19. век зачувани се уште неколку вакви зборници. Во нив е одразена традицијата од византиската литература на пишување писма или посланија. Дури и нашите први писатели од тоа време Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ ги создавале своите дела во дамаскинарски дух на народен јазик и со многу елементи од црковнословенскиот јазик, но и со примеси од турскиот јазик. Меѓу текстовите во кои постепено навлегувале елементи од народниот јазик биле и оние со кои се регулирале административно-правни односи: правото на сопственост врз имот; правото (одобрение) на


слободно движење и водење трговија и сл. Тоа се т.н. грамоти. Иако се пишувани на црковнословенски јазик, во некои од нив спонтано се внесувале и зборови од народниот јазик. Со текот на времето, во периодот на турското владеење дури се вметнувале и турски зборови. Бројот на овие грамоти (хрисовули) е поголем, и без разлика на фактот што некои од нив се фалсификати со цел да се зачува или присвои некој имот, тие се интересни за проучување од историско и лингвистичко гледиште (Калиманова грамота, Виргинска грамота и др.). Поука за овој час: Oд мнoгумина кoи брзаат да сe збoгатат ќe слушнeш ваквo oправдувањe: “Кoга ќe сe збoгатам, ќe мoжам да правам дoбри дeла!” Нe вeрувај им, бидeјќи тe мамат и тeбe и сeбeси. Свeти Јoван Лeствичник длабoкo ги пoзнал и најскриeнитe пoбуди на чoвeчката душа кoга рeкoл: “Срeбрoљубиeтo запoчнува сo прeтпoставка да сe прави милoстиња, а сe завршува сo oмраза кoн бeднитe”. Oва сe пoтврдува кај ситe срeбрoљупци, мнoгу бoгати и малку бoгати. Oбичнo, луѓeтo гoвoрат: “Акo имам пари, јас би направил таквo и таквo дoбрo дeлo!” Нe вeрувај им. Од расудување: Бигорски манастир


ФОНЕТИКА И ФОНОЛОГИЈА Фонетиката (според гр. φωνή = глас, звук) е дел од науката за јазикот која ги проучува гласовите, гласовните промени и закони и акцентот. Таа се занимава со говорните и неговорните (неартикулираните) гласови, нивното образување, физичките особини и начинот на кој мозокот создава претстава за гласовите). Фонетиката се дели на: 1. Артикулациона фонетика - се занимава со положбата на говорните органи (усни, јазик, усна празнина, непца, гласни жици и сл.) при изговорот на гласовите. 2. Акустична фонетика - се занимава со физичките особини на звучните бранови (висина, гласност, времетраење). 3. Перцептивна (аудитивна) фонетика - начинот на кој се воспримемат (перцепираат) гласовите со помош на органите за слух, т.е. соодносот меѓу гласот што се изговара и гласот што се слуша. 4. Функционална фонетика (фонологија) - се занимава со функциите на гласовите во зборовите на еден јазик. Постојат четири раздели на фонетиката: 1. Историска (дијахрониска) фонетика - го проучува историскиот развој на гласовите во еден јазик;


2. Описна (дескриптивна) фонетика - дава опис на гласовите во еден јазик; 3. Споредбена (компаративна) фонетика - врши споредба на гласовите во два или повеќе сродни јазици; 4. Експериментална фонетика - ги проучува гласовите со помош на експерименти. Гласот е најмала јазична единица од која се составени зборовите. Таа е и најмала артикулациона единица која може да се издели од зборот. Во македонскиот литературен јазик има 31 глас, во некои од дијалектите има нешто повеќе или помалку гласови. Писмениот знак (графема) со кој се бележи гласот се вика буква. Во македонскиот правопис има онолку букви колку што има гласови. Кога гласовите во зборовите ги изговараме според некој редослед (правило) тие имаат функција да ги разликуваат зборовите и да им даваат ново значење. Така, ако ги подредиме поинаку гласовите: ч, н, и, е, к, у; може да ги добиеме зборовите: ученик, унечки (престилки), укине, чукне, и сл. Така подредени гласовите се нарекуваат фонеми. Фонемите вршат смисловно разликувачка функција во зборовите. Според некои лингвисти, фонемите се збир на дистинктивни (разликувачки) признаци. Тие се предмет проучување на фонологијата, а со гласовите се занимава фонетиката.


ПОДЕЛБА НА ГЛАСОВИТЕ Поделбата на гласовите во еден јазик се засновува врз отсуството или присуството на пречки при нивниот изговор. Кога се изговараат самогласките (вокалите) воздушната струја не наидува на никакви пречки и слободно минува низ усната празнина. При изговорот на согласките (консонантите) воздушната струја наидува на пречки во вид на преграда или теснина во усната празнина, или пак, истовремено и на двете пречки. Друга важна особеност на самогласките е слоготворната функција. Низата од самогласка и една или повеќе согласки се вика слог. Но слог може да образува и само една самогласка (на, под, труд, брест, и, е). Слоготворна функција може да врши и согласката р под определени услови (кога се наоѓа меѓу две согласки - црн, врв, прст; кога се наоѓа на почетокот на зборот пред согласка - ’рбет, ’рж; и кога ќе се најде зад претставка (префикс) кој завршува на самогласка - за’рти, по’ржи). Во последните два услова пред р се пишува апостроф (’). Ваквата особеност на р е останата од нашиот стар јазик во кој слоготворна функција во определена положба вршела и согласката л.


Во македонскиот литературен јазик има пет самогласки: а, е, и, о, у. Поделбата на самогласките може да се изврши по повеќе основи: 1. Според движењето на јазикот напред - назад: предни (е, и); средно (а); задни (о, у). 2. Според издигањето на јазикот: високи (и, у); средни (е, и) и ниско (а). 3. Според положбата на усните: заокружени (о, у) и незаокружени (е, и, а).

Самогласките според издигање на јазикот високи средни

предни

средно

задни

И

У

Е

О

ниско

А незаокружени

заокружени

Во повеќе од македонските дијалекти има уште еден т.н. темен вокал кој во правописот се бележи со апостроф (’), а во науката со (ӑ).


Бројот на согласките во нашиот литературен јазик е 26. Нив може да ги поделиме по повеќе основи: според местото на образувањето; според начинот на образувањето и според звучноста. 1. Според местото на образувањето во усната празнина согласките ги делиме на: уснени: б, п, м, в, ф; забновенечни: д, т, л, н, с, з, ц, ѕ; венечни: ж, ш, џ, ч, љ, р; тврдонепчени: ѓ, ќ, ј, њ; меконепчени: к, г, х. 2. Поделбата на согласките според начинот на образувањето се прави врз основа на пречките што се создаваат при нивниот изговор. Кај некои согласки пред да се изговорат за момент се создава преграда во усната празнина која се руши од воздушната струја. Кај други се создава теснина низ кој минува воздушната струја. Кај една помала група согласки најпрвин се создава преграда, а потоа и теснина низ која струи воздухот. Според начинот на образувањето согласките ги делиме на:


преградни (избувливи): п, б, м, т, д, н, њ, к, г; теснински (струјни): с, з, ш, ж, ф, в, л, љ, ј, р, х; преградно-теснински: ќ, ѓ, ч, џ, ц, ѕ. Преглед на согласките по начин и по место на образување

преградни теснински

забно- венечни тврдомекоуснени венечни непчени непчени бпм дтн њ гк вф

зсл

жшљр

ј

х

преградно-теснински ѕц џч ќѓ 3. Според (не)треперењето на гласните жици согласките ги делиме на: звучни, безвучни и сонанти (кои се најзвучни). Од табелата подолу се гледа дека секоја безвучна согласка (освен согласката х) има свој звучен парник. Поделба на согласките по звучност звучни б в г д ѓ ж з ѕ џ безвучни п ф к т ќ ш с ц ч х сонанти р л љ м н њ ј


ГЛАСОВНИ ПРОМЕНИ Многу често во изговорот на гласовите во зборовите доаѓа до промени. Тие промени настануваат според определени правила кои се својствени на еден јазик. Најчесто се поттикнати од внатрешниот развој на јазикот, но не ретко се резултат на надворешни влијанија. Некои од гласовните промени биле карактеристични во минатото (трите палатализации, јотувањето), други се јавиле подоцна (едначењето по звучност, обезвучувањето на согласките). Покрај последниве две гласовни промени би ги набележиле уште и: редувањето на согласките и на самогласките, нивното испуштање, преместувањето, вметнувањето на гласовите и сл. Едначењето по звучност се јавува кога ќе се најдат во непосреден допир две согласки различни по звучност, на границата на две морфеми во рамките на еден збор. Едначењето се врши според втората согласка: ако таа е безвучна, и првата (звучна) ќе помине во најсродна безвучна согласка (рид + че = ритче, тежок + ка = тешка); ако втората е звучна, и првата (безвучна) ќе помина во најсродна звучна согласка (сват +ба = свадба, мирис + ба = миризба). Едначењето по звучност се врши и кај префиксираните зборови:


(отспие, натпис, беспомошен, распушти, потфати, восхит). Притоа, ако претставката (префиксот) завршува на иста согласка со која почнува префиксираниот збор, може да дојде до удвојување или до асимилација на согласките ( оддел, поддава, раззелени, оттука < одтука; но: одамна < оддамна, безвучен < беззвучен, расони < рассони < разсони, исели <иссели < изсели). Остапување од едначењето по звучност имаме во следниве случаи: Не се бележи едначењето на д пред наставките -ски, -ство, -ствен и -ци (охридски, водство, производствен, предци). Не се бележи едначењето на д и на другите звучни согласки пред наставката -та (жедта, ’ржта, скрбта, глеѓта). Не се бележи едначењето на в пред безвучна согласка (втор, мравка, вкупно, овца, кичевски, вчера, овчар). Согласката г не се едначи во бегство, другпат. Не се врши едначење во зборовите од типот: десетгодишен петдневен, деветдневен. Во имињата од туѓо потекло обично не се бележи едначењето: Вашингтон, Петерсбург, Мусоргски.


Обезвучувањето на согласките на крајот на зборот во изговорот е редовна појава во нашиот јазик (се пишува: леб, град, снег, еж, мраз, прав, глеѓ (се изговара леп, грат, снек, еш, мрас, праф, глеќ). Обезвучувањето може да оди и на препоследната согласка, а последната дури и да се изгуби: дожд, грозд (изговор: дош, грос). На претходната појава се надоврзува и губењето на согласките на крајот на зборот (се пишува: младост, мост, пришт, Горазд (се изговара: младос, мос, приш, Горас). Според една фонетска законитост, на крајот на зборот се распаѓаат оние групи што се вообичаени на почетокот на зборот (стар, штипе, здрав, ждребе; наспроти: радост, пришт, грозд, дожд; кои даваат радос, приш, грос, дош). Редувањето (промената) на гласовите ги засега не само согласките, но и самогласките. Може да стане како во коренот на зборот, така и во средината или на крајот на зборот. Спореди кај самогласките: роди:раѓа; избере:избор:избира:избран; и кај согласките: дух:душа; брат:браќа; бог:божествен; волк:волци. Испуштањето на гласовите станува според одредени законитости кај самогласките: старец:старци; потомок:потомци; добар:добро:добра; како и кај согласките: гроздје:грозје; пост:посен; училиште:училишна.


ПРАВОПИС И ПРАВОГОВОР Правописот (ортографијата) и правоговорот (ортоепијата) се дел од нормите на еден литературен јазик кои како предмет го имаат правилното пишување на зборовите, односно правилниот изговор на тоа што е напишано или изговорено. Правилата како треба да се пишуваат и изговараат зборовите се поместени во правописните и правоговорните речници. Тие правила се задолжителни за сите оние што се служат со стандардната (литературната) форма на еден јазик. Правописот е збир од правила за пишување на зборовите, но исто така и за употреба на интерпункциските и правописните знаци. Добар дел од правописните правила се однесуваат на транскрипцијата на туѓите имиња со наше (кирилично) писмо. Во правописот има поглавје за пренесување (предавање) на наши имиња и зборови со латинично писмо; пишување на сложените зборови; како и поглавје со акцентот во нашите (домашни) зборови и кај оние од туѓо потекло и сл. Правоговорот како дел од литературната норма се однесува на вербалната употреба на еден јазик. Особено го објаснува правилниот изговор на зборовите, (во нивните рамки - на гласовите), посебно на звучните согласки на крајот на зборовите. Предмет на правоговорот


исто така е акцентот со акцентските целости, но и интонацијата и паузите во говорот. Овие и други елементи придонесуваат за правилната дикција и се составен дел на една наставна област наречена култура на говорот. Иако во основа станува збор за две подрачја пишување и говорење, во практика нормите и законитостите што ја регулираат нивната правилна употреба се поместени во правописот. Постојат повеќе начела (принципи) врз кои се уредуваат правилата на правописот. Но ниедно од нив не се јавува во својот чист вид. Првото од тие начела е фонетското (поправилно: фонолошкото). Тоа се применува во правописот на македонскиот литературен јазик, како и во српскиот, хрватскиот, босанскиот, црногорскиот, албанскиот и во други јазици. Тоа значи за секој глас во азбуката (писмото) има одредена буква (графема) и зборовите се изговараат онака како што се напишани (со извесни исклучоци). Во морфолошкото (поправилно: морфонолошкото) начело се води сметка за разграничување на морфемите во рамките на еден збор. Тоа значи дека корените на зборовите, претставките, наставките и сл. се пишуваат еднакво во сите зборови.


Врз тоа начело повеќе или помалку се засновуваат на пр. правописите во бугарскиот и рускиот јазик. (спореди: източно, представка; русский, иностранных). Но во ред случаи се води сметка и за традиционалното (историското) начело. Во етимолошкото (историското) начело, за кое некои сметаат дека се две начела (принципи), се зачувани норми од постариот период на развитокот на јазикот. Таков е правописот во англискиот и францускиот јазик. Според некои лингвисти постојат и други правописни начела (идеографско, семантичко и сл.). Основите на правилата за пишување на македонски литературен јазик се поставени во Македонскиот правопис (7. 6. 1945), само еден месец по усвојувањето на македонската азбука (3. 5. 1945). По пет години излегува второто издание под наслов Македонски правопис со правописен речник кое е поправено и дополнето, и кое содржи правописен речник. Во 1969 година се појавува Правопис на македонскиот литературен јазик во кој поопширно и поуточнето се обработени правилата од претходното издание. Во следната година (1970) изданието е дополнето со правописен речник (од околу 30000 зборови). Во 1998 год. излегува новото издание под наслов Правопис на македонскиот литературен јазик во 11 поглавја со


извесни изменувања и дополнувања, особено во делот Транскрипција на туѓите имиња. Во 1999 година се појавува како посебно издание Правописен речник на македонскиот литературен јазик со над 42000 речнички единици (автор Кирил Конески). Во него покрај правописни има и правоговорни укажувања преку бележење на акцентот кај некои зборови, за да се насочи на правилниот изговор (година́ва, зима́ва, лето́во, бере́јќи, новои́збран, интервју́), или кај зборовите со двоен акцент (е́кра́н, му́зе́јски) и сл. Иако во Правописот од 1998 се одразуваше современата правописна норма во нашиот јазик, некои од понудените решенија не беа најсреќно избрани (Кинеска, жителка на Кина, наместо Кинезинка; во поглавјето транслитерација - предавање на наши имиња со латиница и сл.). Но додека се во сила, правописните правила треба да се почитуваат. Во спротивно, непочитувањата ќе се сметаат за правописни грешки! Цитат за овој час: На тиiе два принципа одгоарат: 1, Прилепцко-Битол'цкото наречиiе за литературен iазик, као iеднакво далеко и от србцкиiот и бугарцкиiот iазик, и централно во Македониiа. 2, фонетичниiот праопис со употребените во таiа книга писмени знакои и со мали отстапки на етимологиiата и 3, речничниiот материiал да iет собраiн'е от сите македонцки наречиiа. Крсте Петков Мисирков, 1903 година


ПРАВОПИС НА СОГЛАСКИТЕ Во ова и следните поглавја што се однесуваат на правописот може да има несовпаѓање со правописните правила според новиот Правопис (2016). Ве молиме имајте го тоа предвид. Ј. Поради неинтензивниот изговор во некои позиции, а особено пред самогласките е и и, доаѓа до колебање при неговото пишување. Пред и се пишува во суфиксот -ји кај придавките: божји, кравји, рибји. Не се пишува ј зад ч: волчи, овчи. Но птичји! Во другите случаи пред и не се пишува ј. (Во Правописот не се засегнати имиња од типот јидиш -јазик, Јирген - име и сл.)! Пред е се пишува ј: во почетокот на некои туѓи имиња и зборови: Јена, Јемен, јеремонах, језуит; меѓу три самогласки: доајен, фоаје; зад суфиксот -је: здравје, копје и збирната наставка -је: нивје, колје. Во другите случаи ј не се пишува пред е: На почетокот еден, езеро, Евреин, во средината меѓу две самогласки биеше, знае, никое, дуе, вее, Индиец,(но Индијка), Гвинеец, (но Гвинејка). Исто така не се пишува и во машки род кај придавките од типот значаен, буен, семеен, двоен, (но во женски и среден род значајна, бујно, семејна, двојно). Меѓу самогласките и и а, како и меѓу о и а, односно у и а секогаш се


пишува ј Македонија, Марија, материја, радија (од радио); боја, Стојан, кројач; чујам, трујачка, дујат, собујам. Од подруг тип се примерите како иако, антиамерикански, односно глаголските форми отидоа, видоа, како и решоа,(од решо), буржоазија. Ј се пишува меѓу е и а во зборови и имиња од туѓо потекло алеја, идеја, (но: идеален, идеализам), епопеја, ономатопеја, Гвинеја, Јудеја; како и кај изведените именки од глаголи, со наставките -ач (-јач), -ачка (-јачка) пејач, грејач, пејачка, живејачка; и кај придавките вејачка (машина), пејачка (група). Ј се пишува меѓу две а (аа) во одделни зборови и лични имиња одаја, вајар, раја, Трајан, Маја; во изведени именки со наставките -јач, -јачка, -јачница, бајач, ткајачка, ткајачница; како и во формите на минато определено свршено време (аорист) и глаголската л-форма истраја, залаја, се покаја, се покајал, потрајал, ткајал. Формите на глаголите на кои општиот дел им завршува на -а-, во сегашното време се пишуваат без ј лаат, ткаам, траам. Без ј се пишуваат заменските форми оваа, таа, онаа. Меѓу самоглските и и о се пишува ј во формите за повикување кај именките на -ија Македонијо, Маријо, змијо. Во зборови од туѓо


потекло не се пишува ј стадион, студио, национален, марионета. Во самогласните групи ако втората самогласка е о или у не се пишува ј свиок, географија, зоологија, биологија, виулица, калиум, триумф. Во групи од три самогласки една до друга, меѓу втората и третата се пишува ј фоаје, досиеја, пееја, виеја, ткаеја, знаеја, (се) белееја. Се пишува ј во формите за искажување заповед кај глаголите кои во општиот дел завршуваат на -и- пиј (од пие), биј, миј, шиј; бијте (од бие), мијте (од мие), шијте (од шие). Не се пишува ј меѓу две самогласки кои се во состав на компоненти во сложени зборови триаголник, антиамерикански, иако, триангла, диода. Не се пишува ј пред наставката -ски во придавки и прилози изведени од именки кои завршуваат на -ија змиски, историски, англиски, како и пред наставките -ство, ствен убиство, убиствен. Поука за овој час: Токму затоа Филип Македонски – како што е опишано во историјата, кога истовремено му дошле три радосни и почесни известувања – го извадил својот скап прстен и го фрлил во морето, за да ја смири својата прекумерна радост со загубата на својот прстен. ’За секој случај‘, рекол, ’не сум способен да ги издржам многубројните несреќи што истовремено може да ме снајдат‘.” Старец Јосиф Исихаст


Л, Љ. Колебањето при пишувањето кај овие согласки доаѓа од нивниот еднаков изговор пред самогласките е и и и сонантот ј. Соглската љ се пишува пред самогласките а, о, у, пред други согласки и на крајот на зборовите Каља, беља, рубља, Дељо, Иљо, Кољо, љубов, Љуба, Љупчо, вљубен, Љубојно, виљушка, пељуш, Каљуш; фељтон, Иљчо; биљбиљ, детаљ, детаљна, детаљно, (но детален), тељ. Во множинските форми кај именките на кои основата им завршува на -љ, се пишува л бели, рубли, биљбили, детали. Како дијалектизми се сметаат кључ, недеља, љут, љутеница, чешељ, сољ, чељад и др. Правилно се изговара и се пишува со л клуч, недела, лут, чешел, челад и сл. Л се пишува и изговара во формите кај глаголите од и-група делат (од дели), молат, жалам, велам, мислат и во именките изведени од нив делба, молба, жалба, мисла и сл. Пред самогласките е и и и пред ј се пишува само л леб, млеко, лето, поле; боли, лице, ливада, бели; билје (се изговара биљје), зелје, релјеф, илјада (се изговара иљјада), Смилјана, (се изговара Смиљјана), фотелја, неволја, ролја; во множина фотелји, неволји, ролји.


Ќ, Ѓ. Изговорот на овие согласки во некои говори може да биде поинаков од литературните форми кои се образуваат на тврдото непце. Како резултат на тоа се јавува колебање при нивното пишување и изговарање, особено во позиција пред самогласките е и и. Согласката ќ се изговара и пишува во зборовите и формите: Божик (и Божиќ), божикен (божиќен), божикна (божиќна), веќе, вреќа, -и, гаќи, домаќин, куќа, -и, куќен, моќ, моќен, моќна, плеќа, -и, свеќа, -и, среќа, среќен, ќерка, цвеќе, цвеќиња, праќа, ж. р. - праќи. Ќ се пишува во честичката ќе и во наставката -јќи, како и во именки кои завршуваат на -т, или во глаголи кои завршуваат на -т: гледајќи, пишувајќи; брут - бруќе, работа - рабоќе; Тибет - Тибеќанец, Сопот сопоќанец; плати - плаќа, прати - праќа, сети - сеќава, срете - среќава. Наместо со ќ како што е во некои говори, во литературниот јазик се препорачуваат формите со ш(т): маштеница (не маќеница), маштеа, паштерка, сношти, имашлив и сл. Само со ш(т) се и други зборови: помош, помошен, горештина, плешка, (но и плеќа), пештера, свештеник, овошје, јагнешко, Понекогаш употребата на ш(т) и ќ се користи за означување на разлики во значењата: немоќен (бессилен), немошен (слаб, болен). За неправилна се смета употребата на ќ во


зборови како лошоќа, доброќа, самоќа. Во литературниот јазик тие лексеми завршуваат на наставките -отија, и -ота: лошотија, самотија, доброта, чистота. Ќ се јавува во многу зборови од туѓо потекло (особено од турскиот и грчкиот јазик). Се пишува во сите позиции, освен пред и: ќаја, ќар, ќотек, ќофте, ќуп, ќумур, ќебап, бериќет, ќесе, мустаќ - мустаќи, и мустак - мустаци; Пред и се пишува к: кибрит, килим, килер, кирија, килибар, Кирил, Шакир, Бекир, Зекир. Ѓ се пишува и изговара во зборовите како: веѓа - веѓи, лаѓа - лаѓи, саѓа - саѓи, меѓа - меѓи, преѓеска, преѓешен, ‘рѓа, ‘рѓосува, туѓ, туѓи; во множината од човек - луѓе. Ѓ се јавува во формите за збирна множина кај именките на -да, во изведените именки со суфиксот -јанец (мн. -јани) кај именките кои завршуваат на -д и кај глаголите чија основа завршува на -д: грамада грамаѓе, ливада - ливаѓе, вода - воѓе (и водје); Охрид - охриѓанец, охриѓани, Белград - белграѓанец, Швеѓани, Шкотланѓани; дојде - доаѓа, зајде - заоѓа, роди - раѓа, најде - наоѓа, виде - виѓа (и виѓава). Наместо со ѓ одделни зборови се пишуваат со -ж(д): кражба (не краѓа), премреже, межник, (и меѓник), нужда.


Ѓ се јавува во многи зборови од туѓо потекло (најчесто од турскиот и грчкиот јазик): ѓавол, ѓон, ѓоа(мити), ѓубре, ѓуле. Во некои зборови пред е се пишува ѓ, а во други г: ѓеврек, ѓезве, ѓердан, ѓерѓеф, калуѓер, маѓер; но: ангел, гемија, гемиџија, генерал; и во личните имиња: Ангел, Ангелина, Генадија, Гевгелија. Џ. Обемот на зборови во кои се јавува џ е ограничен. Согласката џ се пишува место ж во лексемите: вџаши, џагор, џбара, џбитак, џбура, џвака, џврка, џган; и место ч по едначењето по звучност: лиџба, нараџба, враџба, срџба (и срдба). Џ се среќава пред самогласки и зад сонанти во некои туѓи зборови, како и во суфиксите -џија, -џика, -џилница: џем, џемпер, џентлемен, џабе, џам, џамија, оџа, џеб, џигер; манџа, анџар, филџан, џумбуш; џин; казанџија, калајџија, филмаџија, атерџика, манаџика, бозаџилница. Ѕ. Глас карактеристичен за нашиот јазик. Го нема во соседните словенски јазици. Се јавува пред самогласки обично на почетокот на зборовите: ѕевгар, ѕенѕа, ѕе! (изв. во детскиот говор, и како именка = видување, дојде на едно ѕе!), ѕиври, ѕид, ѕидар, ѕидоса, ѕирка, ѕирне, ѕуница, како и зад претставки: заѕида, обѕира се, преѕида, проѕирен... Ѕ се среќава и во повеќе имиња и прекари: Ѕана, Ѕака, Ѕанѕе, Ѕоѕе...


Ѕ се јавува пред в и р, и зад н во повеќе зборови: ѕвезда, ѕвекне, ѕвер, ѕвечи, ѕвизак, ѕвон, ѕвони; наѕре, ѕрне, ѕрцала; ѕенѕа, јанѕа, ганѕало... По аналогија во некои говори се слуша бенѕин. Правилната форма е бензин. Во некои говори во множината на некои именки се изговара: ноѕе, белеѕи, полоѕи, (и белеци, полоци од обезвученото г во белег и полог) Литературната форма на овие и слични зборови е: нозе, белези, полози, ковчези, солзи, молзница. Цитат за овој час: Душата на смирениот човек е како море. Каменот што ќе го фрлиш во него за момент го разбранува на површината,а потоа потонува во длабочината. Така и неволјите брзо потонуваат во душата на смирениот човек, бидејќи со него е силата Господова. Каде ќе престојуваш смирена душо? Кој живее во тебе и со што да те споредам? Ти гориш светло како сонце и не согоруваш, туку со својата топлина сите ги грееш. Тебе ти припаѓа земјата на кротките, според зборовите на Господа. Слична си на цветна градина во која има прекрасен дом каде што сака да престојува Господ. Тебе те возљубиле апостолите, пророците, светителите и преподобните. Тебе те љубат ангелите, серафимите,и херувимите. Тебе те љуби и ти се радува Господ... Старец Силуан


В. Во литературниот јазик се изговара и се пишува в меѓу две самогласки во зборовите, за разлика од повеќе говори од западното наречје во кои тоа се испушта. Гласот в го има во одделни зборови: човек, глава, прави, ковач, јавор, невеста, говор. Во таква положба се наоѓа и со додавање на некои суфикси: -вина: ладовина, половина; -ица: ластовица, брадавица; -ец: вдовец, трговец; -ва: основа, добива, покрива, обува, среќава, решава; -иште: зимовиште, летовиште, -ува: зборува, верува, -вит: вековит, гласовит, ветровит. Согласката в се наоѓа меѓу две самогласки со додавање на наставки за множина кај едносложните лексеми: -ови, -еви: зборови, броеви, градови; на членските форми -ва, -во, -ве: женава, детево, луѓево, куќиве; и кај формите на придавките на -в, - ав, -ов, -ев, -лив: право, крваво, Трајково, Петрево, работливо. Како литературна норма се претпочита пишување и изговор на Кичево, Крушево, Другово, Јанковец, Лесковец, Маловиште... Со в се пишуваат и зборови кои во некои говори ја имаат согласката х: мува, пазува, тивок, прав, правот, страв, грев, гревота, сув, суви, суводолица, глув, глувост, глуварче ...


На почетокот в се пишува во зборови како: вдовец, вдовица, втор, вторник, вчера, вчеравечер, внатре, внук, внука, внесе, влезе и сл.; како и во визба, вистина, вистински, виме (кај крави, овци, кози). В се пишува во чувство, чувствува, чувствителен, и во суфиксите -ство, -вски: братство, водство, беровски, тетовски. Кај презимињата предмет е на личен избор пишувањето и изговорот со или без в, кое треба да се почитува и кое не треба да се менува: Петровски или Петроски, Николевски или Николески. В не се пишува во формите на глаголот зема - земе и во изведените форми: зеде, зел, преземе, заземе; во заемен, заемно, во предлогот место; во заменката сѐ кога таа влегува во сложенки: сеедно, сестран. Не се пишува в кај глаголите од типот на наоѓа, доаѓа, заоѓа и во 3. л. мн. во минато определено време: рекоа, беа, имаа. Поука за овој час: Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум; подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато Книга Мудри Соломонови изреки 3:13-14


Ф се пишува во зборови кои во минатото ја имале групата хв: фали, фалба, фалбаџија, пофалба, фати, фаќа, зафати, прифати, фркне, фрла, фрлач, исфрли, нафрли, префрли. Ф се јавува во многу зборови од туѓо потекло: кафе, кафез, софра, филџан, фурна, фудбал, профил, фабрика, фасада, фосфат, фургон, футрола, фактура, фотографија и во повеќе лични имиња: Никифор, Серафим, Софре, Софија, Фана, Ефимија, Филип. Х. Гласот х во зборови од домашно потекло се чува само во некои наши говори. Најчесто го има во лексеми од туѓо потекло: хала, халф, харинга, хармоника, хартија, харфа, хектар, хемија, хигиена, хипербола, хлор, монарх, трохеј, хмељ, спахија; и во лични и географски имиња; Хаг, Хавана, Хенри, Хонгхонг, Хирошима, Хасково. Од словенско потекло го има во зборови пренесени по литературен пат: воздух, восхит, дух, приход, расход, поход, успех, храбар, слух, храна, хранарина, прехрана, ходник, хули. Х се среќава во некои лични имиња и презимиња, и географски називи: Христина, Христо, Хари, Хаџитосев, Хаџимишев, Охрид, Пехчево. Во многу зборови согласката х се изгубила: абер, азно, ајвар (и ајвер!),


ајде, ајдук, (и ајдутин), итар, итно, оро, оџа, леб, убав, маало, саат. Во многу зборови на крајот место х се пишува в: Влав, грав, страв, сиромав, грев, мев, орев, врв, глув, очув, пердув, сув; пред самогласка: мува, пазува, руво, уво, чевел; како и пред согласка: бувне, јавне, кивне, бавча, бовча, евла, мевлем, тивка, мувла, пивтија, чевли. Место х се пишува в во наставките за 1. л. едн. и 1. и 2. л. мн во минато определено време: носев, носевме, носевте, чув, чувме, чувте. Цитат за овој час: Сe раскажува за Пeриклe дeка бил чoвeк, бeз малку, сo сoвршeна чoвeчка убавина, нo дeка главата му била прeмнoгу дoлгунeста и личeла на стoмна, така штo прeдизвикувал пoтсмeв кoга и да сe пoјавeл гoлoглав. За да гo скријат oвoј нeгoв нeдoстатoк, на oвoј гoлeм чoвeк на свoјoт нарoд, грчкитe скулптoри сeкoгаш гo правeлe сo шлeм на главата. Кoга нeкoи oд нeзнабoжцитe знаeлe да ги кријат нeдoстатoцитe на свoјoт ближeн, кoлку пoвeќe смe ниe, христијанитe, дoлжни тoа да гo правимe? “Натпрeварувајтe сe вo пoчитувањeтo eдeн кoн друг” (Рим. 12:10), им нарeдува апoстoлoт на oниe кoи сe придржуваат кoн Христа. Какo ќe рeчeмe дeка сe придржувамe кoн Христа крoткиoт и прeчистиoт, акo сeкoј дeн гo труeмe вoздухoт сo приказни за туѓитe грeвoви и нeдoстатoци? Да сe криe свoјата дoбрoдeтeл и туѓиoт нeдoстатoк, вo тoа e главната духoвна мудрoст. Од Расудување Бигорски манастир


УДВОЕНИ СОГЛАСКИ Удвојувањето на согласките е не така ретка појава во нашиот јазик. Се јавува најчесто при префиксирање на зборовите, или пак, со додавање на наставки кон основниот збор. Во некои случаи доаѓа до слевање на согласките и тие се изговараат како една, а во други се чуваат и се пишуваат и двете. Немаме удвојување во следниве примери со претставки: бестрашен, исекне, исели, иситни, расади, расели; во примери со наставки; руски (не русски), воен и военен, воена, воено, воени, камен и каменен, камена, камено, камени; како и при членувањето на именките кои завршуваат на -ст: младоста (не младостта), радоста, гордоста; власта и кај членуваната форма на бројот шест - шесте (не шестте). Удвоените согласки се чуваат и се пишуваат при разграничување на деловите на зборовите и заради разликување на нивното значење. Удвојување на согласките з и с се пишува во префиксираните зборови со без-, из-, раз-; беззабен, беззаконие, безземјен, иззаврзе, иззакрпи, иззоба, иззапали, раззаби, разземе, раззине, раззелени, раззори; но: безвучен, безначаен, безлобен.


Примери во кои се среќава удвоено с: бессилен, бессовесен, бессолен, бессоница, рассали; но бесмртен, бесмислен, обеспокои, обесправи. Удвојување на согласките д, т се јавува во зборови во кои ги има префиксите: од-, над-, пред-, под-: оддаде, оддалеку, одделение, оддолжи, наддава, поддава, поддржи, поддувне, поддуши, но: одамна. Примери во кои се среќава удвоено т: оттаму, оттогаш, оттргне, оттуши, поттекст, поттик, потточка, поттури, наттрча. Се пишува удвоено т кај членуваните именки од ж. род кои завршуваат на -т: животта, потта, пролетта, смртта; како и во членуваните форми на простите и редните броеви кои завршуваат на -т: петте, деветте, десетте, дваесетте и сл.; петти, деветти, триесетти. Но: шесте, шести. Се прави разлика меѓу дропката (една) петтина (петти дел), тринасеттина, (тринасетти дел), дваесеттина и бројната именка која означува приближен број петина, тринаесетина, дванаесетина. Удвоено ј имаме во формите на суперлативот кај придавките: најјак, најјасен, најјужен. Во некои зборови има удвоено л: каллив, јамболлија, бакаллак; н: воннаставен; односно м: седуммина, осуммина (но членувано: седумтемина, осумтемина, неправилно е седуммината, осуммината).


СЛЕАНО И РАЗДЕЛЕНО ПИШУВАЊЕ НА ЗБОРОВИТЕ Колебањата при пишувањето на сложени зборови се јавуваат кога постапката при нивното создавање не е целосно завршена, или составните делови си го задржуваат своето основно значење. Во таков случај се пишуваат со цртичка или разделено. Слеано се пишуваат сложените именки чии составни делови се поврзуваат со самогласките о или е, потоа, едниот дел е заповедна форма од глагол, или пак, придавка (во имиња на празници): текстописец, умотворба, ороводец, водовод, сончоглед, ракопис, риболов, југоисток, северозапад; неранимајко, развигор, палидрвце, вртикуќник; Велигден, Петровден, Илинден, Ѓурѓовден, Митровден. Слеано се пишуваат и сложените географски имиња (со или без сврзувачки елемент) Лазарополе, Суводол, Новоселани; Белград, Иванград, Санкт Петерсбург (Петровград). Слеано се пишуваат именките во кои првиот дел е пол- или полу-: полден, полноќ, полчас, полоканик, полубрат, полубог, полувреме, полугодие, полупречник, полутопка, полувистина, полупроизвод, полукруг, полуфинале, полуостров, но пол позиција! (кај трките).


Слеано се пишуваат сложените именки кај кои во првиот дел се јавуваат туѓите елементи: авио-, авто-, астро-, аудио-, видео-, галвано-, дактило-, електро-, кино-, космо-, макро-, микро-, невро-, псеудо-, радио-, рендгено-, рото-, спектро-, стерео-, стено-, страто-, супер-, ултра-, физио-, фото-, хелио-, хидро- хипер-, хипо-, и уште: мега-, теле-, интер-, техно-, гига-, кило-, нано-, а вториот дел може да биде збор од домашно потекло:авиопревоз, астроном, микроскоп, мегабајти, макробиотика, стенограм, технолог, радиоврска, автопат, кинопретстава, суперсила. Се пишува Радио Скопје, Македонско радио, Дојче Веле Радио, Радио Слободна Европа, Радио Гласот на Америка. Многу често сложените зборови од туѓо потекло се преземаат со извесни прилагодувања според нормите на нашиот јазик: контраофанзива, вицепретседател, хиперпродукција, суперкомисија. Како сложени именки се пишуваат хемиски соединенија, мерни единици и инструменти и сл.: метилалхохол, сулфурводород, јаглерод диоксид, килограм, децилитар, манометар, барометар. (Иако правописните правила треба да се спазуваат, нивната примена во стручната терминологија треба да се преразгледа и осовремени, или дури и упрости): Глукозаеденфосфатурилдитрансфераза


Честопати како прв составен дел на сложената именка се јавува број: двокатница, триаголник, тромеѓа, стоденарка, осмоодделенец, второкласник, тримесечје, стоногалка, првоборец. Слеано се пишуваат сложените именки чиј втор дел е годишнина: дваесетипетгодишнина, стогодишнина. Доколку првиот дел се претстави со цифри, тогаш деловите се поврзуваат со цртичка: 100-годишнина, 25-годишнина. Слеано се пишуваат и сложените именки чиј прв дел е заменска форма: себељубец, себеизразување, себеиспитување, севкупност, сезналец, сезнајко, сенештар, сенештарница, самодејност, самодржавие и самодржавје, самоизмама, самообразование, самоубедување, самоцел. Цитат за овој час: Македонија го има својот прв Илинден проследен со крвави денови на пораз и на тешки страдања во текот на четврт век. Таа ќе го има и својот втор Илинден, но веќе при идната нова и сигурна епоха на блиски победи и ослободување. Овој втор Илинден е близок, тој доаѓа... Димо Хаџи Димов, 1924


Со цртичка се поврзуваат личните имиња кои зад себе имаат друг назив: Насрадин-оџа, Смаил-ага, Даут-паша, Џингиз-хан. Кога определбата е пред името се пишува разделено и може да се членува поп Милан, попот Милан. Кај презимињата определбата може и наполно да се слее: Поп Стојанов, Поп-Стојанов, Попстојанов. Кога кон личното име се додава уште едно презиме или прекар, тоа се одделува со цртичка: Марија Кири-Склодовска, Кузман Јосифовски-Питу; Радмила Угринова-Скаловска, Лилјана Петрова-Ивановска, Со цртичка се поврзуваат именки кои меѓу себе се дополнуваат и означуваат еден поим:предлог-закон, заменик-министер, бруто-приход, жиро-сметка, генерал-мајор, пинг-понг, прес-конференција, џез-музика, фикс-идеја, ват-секунда (W-секунда), волт-ампер (V-ампер), А-дур, Авитамин, δ-зраци (делта-зраци). Кога се определуваат ваквите именки, се членува вториот дел: предлог-законот,жиро-сметката. Цртичка се пишува во состави како овие: бит-пазар, дроп-сарма, турли-тава, леблеби-шеќер, ќор-сокак, раки-сапун, сол-пипер, сода-вода. Разделено се пишуваат сложени географски имиња: Ново Село, Шар Планина, Демир Капија, Мала Азија, Бело Море, Нов Јужен Велс. Изведените именки и придавки од овие и слични сложенки се пишуваат


како еден збор: новоселец, новоселски, демиркаписки, Црногорец, Јужноамериканец, кривопаланечки, тихоокеански, малоазиски. Слеано се пишуваат сложените придавки чии составни делови се поврзуваат со самогласките о или е: белобрад, русокос, лицемерен, очевиден; сложени придавки чиј прв дел е пол- (полу-), број, како и сложените придавки чиј втор дел е -годишен, -месечен, -дневен, -часовен, -вековен, -минутен: полчасовен, полугол, полугладен, полгодишен и полугодишен; тродимензионален, првороден, третосложен; тригодишен, петмесечен, четириесетдневен, дваесетчасовен, петвековен, десетминутен. Доколку првата компонента е поголем број или сложен израз може да се употреби цртичка: 40-дневен, 20-часовен, 105-годишен. Уште: 145-метарска (скокалница). Слеано се пишуваат сложените придавки на кои првиот составен дел е заменска форма или прилог или збор со кој се означува нијанса на определена боја: секидневен и секојдневен, семоќен, своерачен, самостоен, општонароден; многуброен, повеќедневен, неколкудневен, долупотпишан; темноцрвен, светложолт, темнозелен. Со разделеното пишување како долу потпишаниот; и црно-црвен се истакнуваат посебно деловите, односно нивната самостојност (црна и црвена боја).


Слеано се пишуваат и: народноослободителен, социјалдемократски, како броевите од 11 до 19 (осумнаесет), десетиците од 20 до 90 (педесет), стотиците од 200 (двесте, триста) до 900 (осумстотини); бројните именки: петмина, осуммина, седумдесетмина; приближните броеви: десетина, триесетина, седумдесетина; бројните придавки (редните броеви) изведени од 11 до 90 (осумнаесетти) и од 200 до 900 (двестоти и двестотен, тристоти и тристотен). Бројните придавки може да се пишуваат и вака: 11-ти, 90-ти, 200-ти, 900-ти. Сложените бројни изрази и бројни придавки се пишуваат разделено: триесет и три, триста дваесет и осум, две илјади петстотини и дванаесет; дваесет и трети, две илјади и дванаесеттата. Кратките заменски форми кога се употребуваат со присвојно значење зад именки што означуваат сродство се пишуваат одделно: татко ми, мајка ти, брат му, дедо им, сестра ви. Одделно се пишува и повратната заменка си: татко си, мајка си. Се допушта себе си и себеси со извесно нијансирање во значењата. Слеано се пишуваат сврзниците добиени од лично-предметните заменки кој, чиј и што: којшто, којашто, коешто, коишто, чијшто, чијашто, чиешто, чиишто. Другите односни сврзници во кои има што се


пишуваат разделено: кај што и каде што, како што, каков (каква, какво, какви) што, колку што; но и други сложени сврзници: само што, освен што, макар што, така што (но тукушто и штотуку). Со цртичка се поврзуваат сложените придавки на кои составните делови го задржуваат основното значење: македонско-бугарски (речник), штипско-струмички (говори), општествено-јазична (насока), Црвени-бели образи девојчински ги лажат очите ергенски (народна). Со цртичка се пишуваат приближните броеви, приближните бројни именки и деловите на неопределените заменки и сложени прилози: два-три, три-четири, седум-осум, пет-шеснаесет, три-четири стотини, седум-осум стотини; два-тројца, три-четворица, пет-шестмина, петшеесетмина; кој-годе, која-годе, кое-годе, кои-годе, кого-годе, комугоде, што-годе, каков-годе, каква-годе; кај-годе, колку-годе, како-годе, ден-денес и ден-денеска, лека-полека, згора-згора, криво-лево (но и криволево), надве-натри, овде-онде. Понекогаш се допушта двојство: одвреме навреме и одвреме-навреме, открај накрај и открај-накрај. Разделено се пишуваат изразите: од сѐ срце, са лето, са ноќ, са година, на пример (скр. на пр.) сѐ уште (но сепак), од кај, (и од каде), до кај (прашално), но како предлози: откај, докај, насред, наспроти, поради.


Слеано се пишуваат сложените прилози со -пат или -пати како составен дел: првпат, вторпат, третпат; двапати, трипати, четирипати, петпати, осумпати, стопати, сто дваесет и петпати; уште и секојпат, многупати, неколкупати. Кога двете компоненти посебно ги истакнуваме и акцентираме, ги пишуваме разделено: втор пат, четири пати, често пати, повеќе пати. Прилозите на кои првиот дел им е број може да се пишуваат и вака: 14 пати, 27 пати. Разделено може да се пишуваат и прилозите: колкумина (и колку мина), повеќемина (и повеќе мина), неколкумина (и неколку мина) и сл. Бидејќи мина не посебен збор, не се членува, но се членува првиот дел од сложениот збор: петтемина (петте мина), десеттемина (десетте мина). Неправилно е и не се допушта: петмината, осуммината, десетмината, пет мината. Слеано се пишуваат сложените сврзници: зашто, додека, одошто, доколку (и до колку) и модалните зборови: можеби, речиси, меѓутоа... Кога честичката не се придодава на именка или придавка и со нив образува нов збор, се пишува слеано: невистина, неморал, нечовек, незнаење, неразбирање, нездрав, невешт, недопечен, неканет, невин. Но кога се користи за спротивставување на искази се пишува одделно: Не допечен, ами препечен е лебот!


Слеано се пишуваат не и други честички (ни, по, нај, се) кај прилози, придавки, заменки, кај некои глаголски форми и образувања и сл.: некаде, некако, некогашен, некој, нешто; нечиј, никаде, никогаш, никако, никој, ничиј, ништо; поголем, помал, најголем, најмал, (и појунак, попријател, помајстор, најмајстор); повеќе, полани, попрвин, порано, најмногу, најрано, најпосле, секој, сешто, сечиј, секогаш; нели, небаре; понесака, понеслуша, најнесака. Кога меѓу негацијата и глаголот се вметне кратка заменска форма, не се пишува одделно (по не го сака, нај не го сака). Негацијата не се пишува одделно од глаголот: не гледа, не знае, не сака и од глаголскиот прилог: не гледајќи, не знаејќи, не сакајќи но: нејќе, нема, и немајќи, нејќејќи. Поздравите од два или повеќе зборови се пишуваат разделено: добар ден, добро утро, добра ноќ, добре дојде(!?) (поправилно добредојде и добродојде, добро дојде), добро ми дојде, добро те најдов, до видување, до гледање, со здравје; но добровечер, здраво-живо, (членувано: добарденот, здравоживото не ти го сакам!). Цитат за овој час: Сите ние споделуваме една иста судбина наречена Македонија Борис Трајковски, поранешен претседател на РМ


ДЕЛЕЊЕ НА ЗБОРОВИТЕ НА КРАЈОТ ОД РЕДОТ Честопати се јавува потребата да се пренесе дел од зборот на крајот од еден ред на почетокот на следниот ред. Пренесувањето на дел од зборот од еден во друг ред се засновува врз повеќе правила. Основно правило е природното делење на зборовите на слогови. Тоа е највидливо ако сите слогови завршуваат на самогласки: Ма-ке-до-ни-ја, пи-шу-ва-ње-то, по-зи-ци-ја-та, по-ли-ти-ка-та. Едносложните зборови без разлика на нивната должина (на бројот на согласките) не се делат: мед, тој, строј, грозд, страв. Но кога ќе се членуваат, еден дел од зборот може да се пренесе во следниот ред: ме-дот, гроз-дот, штрај-кот. Не останува во редот или не се пренесува во друг ред една, две или три согласки: г-роздот, младо-ст, стр-авот (треба: гроз-дот, мла-дост, стра-вот). Кога во зборот ќе се најдат две самогласки една до друга, тогаш тие се разделуваат: пе-ење, за-едно, сто-ење. Но кога се на крајот на зборот, не се разделуваат: оти-доа, но-сеа (погрешно е отидо-а, носе-а). Не се делат во два реда заменските форми: ние, вие, тие, кое, кои, неа, и сл. Иако се допушта, се избегнува во првиот ред да остане само една самогласка: о-гледа, у-назади. Се препорачува: огле-да, уна-зади.


Ако во зборот се најдат две согласки една до друга, при пренесувањето на дел од зборот тие се разделуваат: пад-не, жол-та, рас-каже, гоз-ба. Понекогаш се допушта и поинакво пренесување, со објаснување не сосема убедливо: па-дне, го-зба (Правопис, 1998, правило 132, б, в). Кај зборовите кои завршуваат на -ски, -ство, -ствен, наставките се пренесуваат во следниот ред: охрид-ски, дет-ство, един-ствен; додека кај оние што завршуваат на -штво, -чки се допушта пренесувањето да се изврши и со поделба на наставките: уметни-чки и уметнич-ки, заедни-штво и заедниш-тво, јуна-штво и јунаш-тво. При пренесувањето на префиксираните и сложените зборови се води сметка претставките да не се разделуваат, односно се има предвид составот на сложените зборови: пре-глед, рас-каже; тврдо-корен, полно-значен. Кога претставката не се препознава можно е и вакво пренесување: раз-ум и ра-зум. Две исти согласки во непосреден допир се разделуваат: од-деление, бес-силен, бес-соница, раз-зелени. Кога се пренесува сложен збор со цртичка, таа се чува и се додава уште една на почетокот на следниот ред: општествено- -политички, српско-хрватски, црно- -црвените, културно- -просветен. Цитат за овој час: Тој што е построг од законите, е тиранин. Волтер


УПОТРЕБА НА ГОЛЕМА БУКВА Голема буква се пишува на почетокот на реченицата и на секоја нова реченица пред која стои точка (.), прашалник (?), извичник (!) и три точки (...). Денеска е делник. Зарем е тоа можно? Леле, што направивме! Со голема буква почнува директен говор или цитат одбележан со црта (-) или наводници („ “)пред кои стојат две точки (:). Александар Македонски: „Ако не бев Александар, би сакал да бидам Диоген!“ Кога се внесува цитат внатре во текстот, тој започнува со мала буква и се одбележува со наводници или полунаводници: Често ја среќаваме мислата „не прашувај што може да направи татковината за тебе, прашувај што можеш ти да направиш за татковината“ што ја искажал американскиот претседател Џон Кенеди. При обраќања во писма, во пишуван говор и сл. зад кои стои запирка, ако текстот продолжува во истиот ред се пишува мала буква, но ако продолжува во нов ред се пишува голема буква: Почитувани пријатели, ми причинува особено задоволство што можам... Почитувани пријатели, Ми причинува особено задоволство што можам...


Кога зад обраќањето стои извичник, текстот продолжува со голема буква во истиот или во нов ред: Браќа и сестри! Се собравме овде да им оддадеме почит на оние што ги дадоа своите животи за слободата на нашата татковина. Браќа и сестри! Се собравме овде да им оддадеме почит на оние што ги дадоа своите животи за слободата на нашата татковина. Понекогаш со голема буква почнуваат сите стихови во некои песни: Мајко не ја облекувај убавата егејска дреа Ноќва сите предмети немаат корења Ноќва моите раце станаа меѓа И ги раздвоија убавите слики Ноќва заедно ќе си умреме мајко Ме болат мислите секогаш кога како лисје доаѓам... Љубен Ташковски: Балада Со голема почетна буква се пишуваат личните имиња, презимињата, прекарите, псевдонимите, фамилијарните имиња: Марија, Александар, Видое Подгорец, Петров, Црноризец Храбар, Јовановци, Стојановци. Кога личното име се употребува како општа именка, се пишува со почетна мала буква: ват (од Ват), ментор (од Ментор), форд (од Форд).


Општата именка која се придодава на името (или презимето) се пишува со мала почетна буква: поп Димитар, доктор Алачки, крал Петар. Членот или честичките во туѓите имиња се пишуваат со мала буква: Марко ван Бастен, Леонардо да Винчи, Фердинанд де Сосир. Но кога се употребува само презимето: Ван Бастен, Да Винчи, Де Сосир. Овие или други елементи кога се дел од презимето (споени со цртичка или без) се пишуваат со голема буква: Демикелис, Лафонтен, Јуџин О’ Хара, Мекдоналд, Сен-Симон, Ван-Дајк. Со голема буква се пишуваат Господ, Бог, Алах, Буда и разните божества: Перун, Лада, Дајбог, Амон Ра, Зевс, Јупитер. Како општа именка со мала буква се пишува бог: богот Аполон, египетски богови. Општи именки како олицетворени поими или суштества во уметнички дела се пишуваат со почетна голема буква: Правдата, Злото, Лавот, Водачот. Така се пишуваат и имиња на животни: Белчо (име на вол), Мурџо (на куче), Арап (коњ). Во спротивно, како општи именки, се пишуваат со мали букви: правдата, лавот, водачот, белчо, мурџо, арап. Со голема почетна буква се пишуваат присвојните придавки изведени од личните имиња и презимиња со наставките -ов, -ев, -ин:


Јованов, Коцев, Ликин; како и присвојните придавки изведени со истите наставки кои се дел од некој поим: Јовановиот син, Вапцаровата поезија, Пушкинови дела, Толстоевото влијание; Хипократова заклетва, Гандиево учење, Потемкинови села, Теслини струи. Односните придавки, пак, изведени од лични имиња со наставката -(ов)ски се пишуваат со мала почетна буква: вапцаровски стил, пушкин(ов)ски јазик, толстоевска широчина. Географските и топографските имиња (вклучително и имиња на држави) се пишуваат со голема почетна буква: Европа, Германија, Штип, Прилеп, Пелагонија, Струмичко; Република Македонија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави. Со голема почетна буква се пишуваат сложените географски имиња, но не и сврзниците и предлозите (и членот) што ги содржат: Егејско Море, Црна Река, Босна и Хецеговина, Тринидад и Тобаго, Соединети Држави на Мексико, Брегот на Слоновата Коска, Франкфурт на Одра; Рио де Жанеиро, Сантијаго де Чиле; но: Де Кастре, Лос Анџелес, Ла Манш. Со голема буква почнуваат неофицијалните скратени имиња на држави и географски имиња: Емиратите (Обединетите Арапски Емирати), Балканот (Балканскиот полуостров), Јадранот (Јадранското Море).


Имињата на жители на континенти, држави, покраини, области, како и на припадници на народи, племиња, етнички заедници, се пишуваат со голема почетна буква: Европеец - Европејци, Македонец, Косовец, Мариовка, Ром, Мијак; додека жителите на населени места се пишуваат со мали букви: струмичанец, новоселка, радовишанец, валандовчанка. Етничките и географските имиња со значење на општа именка се пишуваат со мала почетна буква: прилеп, отља (сорти тутун), коњак (пијалак). Придавките изведени од етничките и географските имиња се пишуваат со мала буква: европски, македонски, прилепски, мијачки. Страните на светот и придавките изведени од нив кога влегуваат во состав на географски имиња се пишуваат со голема почетна буква: Блиски/Далечен/Среден Исток, Северна/Јужна Кореја; војната меѓу Северот и Југот (на Америка). Со голема буква почнуваат имиња кои се или биле како економски, културни или историски целости: Југоисточна Европа, Западно Римско Царство. Но кога придавката се јавува како општа определба на имињата, се пишува со мала буква: јужна Европа. Со голема почетна буква се пишуваат небесните тела и космичките објекти за нивно истражување: Сонце, Земја, Месечина, Венера, Марс; Спутник, Восток, Мир, Аполо.


Ако означуваат општ поим именките сонце, земја, месечина, се пишуваат со мала буква: Се пече на сонце. Мечтае на месечина. Зборовите улица, булевар, мост, плоштад, авенија и сл. се пишуваат со голема почетна буква кога се дел од називот: Булевар на Револуцијата, Мостот Гоце Делчев, Алеја на великаните; а кога се јавуваат како општи определби на називи, се пишуваат со мала буква: улица Кузман Јосифовски-Питу, булевар 8 Септември, плоштад Македонија. Со голема почетна буква се пишува првиот збор од имињата на територијални единици, установи, објекти, организации, партии, фирми, претпријатија, акционерски друштва, културни и спортски манифестации и сл.: Битолска околија, Општина Велес, Македонска православна црква - Охридска архиепископија, Исламска верска заедница, Палата на правдата, Министерство за образование и наука, Охридско лето, Управа за јавни приходи, Средно општинско училиште „Никола Карев“. Кога од името ќе се употреби само еден збор, тој почнува со голема буква: Управата (наместо Управата за јавни приходи), Училиштето (наместо Средното општинско училиште). Кога во називот стои реден број следниот збор почнува со мала буква: II светска војна, X европско првенство во ракомет.


Со голема почетна буква се пишуваат имиња на празници: Божик и Божиќ, Велигден, Петровден, Величетврток и Велики четврток, Бајрам, Рамазан-бајрам. Во имиња на празници, на цркви и манастири, и во географски имиња придавката свети се пишува со голема почетна буква: Свети Илија, Свети Наум, Света Петка, Свети Никола, Света Гора, Свети А(х)ил (остров). Но кога е како определба на светител се пишува со мала буква: свети Илија, свети Никола, свети Јован Крстител, света Петка! Имињата на празници се пишуваат со голема почетна буква; другите зборови (ако ги има) се пишуваат со мала: Цветници, Нова година. Ако првиот збор од празникот е напишан со бројки, следниот почнува со голема буква: 24 Мај, 8 Септември, 23 Октомври. Со голема почетна буква се пишуваат првиот збор од војни, востанија, мировни договори и сл.: Прва светска војна, Кресненско востание, Париската мировна конференција. Со голема буква почнуваат и скратените називи: Илинден (наместо Илинденско востание), Дејтон (наместо Дејтонскиот мировен договор). Со голема почетна буква се пишуваат наслови на книги, списанија, весници, статии, веб страници и портали , интернет прегледници и


пребарувачи, социјални мрежи, новински агенции, закони, награди, медали, ордени... Ако во насловот, има повеќе зборови, само првиот започнува со голема буква: За македонцките работи, Нова Македонија, Белото циганче, Ентер, Фемина, Тиме. мк, Гугл хром, Јаху, Мозила, Фејсбук, Орден заслуги за народот, Нобелова награда за литература. Со голема почетна буква препорачливо е да се пишуваат заменки и именки при лично обраќање за искажување почит; при обраќање кон шефови на држави, монарси, амбасадори и сл. Ти благодарам; го добив Вашето писмо; Претседателот, Кралот, Шеикот, Ваше Величество, Ваша Екселенција. Во обичен текст и во обраќање кон повеќемина може да се пишува мала буква: сакам да вe известам дека... Иако другите титули се пишуваат со мала буква, може понекогаш во обраќањето да се употреби голема почетна буква: Почитуван господине Директоре, Ве молам да ме примите... Забелешка: Употребата на голема буква кај именките и заменките во Светото Писмо и други богослужбени книги значително се разликува. Цитат за овој час: 29. Утреден Јован Го виде Исуса како доаѓа при него и рече: „Еве Го Божјото Јагне, Кое ги зема гревовите на светот! 30. Овој е Оној за Кого ви реков: „По мене доаѓа Човек, Кој постоеше пред мене, зашто беше пред мене.” Евангелие според Јован, гл.1.


СКРАТЕНИЦИ И СКРАТУВАЊЕ НА ЗБОРОВИТЕ Многу често при пишувањето, а понекогаш и во говорот, се врши скратување на зборовите, односно се употребуваат скратеници. Кога се пишува дел од зборот/зборовите, се работи за скратување, а кога се скратуваат изрази или сложени имиња преку спојување на нивните почетни букви, слогови и сл. станува збор за скратеници. Некои од скратувањата се вообичаени за секојдневниот јазик и говор, други се користат во науката и се специфични за одделни научни дисциплини. Дури некои од нив се пишуваат и со латинични букви. Ова се некои од начините на скратувања на зборовите и образувања на скратеници: 1. Се пишува само првата буква, наместо целиот збор; 2. Скратување на зборовите до првата самогласка во зборот; 3. Скратување на зборовите до првиот слог, односно до согласката на вториот слог; 4. Скратување на зборовите до вториот слог, односно до согласката на третиот слог; 5. Со поврзување на првата и последната буква или последниот слог; 6. Пишување на повеќе согласки (без употреба на самогласки); 7. Скратеници со првите букви од сложениот израз; 8. Скратеници со почетните слогови од сложениот израз; 9. Меѓународни скратеници кои ги предаваме со наши букви.


Преглед на некои од скратувањата и скратениците 1. Пишување само на 3. Скратување до првиот 2. Скратување до првата првата буква: слог, односно до согласката самогласка: на вториот слог: в. - види, век, весник бр. - број бел. - белешка в.д. - вршител на должноста гр. - град гимн. - гимназија г. - господин, г.г. - господа др. - другар год. или г. - година Г.Г. - Господин Господин, и др. - и друго обраќање кон Поглаварот ден. - денари и сл. - и слично на МПЦ-ОА ул. - улица кн. - книга г. или год. - година инж. - инженер на пр. - на пример н.е. - нашата, новата ера проф. - професор од н.е. - од новата ера о.г. - оваа година бот. - ботаника по Хр. - по Христа о.м. - овој месец мат. - математика пр. Хр. - пред Христа с.р. - своерачно физ. - физика пр. н.е. - пред нашата ера с. - село и страница (и стр.) грам. - граматика св. - свети и свеска т.е. - то ест хем. - хемија сп. - спореди и списание т. - точка мит. - митологија стр. и с. - страница т.н. - таканаречениот ст.ст. - стар стил М.П. - место за печат П.С. или P.S. - допишано


4. Скратување на зборовите 7. Скратеници со првите 8. Скратеници со почетните до вториот слог, односно до букви од сложениот израз: слогови од сложениот израз: согласката на третиот слог: АСНОМ - Антифашистичко фискултура - физичка култура собрание на народното геогр. - географија ослободување на Македонија Траншпед - транспорт и истор. - историја шпедиција РМ - Република Македонија литер. - литература АРМ - Армија на Република 9. Меѓународни скратеници поет. - поетски кои ги предаваме со наши Македонија зоол. - зоологија букви: МАНУ - Македонска 5. Со поврзување на првата УНЕСКО - агенција на ОН за академија на науките и и последната буква или образование, наука и култура уметностите последниот слог: УНИЦЕФ - Фонд за деца при ДПМ - Друштво на д-р - доктор Обединетите нации писателите на Македонија ФИФА - Меѓународна м-р - магистер МТВ - Македонска телевизија фудбалска федерација г-ѓа - госпоѓа ЈП - Јавно претпријатие НАТО - Северноатлански г-ца - госпогица ОН - Обединети нации одбранбен договор 6. Пишување на повеќе МПЦ-ОА - Македонска Бенелукс - економска согласки (без употреба на Православна Црква заедница на Белгија, самогласки): Охридска Архиепископија Холандија и Луксембург стсл. - старословенски (јазик) ИВЗ - Исламска Верска ласер - извор за стимулирана пф. - перфективен (глагол) Заедница (во РМ) емисија на зрачење


ТРАНСКРИПЦИЈА НА ТУЃИТЕ ИМИЊА Транскрипција (од лат. transcriptio - препис, презапишување) означува предавање, пренесување на туѓите имиња со наше писмо. При тоа се води сметка тие да се пишуваат онака како што се изговараат во јазикот од којшто ги пренесуваме и да ги прилагодуваме на гласовниот систем на нашиот јазик. Понекогаш водејќи сметка за традицијата се отстапува од правилата (Париз од Paris). Во други случаи, особено ако во името има географски поим тоа целосно се преведува (Карпестите Планини во Америка). Во трети случаи, и да сакаме да преведуваме, не може тоа да го правиме (Голден Стејт, кошаркарска екипа). Се разбира, допуштено е и симпатично е да им се преведува прекарот (воините, наместо вориорс од warriors). Понекогаш во еден ист текст имаме двојна транскрипција: рапторс и репторс. Дилемите околу транскрипцијата на туѓите имиња (и насловите на филмови, музички дела, на награди и сл.) од разните јазици и од разните области бараат поопстојно објаснување. Овде ниту има простор, ниту сме во можност тоа да го правиме. Со оглед на тоа што се подготвува ново издание на Правописот, се надеваме дека двоумењата ќе се надминат во тој поглед.


Во тесна врска со ова е транслитерацијата. Тоа е пишување на нашите имиња со латински букви. Се надеваме дека и тој поглед ќе се стандардизира состојбата. Исто така е важно непотребно да не се изнасилува користењето на латиницата во ИТ алатки (како таблети, мобилни), кај имиња како Dance, Ice, Vase (Данче, Ице, Васе), зашто во спротивно Гугл ќе ни ги преведува на кирилица како Танц, Мраз, Вазна! Веќе речиси сите оперативни системи, пребарувачи и социјални мрежи имаа опции за користење на кирилица и за преведување во реално време. Во спротивно може да се најдеме во смешна и жална состојба. Цитат за овој час: Човечкиот јазик може да направи пожар и од малечка искра Еврипид


ИНТЕРПУНКЦИСКИ И ПРАВОПИСНИ ЗНАЦИ Во рамките на правописот мошне е важно усвојувањето на правилата што се однесуваат на употребата на интерпункциските и правописните знаци. Тие ни помагаат текстот што го пишуваме да биде полесен за читање и појасен за разбирање. Понекогаш со нив може да се искажува различна содржина или порака. Самиот збор интерпункција е преземен од латинскиот јазик (interpunctio, -onis = делење на зборовите со точки) и означува не само употреба на точката во реченицата, но и на другите знаци како што се запирка, прашалник, извичник, точка и запирка, две точки, три точки, црта, загради, наводници и полунаводници. Повеќе од овие знаци, заедно со уште некои (апостроф, ѕвездичка, цртичка, надреден и акцентен знак и др.) се употребуваат уште и како правописни знаци. Правилата за употреба на интерпункциските и правописните знаци детаљно се обработени во Правописот на македонскиот литературен јазик (2005). Овде се задржуваме само на некои од најопштите правила, со забелешка дека под влијание на информатичката технологија и особено кај правописните знаци, на поинаков начин се предаваат некои востановени правила.


Интерпункциски знаци: Точка (.). Точката се пишува на крајот од расказните реченици (потврдни или одречни): Се врати дома. Не можеше да заспие долго време. Точка се пишува на крајот од реченици со кои се искажува блага заповед: Те молам, повтори го прашањето. Не се пишува точка зад наслови и по зададени теми. Запирка (,). Пишувањето запирка може да се разгледува: 1. во рамките на една реченица и 2. меѓу реченици што влегуваат во составот на сложена реченица. 1. Запирката се пишува при набројување на напоредни зборови или зборовни состави: Ристе, Љупче, Мартин и Атанас постојано се отсутни од час. Дома е секогаш убаво, пријатно, тивко. За убавините на езерата, за високите планини, за Татковината ги пишувам овие редови. Две или повеќе придавки кои се однесуваат на една именка се одделуваат со запирка: Имаше крупни, сини очи. Но: Крупните сини очи беа секогаш насолзени. Запирка се пишува пред сврзниците а, но, ама, ами, а камоли, иако, туку, макар кога сврзуваат делови во реченицата: Воло се врзуа за роговете, а човеко за јазико. Не гледај му лицето, туку срцето. Има у мнозина ум, ама у малцина разум (посл.). Но: Еден ама вреден!


Запирка се пишува пред зборовите: односно, то ест, поправо, како и, и тоа. Знаеше многу, поправо премногу за неговата возраст. Со запирка се одделуваат апозициите, модалните зборови (без сомнение, за жал веројатно, значи, изгледа, се разбира и сл.), извиците (ах, леле, бре, море, уф, и сл.), разните вметнати дополненија, називите на звања, должности и сл.: Збирката Преместен камен, најпознато дело на Никола Маџиров, веќе е препеана на десетици јазици; Ние, без сомнение, можеме уште повеќе; Немојте, бре, деца; Тој, наведнат над работната маса, го пишуваше одговорот; Видое Подгорец, писател. Но: Писателот Видое Подгорец. Обично не се пишува запирка зад зборовите што се сврзани со сврзниците кои се повторуваат (и...и, ем...ем, или...или, де...де, ја...ја, ни...ни и др.): ем криво ем клоцливо; ни срам има ни очи; ја тиква ја лубеница ќе му излезит работата. Но понекогаш се пишува запирка: Или вино (дај), или вода, или да си ода. 2. Употребата на запирката во сложените реченици е условена од меѓусебниот однос на деловите од кои се составени. Правилото според кое независносложените реченици, како самостојни, се одделуваат со запирка, а зависносложените не се одделуваат е само најопшто.


Тоа нужно бара поцелосно објаснување кое е дадено во Правописот на македонскиот литературен јазик (2005), како и во наставните содржини за III година. Овде се задржуваме само на некои поопшти ситуации. Запирката во независносложените реченици. Независните реченици (составни, спротивни и заклучни) кои не се сврзани со сврзници, се одделуваат со запирка: Нашол село без кучиња, тргнал без стап; Мене до срце ме доболе, тој ми вели: што викаш олеле; Својата куќа покривал, туѓата откривал. Спротивните реченици во кои има сврзници, како и составните реченици со сврзниците па и та (да во народниот јазик) се одделуваат со запирка: Ножо ет за потреба, а не да праит чоек повреда; Железото и дрво и камен сечит, ама и него ‘рѓата го јаде; Сите луѓе се луѓе, ама поразумните се полуѓе; Нека го дупни ѓаоло, да ќе му го гледаш ало. Со запирка се одделуваат заклучните и исклучните реченици: С(в)ето море чорба од риба да се сторит, пак за нас не ќе останит; Убаина не се јаде, само со очи се гледа; Сѐ можиш да купиш за пари, само здравје не можиш; Саде штрко знаит кое штрче е лошо. Разделните реченици пак, по правило, не се одделуваат со запирка: Ни од Бога го грев ни од човек го страм; И кокошката вода пиет и на угоре се пулит.


Запирката во зависносложените реченици. Кога дел-речениците во зависносложената реченица се во инверзен (обратен) ред (т.е. кога првин е зависната, а потоа главната реченица), тие секогаш се одделуваат со запирка: Кога да ја нема дома мачката, глувците оро си играат; Ако имаш пари, секој за татко те сака; Којшто многу таксуа, малку исполнуа; Дури не му дојде времето, не пукнуат грнето; Кај што мотика не копа, грозје не се раѓа. Кога речениците се во нормален ред, (т.е. кога главната реченица доаѓа пред зависната), употребата на запирката е условена од степенот на зависноста. Така, во зависните временски, целните и исказните реченици не се пишува запирка: Малку врнит кога многу грмит; Не се кревај на големо да не паднеш на колено; Песок реката носит за морето да го полнит; Самите пијаници знаат оти од ѓаволот сет зауздани. Зависната начинска реченица се одделува со запирка само кога претставува дополнително објаснение: Меѓу два огна се наоѓат, како не ќе изгорит. Кај причинските реченици се пишува запирка само тогаш ако врската со главната дел-реченица е полабава: Му влезе змија во ќесето, што не си плаќа борџот.


Зависните последични реченици со сврзникот така што редовно се одделуваат со запирка, додека оние од типот толку - што, можат да се одделат или да не се одделат со запирка: Толку арно го знам тој чоек, што дури и забите колку му се (г)и знам. Кај условните и кај допусните реченици може понекогаш да се пишува запирка: И мајка знаи зелник да праи, (ама) ако има мас и брашно; И нему Господ му помага, ако е друга вера. Кај односните реченици не се пишува запирка: И коњо знае што чоек го вјават. Но, ако односната заменка (сврзувачкиот збор) што, кое, коешто, се однесува на главната реченица се пишува запирка: Нема во веков нишчо, шчо не ет од Бога создадено; Со запирки се одделува и вметната односна реченица во главната: Нашиот борач Шабан Трстена, кој настапуваше на Олимпијадата во Лос Анџелес (1984), освои златен медал во борење. Точка и запирка (;): Интерпункцискиот знак точка и запирка (;) се пишува кога се поврзуваат во една поголема целина повеќе сродни независни (и зависни) сложени реченици: Којшто бара жена без кусур, не ќе можи да ја најдит ни во Стамбол; Којшто вели оти сѐ знаи, тој ништо не знаи; Којшто во лете пладнува, во зиме гладува.


Прашалник (?). Прашалник се пишува на крајот на прашални реченици и зад прашални зборови и изрази. Парите што се печалат, ако не се арџат, што бидуат? Кој беше? - Којко! Прашалник се става на крајот на гатанки: Цуца везе, цуца преде, грозде висе не се јаде? (гат. мачка, пајажина, пајак); Црна врвца пато го пресечела? (гат. мравки). Извичник (!). Извичник се пишува на крајот на извични реченици, зад зборови и изрази со кои се искажува заповед, чудење, радост, тага, страв; како и за подражавање на звуци од природата и сл. Престанете да се смеете! -Напред наши! - За малку ќе паднеше! Кукуригу петле! Понекогаш се пишуваат извичник и прашалник ако во реченицата се чудиме и се прашуваме: Зар не ти беше срам од родителите!? Две точки (:). Две точки се пишуваат зад зборови и изрази по кои следува набројување: Наши противници во квалификациите ќе бидат: Нов Зеланд, Ангола, Русија, Литванија и други. Две точки стојат зад зборови со кои се дообјаснува напишаното, или се цитираат туѓи мисли: Во врска со името сите знаеме: неговата промена значи негирање на националниот идентитет. Жарко Петан: „За светлата иднина се грижат политичарите, за светлото минато - историчарите, за светлата сегашност - новинарите.“


Три точки (...). Три точки се пишуваат кога мислата не е завршена или кога има прекинување на зборовите: Сакав да речам... Но, зошто ме терате да го кажам тоа што не ви се допаѓа! - Ма...ке...донија! Загради ( ). Заградите се пишуваат кога треба да се придодадат дополнителни објасненија, забелешки и сл., за тоа што е напишано понапред:Могамед Ибрагимов го освои првиот олимписки медал за Македонија, на Олимпијадата во Сиднеј (2000); како и кај ремарките (забелешките) во драмските текстови: БОШ: (Го смирува со рака. Размислува) Другари! Граѓани! И граѓанки и другарки! Зар не гледате какви задачи стојат пред нас? Нè чека општествена реформа, а вие, за секое лајно, ајде при претседателот. Така ли самоуправување ќе спроведеме, така ли производството ќе го зголемиме, така ли, со распукани пети, ќе влеземе во комунизмот? ИЉО М.: Арно вик’ш, другáр прседáтел. Нии нарóт ли сме – за нас и стапо е ного! (Кон останатите) Ај, шо зеете, не глеете ли оти чувеците си им’т држáвни бугли?! ВИНА: (На барабанџијата) Кој ти рече за Смокот? МИЉО: Кој шо има да ми кажува?... Митко Маџунков: Големиот смок.


Црта (-). Знакот црта или тире (-) се пишува при предавање на директен говор, наместо со наводници: ...Зурло и Зурлоица сè уште беа будни. Жената го молеше човекот да зборува нешто. - Татко, - рече таа, - што онеме, проговори нешто. - Спиј, - рече Зурло со тивок глас. - Сè ќе биде добро. - Оваа година ќе биде добра, - рече жената. - Да, - рече Зурло, - оваа година навистина ќе биде добра. - Оваа година ќе има многу свадби, - рече жената. - Ќе биде весело, - рече Зурло насмевнувајќи се со мака. - И кметот има свадба, - рече жената со нескриена радост во гласот... Живко Чинго: Најубавиот ден на Зурло (извадок) Со црта се одделуваат вметнати реченици со кои се објаснува или дополнува околниот текст. Наместо црта во такви случаи може да се употреби запирка, или дури и заграда: Јас - да бидам искрен - не верувам дека без работа ќе постигнеме успех. Кога се испушта именскиот прирок или сврзници, наместо запирка се пишува црта: Сето море матеница - за нас нема лажица. Наводници („ “). Со знакот наводници се одделуваат цитати, т.е.


нечии зборови онака како што се изговорени или напишани: Станислав Лец: „И сите да си ги затворат устите, прашањето останува отворено.“ Во наводници се ставаат фрази и изрази кои ги преземаме како дел од нашето кажување; како и зборови и изрази со иронично значење: „Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сѐ негово сопствено дело, на неговите сопствени раце“ е една од многуте мисли на Гоце Делчев; На гостувањето „беа пречекани“ со свирежи и навредливи зборови. Полунаводници (, ‘). Полунаводници се пишуваат ако во веќе одбележан текст со наводници се вметне друг збор или израз: Станислав Лец: „Го претпочитам натписот ,забранет влез’ отколку ,нема излез’.“ Правописни знаци: Правописните знаци се пишуваат не во рамките на речениците, туку при одделни зборови. Покрај знаците кои се објаснети погоре (точка, запирка и сл.), како правописни знаци се користат и апострофот, ѕвездичката, надредниот и акцентниот знак. Поука за овој час: Никогаш не треба да се споредуваме себеси со ниедна личност! Секој од нас, колку и да е малечок, голем е пред Вечниот. Старец Софрониј


Точка. Точката се користи при скратување на зборовите (и др., итн.); кога редниот број се пишува со арапски цифри (65. Генерално заседание на ООН, но: во 20 век, 21 февруари 2012). Не се пишува точка зад римски цифри (V одделение, XXI век, но: I. Именки, II. заменки, III. глаголи). Правилно: 2. 4. 1984 г. и 2. IV 1984 г. Не се препорачува: 02. 04. 1984 г. Но во современата пракса вообичаено е пишувањето на 0 (нула, под влијание на информатичката технологија). Две точки. Две точки се пишуваат меѓу броеви: 2:0 (се изговара два спрема нула; или: два нула). Со три точки се одбележува извадок од литературно дело или испуштен текст: ...Зурло и Зурлоица сè уште беа будни... - Татко, - рече таа, - што онеме, проговори нешто. - Спиј, - рече Зурло со тивок глас. - Сè ќе биде добро... Црта. Со црта се обележува временско или просторно растојание: Втората светска војна (1939 - 1945); Патниот правец Струмица - Штип. Црта се пишува меѓу имиња, кога меѓу нив нема друг збор (сврзник, предлог и сл.): Натпреварот Вардар - Работнички; Двојката во тенис Русевски - Магдинчев. Цртичка се пишува кај неполно сраснатите зборови (црвено-бели); при делењето на слогови (во-де-ни-ца); меѓу двојните презимиња (Лилјана Иванова-Петрова) и сл.


Заграда. Со заградата се одбележува друга форма на зборот: Ајдут ајдут(ин) фаќа, друг не може да го фане; понекогаш се употребува и вториот дел од заградата во вакви случаи: 1), 2), 3), или пак: а), б), в), наместо: 1., 2., 3. Покрај малата заграда, при редактирање на текстови, се користи и средна заграда за да се означи она што недостига и коешто се допишува и преправа. Со апострофот (’) се обележува отсуството или губењето на некој глас од зборот ќ’ идам, м’ удри; со него се предава темниот вокал што регуларно го има во повеќето македонски дијалекти (во науката се бележи со ă): в’к (волк), в’на (волна), к’шта (куќа), м’гла (магла), ’цка (олцка). Со апострофот се обележува слоговното р на почетокот на зборот или зад самогласка: ’рж, ’рѓа, за’рчи, за’рѓа, за’цка (лит. почне да олцка); но во средината на зборот меѓу согласки: срце, црна, трн. Ѕвездичка (*) е знак што се става зад збор или израз за кој е потребно дополнително објаснување и се дава на крајот на страницата во вид на фуснота, футнота. Наместо ѕвездичка, во поново време обично се пишуваат индексирани бројки: симбол1, коментар2. Ѕвездичката, пак, се користи за означување на квалитет и сл.:Хотел Сириус****, (хотел со 4 ѕвездички)


Надредениот знак (‘) се пишува над е во кратката заменска форма нѐ (нас нѐ поканија) и во прилогот сѐ (сѐ се случи ненадејно), за да се разликува од негацијата не и повратната заменка се (не гледа, се смее). Се пишува сѐ уште, но сепак. Надредениот знак се пишува и над и кај кратката заменска форма за ж. р. ѝ (ѝ кажав нејзе) за да се разликува од сврзникот и (дојде и ѝ донесе подарок). Акцентниот знак (’) во литературниот јазик се пишува само кога треба да се обележи правилното акцентирање на зборовите во вежби и сл. При предавање на дијалектни текстови, покрај акцентот, се обележуваат и акценските целости, должината и редукцијата на гласовите и сл. Му-ка́жал Го́спо на-Но́ја, ќе-би́ди по́топ. Но́јо ре́кол: Кога-ќе́-биди по́топо да-зна́м. Когаќе́-биди, коа-ќе-ја́диш на-же́лезна си́нија, то́гаш да-се-се́тиш, ... (Прилеп) Е́дạн чуве́к има́л но́го ло́ша же́на. Ут-ко́: дујде́ла до́ма, ма́јка-му пọчна́ла но́го дạ-слạбе́е. Де́н из-де́н стạнува́ла сè по́сла́ба. Си́н-ѝ се́куј де́н јạ-питува́л: ...(Струмица) Једӑ́н ноќ трои́ца овча́ри па́сле-си о́вце на-пла́нину. И-едно́ вре́ме сака́ле-си да-запа́лив туту́н, треба́ло-ги о́гӑањ, а-нема́ле куде́-њи ни́што. Кӑт-гле́дав, угледа́ле та́мо на-ри́дТ го́ре едӑ́н о́гӑањ. И-рекна́ја едӑ́н: "Ќе-и́ду да-запа́лу"... (Куманово)


АКЦЕНТОТ ВО МАКЕДОНСКИОТ ЛИТЕРАТУРЕН ЈАЗИК Акцентот во нашиот јазик со своите особености јасно се разграничува во однос на соседните словенски јазици. Покрај неговиот карактер и местото на акцентирањето, интересни за набљудување се акцентот на сложените зборови и особено акцентските целости. По однос на карактерот тој е динамичен (експираторен). Се одликува со силината (динамичноста) на слогот што се нагласува (акцентира). Слогот што се акцентира се изговара многу посилно за разлика од соседните слогови. По однос на местото во полнозначните зборови тој е определен и е зацврстен (фиксиран) на третиот слог од крајот на зборот кај трисложните и повеќесложните зборови: воде́ница, водени́цата, растоја́ние, растојани́ето. Кај двосложните зборови, акцентот паѓа на вториот слог: мо́ре, со́нце, но́си, гле́да. Кај едносложните зборови кои имаат свој акцент (т.н. акцентогени), тој паѓа на единствениот слог: ми́р, вра́т, бре́ст. Но во нашиот јазик има одреден број зборови и зборовни групи кои немаат свој акцент и се приклонуваат кон акцентот на полнозначните зборови. Тие зборови се наречени клитики или неакцентогени зборови. Во таа група спаѓаат: предлозите, честичките,


кратките заменски форми, некои од сврзниците и извиците и др. Кога стојат пред полнозначниот збор се наречени проклитики (ме ͜ ви́кна, на ͜ у́лица, се ͜ сме́е, не ͜ го́ ͜ виде), а кога стојат зад него се наречени енклитики (та́тко ͜ ми, каже́те ͜ му, дајте́ ͜ ни ͜ го, сме́јте ͜ се). Акцентирањето на сложените зборови (сложенките) во основа се реализира според правилата кај простите зборови. Така акцентираме: со́нчоглед, сончогле́дите, мило́звучен, прво́борец, осумка́тница; уште и кај бројните именки на -мина: пе́тмина, петте́мина, десе́тмина, десетте́мина; сложените прилози: со́сила, пре́тпладне, еднодо́друго; кај заменските прилози: ко́ј-годе, која́-годе, што́-годе, каква́-годе; и кај сложенките со заповедни форми: тури́печи, молчи́толчи, лапни́голтни. Отстапување од третосложното акцентирање имаме кај сложенките од типот: северои́сток, североза́пад, југои́сток, југоза́пад и во полусложените зборови поврзани со цртичка кај кои имаме два акцента: фра́нцуско-маке́донски (речник), ку́лтурно-про́светен (живот). Отстапувања од третосложното акцентирање на зборовите и зборовните форми среќаваме кај: 1. Глаголскиот прилог на -јќи: носе́јќи (носе́еќи ˂носе́ешти), вика́јќи (вика́еќи ˂ вика́ешти), оде́јќи; (оде́еќи ˂оде́ешти); 2. Прилозите за време изведени од членуваните


именки на -ов, -ва, -во, -ве, -ва: зима́ва, година́ва, лето́​́во (кои доаѓаат на прашањето кога?); за разлика од именките зи́мава, годи́нава, ле́тово (која зима?, која година?, кое лето?). Акцентот на туѓите зборови. Акцентот на голем број зборови и зборовни форми од туѓо потекло се совпаѓа со правилата на нашиот третосложен акцентен систем. Така, многу именки на -ија, -ика, -чар, -иум го имаат тој акцент (геогра́фија, гимна́стика, исто́ричар, магне́зиум). И многу други повеќесложни именки со различни наставки се прилагодиле на нашиот акцент (ка́рактер, ди́јалог, панта́лони, метро́​́пола, ди́ректор). Процесот на приспособување кон нашиот акцент во доволна мера се проширил и на многу придавки, особено оние со наставките: -ен, -ичен, -илен, -ектен, како и на прилозите изведени од тие придавки: (ло́кален, - ло́кално, пра́ктичен - пра́ктично, мо́билен - мо́билно, дискута́билен - дискута́билно, ди́ректен - ди́ректно). Не мал број двосложни именки навлезени во нашиот јазик во различни периоди и преку различни јазици, исто така имаат акцент на вториот слог: па́лто, ко́рзо, хо́тел, те́рен, би́лтен, ре́ктор, во́лан, а́зот.


Сепак, голем е бројот и на зборови навлезени во нашиот јазик, и особено во поново време, кои не се прилагодени на третосложното акцентирање и имаат акцент на последниот или претпоследниот слог. Така, на последниот слог акцентот паѓа кај зборови кои завршуваат на наставките: -е, -и, -у, -о и сл.: експозе́, реноме́, жири́, интервју́, трико́; како и кај зборови кои завршуваат на наставките: -ист, -лог, -ат, -тет и сл.: машини́ст, есеи́ст, геоло́г, термоста́т, боните́т, окте́т. На претпоследниот слог акцентот паѓа и кај именките кои завршуваат на наставките: -изам, -азам, -алец, -ивец, -ура, -атор: социјали́зам, (социјали́змот), сарка́зам, (сарка́змот), генија́лец, (генија́лка), култу́ра, операти́вец (операти́вка), администра́тор; како и кај други именки со различни завршоци: парале́лка, минута́жа, мигре́на, анали́за, дина́мо канона́да, директи́ва, егзо́дус, ени́гма, критизе́рство, лимузи́на. Со акцент на претпоследниот слог се значителен број придавки (и прилозите изведени од нив) што завршуваат на -ален, -јален, -ивен, -иран, -озен, -антен, -асен и сл.: идеа́лен (идеа́лно, но: иде́ја,), ефекти́вен, организи́ран, малеро́зен, педа́нтен, ефика́сен; како и глаголите на -ира, -зира: ирити́ра, блами́ра, организи́ра, анализи́ра. Некои зборови имаат двоен акцент: е́кран и екра́н, му́зејски и музе́јски.


АКЦЕНТСКИ ЦЕЛОСТИ Под акцентска целост се подразбира два или повеќе зборови кои имаат заеднички акцент: Новó ͜ Село, кисела́ ͜ вода, ми ͜ ре́че, им ͜ го зе́ле, дајте́ ͜ му ͜ го. Тие може да бидат акцентски целости од два полнозначни збора или акцентски целости со клитики. Во акцентската целост од два полнозначни збора едниот збор задолжително е именка, а другиот може да биде именка, придавка, заменка, број и понекогаш прилог. Целостите од придавка и именка се најчести и со нив се означува еден поим. Придавката може да биде нечленувана и членувана: Мечки́н ͜ Камен, прва́ ͜ вечер, Вели́ ͜ петок (и Вели́петок), сувото́ ͜ грозје. Акцентските целостите како нашата́ ͜ куќа, левата́ ͜ страна, една́ ͜ страна вообичаени за народните говори од западното македонско наречје, сепак не се задолжителни како литературна норма. Целостите од именка + именка се јавуваат кога првата именка се јавува како определба на втората: крал ͜ Ли́р, поп ͜ Сто́јан. Акцентот во примериве е на втората именка, а првата е нечленувана. Акцентските целости од заменска придавка + именка, односно


показна заменка и именка се среќаваат поретко и не се задолжителни како литературна норма: ај и на твоја́ ͜ глава; ово́ј ͜ пат. Почести се целостите од број и именка и особено кога со нив се искажуваат приближна вредност: пе́т ͜ пари, три́ ͜ дена, пе́т ͜-шест леба, два́ ͜-три дена, два ͜-трина́есет дена. Но, кога логички се истакнуваат броевите, нема акцентска целост: три́ де́на вр́неше, не че́тири. Логичкото акцентирање може да се јави и кај целостите од прилог и именка: малку́ ͜ време и ма́лку ͜ вре́ме. Кога посебно ги истакнуваме деловите на акцентската целост, нив и посебно ги акцентираме: сто́ па́ти, покрај сто́ ͜ пати, два́ па́ти, покрај два́ ͜ пати. Понекогаш акцентски целости може да се сретнат од прашални зборови и именки кои не секогаш се задолжителни: Колку́ ͜ пари даде? покрај Ко́лку ͜ па́ри даде? Што́ ͜ деца се тие?, покрај Што ͜ де́ца се тие? Акцентските целости со клитики се мошне интересни и специфични за нашиот јазик. Во функција на енклитики (едносложни зборови без акцент зад полнозначните зборови) се јавуваат кратките заменски форми: ме, ми, ги, му, ни, ви, им и сл. Тие можат да стојат зад: 1. Именки што означуваат сродство: та́тко ͜ ми, се́стра ͜ му, ву́јко ͜ ѝ; 2. Заповедна форма од глаголи: носе́те ͜ им, дајте́ ͜ ми ͜ го, ка́жи ͜ му;


3. Глаголскиот прилог: носе́јќи ͜ ги, дава́јќи ͜ му ͜ го, знае́јќи ͜ ја; 4. Показни и прашални честички: еве́ ͜ му ͜ го, е́те ͜ ја, ка́ј ͜ ти ͜ се? Кратките заменски форми, честичките ќе и би и други, сврзниците, помошниот глагол сум, предлозите, повеќе прашални зборови и сл. може да се јават во функција на проклитики (едносложни зборови без акцент пред полнозначните зборови). Во зависност од полнозначниот збор разликуваме 1. акцентски целости од проклитики и глагол и 2. акцентски целости од проклитики и именски збор. 1. Кај акцентските целости од проклитика и глагол разликуваме два начина на акцентирање: а) акцентот да остане на глаголот и б) акцентот да се премести од едносложниот или двосложниот глагол на прокликтиката. Првиот начин се среќава кај изјавните (декларативните) искази: сум ͜ гле́дал, за ͜ да ͜ до́јде, ќе ͜ му ͜ се ͜ ја́ви. б) Вториот начин се среќава кај одречните (негираните) и прашалните искази: не́ ͜ знае, не ͜ му ͜ го́ ͜ дал; ко́ј ͜ знае, кој ͜ го́ ͜ видел, што͜ си ͜ го́ ͜ викал. Но при логичкото акцентирање, акцентската целост може и да не се образува. 2. Кај акцентските целости од проклитика и именски збор исто така имаме два начина на акцентирање: а) акцентот од именскиот збор


(едносложен или двосложен) да помине на прокликтиката и б) акцентот да остане врз именскиот збор. а) Акцентот се префрла врз клитиката (најчесто тоа е предлог) кога именскиот збор логички не се истакнува: на́ ͜ раце, по́д ͜ круша, о́д ͜ ден на́ ͜ ден, за́д ͜ мене, во́ ͜ вода, и кај целостите со прилошко значење: сре́д ͜ лето, добро́ ͜ утро, доба́р ͜ ден. Кога именскиот збор логички се истакнува или кога како клитики се предлозите заради, поради, освен, според и сл. немаме префрлање на акцентот: на ͜ ра́це везе, зад ͜ ме́не, а не зад ͜ те́бе, според ͜ на́с, освен ͜ не́а. б) Акцентот останува врз именскиот збор кога со целоста се искажува: посвојно (посесивно) значење: од ͜ пи́ле млеко, внуците на ͜ ба́ба, споредба: потврд од ͜ ка́мен; дативен однос: му ͜ ре́ков на ͜ ву́јко; од што е нешто направено: пушка од ͜ др́во (наспрема целоста со прилошко значење: падна о́д ͜ дрво); кога именката е определена: Тој е од ͜ Ско́пје. Кога пред именката е сврзник, акцентот не се поместува: и ͜ де́лник и ͜ пра́зник. Кога пред заменката е сврзник, тогаш акцентот се поместува врз сврзникот: и́ ͜ мене ми ͜ да́де и́ ͜ тебе ти ͜ да́де од парите. Цитат за овој час: Не биди во непријателство со ниту еден човек и не го задржувај непријателството во срцето свое. Тоа е мир... Преподобен Мојсеј Мурин


ЛИТЕРАТУРАТА КАКО УМЕТНОСТ Човекот во секојдневното живеење се занимава со повеќе активности или дејности. Некои од нив служат за задоволување на неговите непосредни материјални потреби (трудот), преку некои ги јакне своите физички можности (спортот) или ги развива умствените способности (науката) и сл. Уметноста е една од дејностите преку која човекот ги изразува своите чувства, мисли, идеи и сл. Во уметничкото дело што се создава покрај дарбата на нејзиниот автор, се открива и смислата за убавото која им се пренесува на гледачите и слушателите. Уметноста како духовна потреба на човекот се појавила во првобитното општество во процесот на работата, кога изработувајќи орудија почнал да ги украсува, не за да бидат поефикасни, туку да им се допаднат на другите и да предизвика кај нив љубопитство и восхит. Појавата на артикулираниот говор претставува значајна етапа во развојот на човечкото општество, а особено за појавата на литературата како една од најважните гранки на уметноста. Првобитниот човек веќе можел со помош на говорот да ги искажува своите чувства и мисли. Најпрвин тоа биле елементарни извици со кои се искажувало возбуда или се подражавале звуци од природата.


Со поврзување на гласовите ги изговарал првите зборови. Подоцна со рамномерно повторување на едноставни зборови додека одел на лов и сл. првобитниот човек почнал да ги искажува своите чувства преку песни. Тие редовно биле придружувани преку движења на телото за кои може да се рече дека се почетоци на танцот. Во активностите на луѓето од првобитната заедница ги откриваме почетоците на повеќе од современите уметности. Првобитната уметност била елементарна и едноставна. Ги обединувала во себе никулците на повеќе од нив, особено на текстот, песната и играта. Таа уметност е наречена синкретична уметност (синкретизам). Синкретизмот го среќаваме и во современите уметности (на пр. во филмот има игра, текст, музика, слика и сл.). Но во денешно време колку што е тешко да се даде попрецизна дефиниција за уметноста, толку е потешко да се разграничат и класифицираат гранките на уметноста. Според некои се работи не за гранки на уметноста, туку за нејзини форми или дисциплини. Се прави обид врз основа на изразните средства со кои се служи, и како и каде се реализира, таа да се подели на групи: на просторни и на временски уметности и на трета група која ги обединува двете претходни.


Во првата група, просторни уметности, би ги сместиле сликарството, вајарството и архитектурата. Сликарството и вајарството, пак, припаѓаат кон еден поширок поим ликовна уметност, кон која би ги придодале, како понови: перформансот, видео и интернет уметноста, фотографијата и сл. Во групата на временските уметности спаѓаат музиката и литературата. Секоја од овие понатаму се дели на видови и/или родови (на традиционална, класична, џез, рок музика; односно на лирика, епика и драма). Според една друга поделба постојат повеќе дисциплини на уметноста: визуелни уметности, декоративни, сценски (театар, танц), музички уметности, литературни уметности. Некои претпочитаат да зборуваат за уметнички техники, трети за форми на уметноста (сликарство, цртање, вајарство, керамика, графички дизајн, дигитална уметност, музика, поезија, архитектура, филм, театар, фотографија и т.н.). Некои се обидуваат според изразните средства да разграничат седум видови уметности (архитектура, танц, вајарство, музика, сликарство, литература и филм). Но поделбата не е дефинитивна. Цитат за овој час: Животот е краток - уметноста е вечна. Хипократ


ОДНОСОТ МЕЃУ ЈАЗИКОТ И ЛИТЕРАТУРАТА Литературата како дел од уметноста го користи јазикот како свое изразно средство. Во основата на поимот се латинските зборови littera кој означува буква и litteratura = учење, пишување. Во нашиот јазик неретко се користи и терминот книжевност (од прасловенското *kъniga). Дури има обид да се направи (и се прави) разлика во нијансите на значењата на двата поими. Поимот литература означува севкупност на напишани дела, творби на еден јазик, на еден народ. Но тој може исто така да се однесува и на целокупното творештво во пошироки (светски) рамки. И повеќе од тоа: да се однесува и на творештвото кое се создава и се пренесува усно (народна литература). Литературата како основно средство за изразување го користи јазикот. Јазикот како основно (и најусовршено) средство за општење (комуникација) има повеќе функции. Литературата слободно можеме да ја наречеме уметност на јазикот. Литературната естетика токму со тоа се занимава: да ја разграничи уметничката (поетската) функција од другите функции на јазикот. Јазикот и литературата се во едно нераскинливо единство.


Врз фонот (подлогата) на јазикот се создаваат литературните дела. Литературните творци најчесто ги земаат оние значења на зборовите кои кај читателите предизвикуваат чувство на убаво и вредно, и ја будат нивната фантазија. Тоа обично го нема во основното значење на зборовите, но го има во преносното (фигуративното) значење. Начинот на кој авторите ги одбираат оние значења на зборовите се нарекува стил. Можеме да кажеме дека основните значења на зборовите во јазикот се предмет на граматиката (лексикологијата), додека стилот кој се гради врз основа на преносните значења е предмет на стилистиката. Сѐ што е кажано погоре се однесува на поимот уметничка литература, во која естетската особеност на јазикот доаѓа до најцелосен израз. Таа изобилува со литературни потфати како што се метафори, споредби, епитети, персонификации и други изразни средства. Со нив се создаваат претстави за надворешниот свет во нашата свест. Но исто така постои и научно популарна литература која го користи јазикот и во кој има употреба на поими со кои се опишуваат одредени научни вистини. Јазикот во научните дела има за цел да го потикне нашето размислување, преку донесување на заклучоци и принесување на факти да се дојде до саканата цел - откривање на вистината.


ЛИТЕРАТУРАТА И НАУКАТА ЗА ЛИТЕРАТУРАТА Литературата како форма на уметничко творештво може да се проучува од повеќе гледишта. Може да се проучува според потеклото, според јазикот на кој се создава, според времето кога настанала и сл. Науката за литературата ги разгледува овие и некои други аспекти на литературните дела. Таа ги опфаќа следниве научни дисциплини: Теорија на литературата, Историја на литературата и Литературна критика. Теоријата на литературата е научна дисциплина која зафаќа широк простор за проучување. За предмет ги има формата и содржината на литературните дела. Нејзин предмет исто така се: темата и идејата во литературните дела, но и нивната композиција; литературните правци и струења, поделбата по родови и видови. Важно подрачје за проучување е јазикот на литературните дела, посебно на неговите изразни средства. Во тој поглед Теоријата на литературата се доближува до една друга научна дисциплина - стилистика. Како посебна гранка се издвојува наратологијата која се занимава со законитостите во раскажувачката постапка на едно литературно дело.


Историјата на литературата го проучува историскиот развој на уметничката литература од нејзините почетоци до најново време. Нејзин предмет се појавата и развитокот на различните литературни правци, стилови и движења. Со оглед на тоа што подрачјето за проучување на литературните пројави е широко, историјата на литературата може да се подели на одделни национални литературни истории, на општа литературна историја, како и на споредбена литературна историја. Кај сите три е важно да се врши периодизација на литературните дела. Во рамките на поделбата по периоди се дава преглед на економските, политичките и културните прилики во кои живееле писателите и ги создавале своите дела. Литературната критика како научна дисциплина се јавува како врска меѓу литературното дело и читателот. Врз основа на естетските и поставките од теоријата на литературата, таа врши оценка на едно литературно дело. Предмет на проучување се најчесто современите дела и автори. Но понекогаш на преоценка ги изложува и делата кои настанале во минатото. Како видови на литературната критика се јавуваат: монографија, рецензија, есеј, литертурен портрет и сл.


МИТОТ И ФОЛКЛОРОТ КАКО ИЗВОРИ ЗА ЛИТЕРАТУРАТА Во развојот на уметничката литература особено место му припаѓа на митовите. Значајни се зашто послужиле како основа за создавање на дела со висока уметничка вредност. Зборот доаѓа од грчкото mŷthos и значи говор, раскажување. Најпрвин означувал приказна во која се зборувало за постанокот на луѓето и боговите, за сите живи суштества, како и за целата вселена. Преку митовите првобитните луѓе се обидувале да ги објаснат природните појави на кои биле изложени. Некои митови се однесуваат на важни историски настани, како што се преселби на племињата и народите. Во некои пак, се даваат толкување на задгробниот живот на луѓето. Тогаш биле создадени разни обичаи и табуа (табу = општествена забрана која не смее да се прекрши и која може да донесе несреќа на единката или дури на целата група). Со текот на времето на митот му се одзема религиозно метафизичката природа, а преку учење (logos) се прави обид да се објаснуваат природните појави. Со појавата на јудеизмот и христијанството, сѐ што не е според Библијата се смета за лага и бесмислица.


Митовите ги има кај сите народи. Некои од нив и се запишани (староегипетските, старогрчките, староримските митови), други и денес се пренесуваат по устен пат, а некои се преточиле во литературни дела на одделни автори. Според содржината митовите можеме да ги поделиме на: космогониски (во кои се објаснува создавањето на светот); теогониски (митови за боговите); антрополошки (за животот на луѓето на земјата) есхатолошки (за животот по смртта); етиолошки (за постанокот на племињата или на некои места). Поделба на митовите може да се направи и според географската распространетост и според припадноста на одделни народи. Според авторството митовите припаѓаат на усното народно творештво. Науката кој се занимава со проучување на митовите се нарекува митологија. Во блиска врска со митовите се легендите и приказните кои настанале во поново време. Тие заедно со бајките, анегдотите, преданијата, поговорките и пословиците и сл. се дел од фолклорот, кој уште опфаќа обичаи, музика и кои народниот гениј го создавал низ вековите. Цитат за овој час: Шо е било знааме - шо ќе биде - ќе видеме! народна


ПОДЕЛБА НА ЛИТЕРАТУРАТА Со оглед на фактот што литературни дела се создавани во текот на илјадници години кај различни народи и со разновидна содржина, и по форма која се менувала во одделни периоди, се јавила потреба за нивно разграничување со цел за полесно проучување. Науката за литературата, (која и самата се развивала и се надградувала), поделбата на литературните дела ја засновува врз повеќе критериуми: 1. според формата; 2. според авторството; 3. според времето (периодот) кога се создадени; 4. според особеностите на содржината и начинот на создавањето на литературните дела. Според првата поделба врз основа на формата уметничката литература се дели на поезија и проза. Под поезија се подразбираат делата напишани во стихови, а под проза делата напишани во реченици, односно во т.н. „врзан текст”. Оваа поделба на извесен начин е надмината бидејќи не води сметка за некои битни особености на литературните творби. Според втората поделба (авторството) литературата се дели на народна литература чиј автор е анонимен (непознат) и на уметничка, чиј автор (творец) е познат.


Народна литература е наречено усно народно творештво, зашто се пренесува(ла) по устен пат и е заедничко (колективно) дело на еден народ. Се појавила многу рано (во првобитната заедница) уште кога не било создадено писмото. Но исто така многу дела од уметничката литература (со потпишан автор) со својата содржина се надоврзуваат на народната литература. Според третата поделба литературните дела се разграничуваат по литературни периоди и литературни правци. Литературниот период опфаќа поголема временска рамка од литературниот правец (античка литература, средновековна литература, хуманизам и ренесанса). За литературниот правец е значајно е тоа што го прифаќаат поголема или помала група автори и кој е карактеристичен за одреден период (романтизам, футуризам, неоромантизам, егзистенцијализам, надреализам и сл.). Но понекогаш и творештвото на еден автор може да има одлики на повеќе литературни правци. Според четвртата поделба која се смета за најсоодветна и која се засновува на особеностите на содржината и на начинот на кој е прикажана реалноста во литературното дело, уметничката литература се разграничува по литературни родови: лирика, епика и драма.


НАРОДНА ЛИТЕРАТУРА Под поимот народна литература го опфаќаме сѐ она што народниот пејач и раскажувач го создава(л) и се пренесува(ло) од колено на колено. Многу често се користи и поимот фолклор (англ. folk = народ; lore = знаење, мудрост) иако тој е поширок и се однесува не само на литературата, но и на обичаите, верувањата и на материјалната култура (накит, облека и сл.). Со речиси исто значење се употребува и изразот народно творештво за одбележување на севкупност на пројави на анонимниот народен автор. Почетоците на народната литература се тесно поврзани со појавата на говорот во првобитната заедница кога се јавуваат и првите форми на синкретичната уметност. Таа литература постоела многу порано пред појавата на писмото. Првите творби кои биле создадени (обредни песни, приказни, преданија, пословици и сл.) биле исполнети со религиозни и митолошки елементи. Подоцна со појавата на писменоста се создаваат литературни дела чиј автор е познат, но не престанало и натамошното ширење на народната литература. И повеќе од тоа. Почнале да се запишуваат (на глинени плочки, на папирус, на кожа и сл.) и да бидат оттргнати од заборавот.


Основна одлика на народната литература е усниот начин на создавање на творбите. Надарен пејач или раскажувач од народот ја создава песната или приказната, која се прифаќа од другите и усно се пренесува од колено на колено. Со текот на времето творбата може да претрпи помали или поголеми промени од некој друг даровит автор. При создавањето анонимниот творец импровизира, вметнува нешто свое, но тоа го прави според определени формули или калапи. Кај приказните имаме поголема импровизација, но со точно утврден ред и начин на раскажување. Тоа значи дека анонимноста е исто толку важна особеност на народната литература. Со тоа што повеќе автори ја (пре)создавале творбата, се јавувале повеќе варијанти со помали или поголеми промени на една иста песна или приказна. Тие може да бидат подолги или пократки, да бидат поубави или полоши, но секогаш треба да бидат идентични на основниот мотив. Тоа подразбира дека и варијантноста во народната литература е еден од нејзините белези, како што е и колективноста (сопственост на повеќе автори, дури и на цел еден народ). Кон важните особености на народните творби треба да се придодаде и употребата на традиционални изразни средства. Меѓу нив впечатливи


се постојаните епитети: рујно вино, остра сабја, кара севда, гора зелена; хиперболите: ... девет товара пинци скапахме, дури син ти ле, бабо, фанахме, девет товара ортоми скинахме, дури син ти ле, бабо, врѕахме... споредбите, алегориите, метафорите, словенската антитеза и други стилски изразни средства. ...Кажи, кажи, мој љубезен кој нѐ назе разделија? Дали Вардар или Струма, или твојта стара мајка? Ниту Вардар, ниту Струма, ни пак мојта стара мајка; туку нѐ назе разделија твојте верни другари... Не само народните песни, но и приказните и другите творби се одликуваат со богатство на јазични форми, со многу архаизми и дијалектизми во кои до полн израз доаѓа уметничката (поетската) функција на јазикот, а е запоставена комуникативната .


ПОДЕЛБА НА НАРОДНАТА ЛИТЕРАТУРА Со оглед на тоа што народната литература е создавана во текот на многу илјадалетија со големо разнообразие на мотиви и теми, природно е на некој начин таа да се класифицира. Постојат повеќе класификации, но основна е поделбата на: I. народни песни, II. народни приказни, III. кратки народни умотворби. I. Народните песни делиме на лирски и епски народни песни врз основа на тоа дали во нив на преден план се искажува субјективноста и емоционалноста, како што е во лирските или пак, преовладува раскажувањето за личности и настани како што е кај епските песни. Покрај овие два вида песни може да се издели уште еден: лирскоепски песни. Заедничко за народните песни е едноставноста која се постигнува преку употреба на клиширани ритмички форми и стилски изразни средства. . Широката разновидност на мотиви со кои се опишуваат чувства, мисли, расположби и сл. наложуваат понатамошна поделба на лирските песни. Па така лирските песни може да ги поделиме на: 1. обредни и обичајни песни. Тие се поврзани со извршување на одделни обреди и обичаи на Велигден, Ѓурѓовден, на свадби и сл. Се


пееле во пресрет на тие празници или на самиот ден (велигденски, ѓурѓовденски, коледарски, лазарски песни...) односно при исполнување на ритуали (додолски - за измолување на дожд, свадбарски, тажачки). 2. Митолошки песни во кои се одразува претхристијанските (паганските) верувања во натприродни суштества (змејови, самовили, наречници, чуми, и др.), кои редовно имаат човечки особини. Близу до митолошките песни стојат религиозно-легендарните песни во кои се опеани случки од животот на светители. 3. Трудови песни се поврзани со заедничко (здружено) извршување на полјоделски и други дејности (жетва - жетварски; стриг, стрижење на овци - овчарски; попрелка, заедничко предење на волна или памук - седенкарски и сл.). Кон трудовите песни се придодаваат и аргатските и печалбарските песни. 4. Меѓу сите лирски народни песни љубовните имаат најширока мотивска разновидност. Во нив е предадена љубовта во сите нејзини нијанси: копнеж, неспокојство, тага, разделба, опијанетост. Тие се најзастапени, а љубовта како мотив се среќава и кај другите видови песни. 5. Во Семејните песни се опеани патријархалните односи во семејството и според мотивите стојат поблизу да љубовните. 6. Детските песни обично служат за успивање и залажување на


децата (приспивни, залагалки). За повозрасните деца се наменети брзозборките. Во основата на детските песни се внесува дидактичкиот карактер со кој се поттикнуваат умствените способности на најмладите. 7. Кај хумористичните песни речиси секогаш во преден план избива сатирата. На потсмев се подложени негативни постапки и појави (мрзливост, фалбаџиство, лакомост, пијанство...). Понекогаш преку алегорија негативните постапки им се препишуваат на животните. 8. Специфични по својот карактер се тажачките песни (тажаленки). Ги создавале и ги пееле жени, како дел од погребните обреди. . Епските народни песни за разлика од лирските се подолги и во нив се раскажува за случки и настани поврзани со некои личности. Епските песни исто така имаат разгранета структура. Вообичаена е поделбата на 1. Неисториски песни и 2. Историски песни. 1. Почетоците на неисториските епски песни допираат до епохата на првобитното општество. Во нив се опишани митолошки суштества или пак личности со настани кои историски не се потврдени. Но исто така се среќаваат и песни во кои се опишуваат случки од животот на некои светители. 2. Историските епски песни се поврзани со конкретни личности и настани. Појавата на овие песни се детерминира


со навлегувањето на турските освојувачи на нашите простори (14. век), трае низ вековите што следуваат, и завршува со НОБ (1941 - 1945). Борбата против туѓинскиот јарем и саможртвата за слобода се едни од најчестите мотиви. Временското разграничување ни овозможува полесно да ги поделиме овие песни на: јуначки (во кои е доминантен циклусот песни за Марко Крале, од 14. - 16. век), ајдутски (17. - 19. век), револуционерни (илинденскиот период) и партизански (периодот на НОБ). Партизанските песни, не само што се од понов датум, туку тие се и пократки и често во нив се вметнуваат лирски моменти. Циклусот песни за Марко Крале го идеализираат ликот на легендарниот јунак како заштитник не само на нашиот народ, туку и на другите словенски народи од Балканот. Неговата натприродна моќ на извесен начин ја симболизира желбата на поробените народи да се победи злото, да се донесе слободата. Ајдутските песни, кон кои се придодаваат и комитските, се јавуваат кога се засилило ајдутското движење првин како поединечен бунт против турските насилници. Во нив се опеани и подвизите на жени кои по ништо не заостанувале во јуначките подвизи зад мажите. Револуционерните песни кои се надоврзуваат на претходните, се израз


на организирана борба на нашиот народ. . Лирско-епските песни се изделуваат како посебен вид. Во нив се раскажува за некој настан со опис на карактерите на ликовите, но истовремено се искажуват и нивните чувства. Лирско-епски елементи се среќаваат и кај други епски песни од поново време (ајдутските, револуционерните, партизанските). Но кај овој литературен вид доминантно е љубовното чувство. Такви се баладата и романсата. Баладата е подолга песна во која се преплетуваат лирски и епски елементи и во кои има нагласено силно драмско дејство. Обично баладата завршува трагично. Романсата е лирско-епска песна во која љубовната историја е прикажана со поведри тонови и има среќен завршеток. Цитат за овој час: Првите љубови се како првите заби, испаѓаат без болки и им отстапуваат место на новите. Александар Дима, синот


II. Корените на народните приказни, слично на народните песни, допираат до родовското општество. Со развојот на општеството, се развиваат формите и содржините на приказните. Приказните се посебен литературен жанр во кој ликовите и настаните се измислени. Обично имаат клиширани почетоци и завршетоци (Си бил еден цар..., Имало едно време..., ...и јас бев таму и јас видов сѐ). Според некои фолклористи народните приказни се делат на 1. фантастични (митолошки) приказни кои се поврзани со народната митологија. Кон оваа група некои ги додаваат легендите и преданијата. 2. Реалистични приказни со настани од секојдневниот живот на луѓето и со јасни идејни пораки да се истакнат скромноста, трудољубивоста, остроумноста, наспроти фалбаџиството, мрзливоста, глупоста и сл. Со оглед на тоа што многу приказни се проткаени со хумор, може да се каже дека има и посебен подвид - хумористични приказни. 3. Приказни за животни во кои главни јунаци се животните кои се носители на човечки особености. Овие приказни се слични на басните, но се подолги од нив. Немаат наравоучение како кај басните. III. Кратките народни умотворби во секој поглед заслужуваат внимание. Иако се кратки, понекогаш целата мудрост и вистина од


една приказна може да се преточи во една пословица и сл. Во овој вид спаѓаат анегдотите, пословиците, поговорките, гатанките, верувањата, благословите, клетвите, баењата и сл. Анегдотите се мали приказни (обично со духовита содржина) од животот на некои познати личности. Пословиците и поговорките се кратки, длабоко осмислени форми со кои на сликовит (метафоричен) начин се искажува некоја животна вистина. Обично не се прави разлика меѓу нив зашто и едните и другите имаат исти идејни пораки: да размислуваме, да внимаваме како се однесуваме, да се поучуваме. Духовитиот израз ги прави лесно прифатливи и применливи во секојдневниот говор. Пословици: Офцата повеќе пати се стриже, ама една́ч се дере; И би́волицата е црна, ама бело млеко дава - одговор на црномуреста девојка/жена;зајако у гората, а он раже́н прае; уште не седна́л, почна́ да несе -да зборува, да соли памет. Поговорки: Дробено срка - чека на готово; задо́ен у ушите - не слуша, или се прави дека не слуша; задо́ен на балти́а (секира) - се вели за насилник (според обичајот на задојување кученца покрај секира за да се похрабри); кој се воде по поговорките, не греше во живо́то. Во гатанките преку


метафорично прашање се бара одговор: црна врвца пато го пресечела (гат. мравки); пӑн грб игли има, а ус них не шие (гат. еж); живо, сиво, збито, ус игли набито (гат. еж). Народните верувања се поврзани со секојдневниот живот на луѓето. Некои водат потекло од митологијата (верувања во натприродни суштества - самовили, наречници, сенки), некои се однесуваат на празници, на животни, на небесни тела и сл. Безмалку и да нема животна ситуација која не е поврзана со некое верување. Многу често верувањата се поврзани со суеверијата. Близу до верувањата се толкувањата на соништата. Баењата се кратки говорни форми кои водат потекло од митовите. Со нив преку изговарања на магиски зборови и користење на магиски средства се помагало во лекување на душевни и физички болести. Благословите и клетвите се исто така кратки народни умотворби засновани врз магиската моќ на зборовите. Во благословите се искажуваат желби да се случуваат убави работи, се искажуваат честитки, во клетвите се коби зло, се посакува да се случи некоја несреќа. Благослови: Бог да чува и да бране! Ут твоја уста, у божји уши; И на ваша глава (честитка); Бог нека дава и нас да не нѐ забора́ве. Клетви: Да треснеш, да пукнеш! Ега́, аи́р да не видеш.


ЛИРИКА - ОСОБЕНОСТИ НА ЛИРИКАТА Лириката е еден од трите литературни рода, покрај епиката и драмата. Ги опфаќа литературните дела песни, напишани најчесто во стихови (многу ретко во проза), во кои се искажуваат чувства, мисли и расположби. Се појавила во античкиот период. Името го добила според инструментот лира, со кој редовно биле придружувани песните. Основни обележја на лирските песни се субјективноста и емоционалноста. Субјективноста се искажува преку т.н. лирски субјект - авторовиот однос кон случувањата од надворешниот свет. Тој однос се изразува најчесто преку употреба на форми за прво лице еднина. Емоционалноста како авторова реакција на надворешните случувања ги надополнува неговите мисли и опфаќа широк појас од позитивни емоции и чувства (љубов, среќа, занес, надеж...), но и од негативни (љубомора, завист, тага, страв, омраза...). Важна особеност на лирската песна (но и на епската) е ритмичноста. Таа се постига преку употреба на ритмички стапки и цезура и други придружни елементи (рима, интонација, опчекорување и сл.) во стиховите. Стихот е основна единица на песната, се состои од еден ред, кој обично е покус од редот во прозните текстови.


Два или повеќе стихови образуваат строфи (дистих = строфа од два стиха, терцина = строфа од три стиха, катрен = строфа од четири стиха...). Науката која се занимава со организацијата на стиховите се вика версификација (versus лат. = стих, ред). Таа особено ги проучува начинот на создавање на стихот и на ритамот во стихот. Стиховите се составени од одреден број слогови (четверец = стих од четири слога, петерец = стих од пет слога; осмерец, десетерец, сѐ до шеснаесетерец). Овие и другите видови стихови се застапени како во уметничката, така и во народната поезија. Покрај силаботонскиот стих (во кој се води сметка и за бројот на слоговите и за бројот на ритмичките стапки), постојат уште и: силабичен стих (еднаков број на слогови); тонски стих (во кој е важен бројот на нагласените слогови, но не и нивниот број); скалест стих (дел од стихот се префрла во следниот ред); слободен стих (без сите ограничувања што ги содржат силабичниот и тонскиот стих). Важно обележје на поезијата е ритамот. Тој претставува рамномерно повторување на ритмичките стапки и другите елементи кои се содржани во стиховите. Ритмичка стапка е целост од два или повеќе слогови од кои еден е нагласен.


Во силаботонската версификација постојат двосложни и трисложни ритмички стапки. Двосложни ритмички стапки се трохеј (хореј) и јамб. Трохејот е ритмичка стапка во која првиот слог е нагласен, а вториот не. Поради местото на акцентот во нашиот јазик кај двосложните зборови (на претпоследниот слог) трохејот е многу често застапен. Пи́ла Не́да, ма́тна во́да па́ испи́ла љу́та зми́ја. Бо́лна ле́же, бе́ла Не́да бо́лна ле́же ште́ (!) ќе ју́мре. Јамбот е ритмичка стапка кај која првиот слог е ненаглсен, а вториот е нагласен. Се среќава во уметничката поезија и особено во препевите: ...и бре́к/не жи́л/и, ви́в/не гла́с, и за́т/ре в ми́г, јад се́/кој, кри́к, и на́/деж в гра́/ди кре́/не вча́с... (Ф. Прешерн: Здравица) Кај трисложните стапки се среќаваат дактил, амфибрах и анапест. Дактилот е стапка кај која првиот слог е акцентиран, другите два се неакцентирани. Поради трисложниот акцент во нашиот јазик, дактилот


се смета за природна ритмичка стапка. Во народната поезија во стиховите од осум слога (осмерците) најчесто се комбинира со трохејот Бе́лежил ју́нак, бе́лежил, ви́соко др́во в го́рата, ка́лешо ја́гне в ста́дото, у́бава мо́ма в о́рото, ки́тка тре́ндафил в гра́дина... како и во десетеречките стихови, пак со трохеј: Па́ун ле́ти ви́соко, ви́соко Кри́лја др́жи ши́роко, ши́роко, и́ по не́го па́уна, па́уна... Или со трохеј и со амфибрах (ритмичка стапка од три слога од кои првиот и третиот се ненагласени, вториот е нагласен). О́станал Ко́љо, си́раче без ма́јка Ко́љо, без та́тко. О́тишел Ко́љо, слу́гинче, во гра́да Со́лун, го́лема... Песната Тешкото (Бл. Конески) е пример за доследна примена на версификациските правила. Целата е напишана во амфибрах, со


исклучок на шестиот и осмиот стих на секоја строфа (во кои има по еден јамб). За да го постигне тоа авторот на почетокот на секој стих додава по еден едносложен неакцентиран збор. И повеќе од тоа: римувањето во целата песна е речиси беспрекорно (секаде има трохејска „женска” рима, само шестиот и осмиот стих се со јамбска „машка“ рима). О те́шко/то! Ста́рци/ изле́гу/ват е́ве, на че́ло/ им ми́сла,/ во о́чи/ им вла́га и пр́ви/от че́кор/ по ме́ка/та тре́ва е ми́рен/ и ба́вен,/ со здр́жа/на та́га. Но р́зну/ва та́пан/ и пи́сок/ се кре́ва и мо́лни/ја све́тну/ва во́ (!) сек/ој гле́д, и на́пред/ се пу́шта,/ се стре́лка,/ се сле́ва Стегна́ти/от ре́д. Анапестот е ритмичка стапка кај која првиот и вториот слог се ненагласени, третиот е нагласен. Во народната поезија не се среќава, а во уметничката треба голема умешност за да се создаде (со подбор на едносложни и повеќесложни зборови). Римата е еден од битните елементи во поезија кој го засилува ритамот и звучноста, особено на крајот на стиховите. Таа претставува звучно


совпаѓање на еден, два или повеќе слогови обично на крајот на стиховите, но може и во средината (т.н. внатрешна рима). Може да биде од еден слог - јамбска (глед/ред); од два слога - трохејска (трева/крева, влага/тага); од три слога - дактилска (високо/широко). Во однос на распоредот во стиховите може да биде паралелна (првиот и вториот, третиот и четвртиот стих), вкрстена (во одломката од Тешкото: првиот со третиот, петиот, седмиот стих; вториот со четвртиот стих; шестиот со осмиот стих); обградена (првиот со четвртиот стих; вториот со третиот стих). Некои од поетските форми (сонетот и сл.) имаат специфично римување. Што се однесува до римувањето во народната поезија, тоа е многу помалку застапено и секогаш е подредено на содржината на песната.

Баш на време се ожених земах жена работна, што пет пари вадеше, десет пари јадеше. Ушт на прва вечер зема да ми зборува:

Куп ми мажу, папучки, нека бидат лустрички; куп ми мажу капелка, нека биде с панделка... (Заб. лустрички = светнати; капелка = женска шапка со панделка)


СТИЛСКИ ФИГУРИ Понапред е кажано дека една од функциите на јазикот е поетската, која го користи сликовитиот начин на изразување. Особено доаѓа до израз при создавањето на литературните дела и посебно во поезијата. За да ја остварат таа функција поетите го користат преносното значење на зборовите, но и звучните ефекти што ги содржат некои зборови. Воопшто начинот на изразување се вика стил, а јазичните средства - стилски изразни средства или стилски фигури (тропи). Стилските фигури може да ги поделиме на сликовити (во кои доминира преносното, сликовитото значење на зборовите) и на звучни (во кои преовладуваат звучните и интонациските елементи). Во првата група - сликовити стилски фигури спаѓаат: епитет, споредба, метафора, хипербола, персонификација, симбол, алегорија и други. Во втората - звучни стилски фигури ги вбројуваме: асонанца, алитерација, ономатопеја, анафора, епифора, реторско прашање и други. Епитетот е една од најзастапените стилски фигури со која на сликовит начин се објаснува некој предмет. Се користи и во уметничката, како и во народната поезија:


Минува разлистен април, наметнал облека цветна, ставата негова красна - тоа е нашето поле; минува мирисен април, лазурот небесен светнал, расцветан, насмевнат тој е, во мојот поглед волен... (Нашиот Сандански - Гане Тодоровски) (Заб. Изразите нашето поле, мојот поглед и сл. не можеме да ги сметаме за епитети зашто во нив нема сликовитост и емоционалност, својствени на поетскиот стил). Епитетот е често застапена и во народните песни: Ерген сӑм одил преодил, девет сӑм града прошетал ни една не ми е на срце. Сега сӑм една заљубил: снага ѝ тенка висока, очи ѝ црни маслинки, руса ѝ коса до петици, веѓи ѝ тенки гајтани. И повеќе од тоа. Се среќаваат т.н. постојани епитети: бело грло, гора зелена, бисер ѓердан, срмен елек, рамни двори широки.


Споредбата (компарацијата) е стилска фигура со која се врши споредба по сличност на два поими, два предмети и сл. Подеднакво ја има и во уметничката и народната поезија: ...Кај е оној поглед жив што гори како в мрака огневита трага... ( Матуранти - Бл. Конески) ...Не си ја продавај таја брза којна, ако сум ти на к’смет, сама ќе ти дојдам, низ двор ќе ти труснам како јаребица, диван ќе ти стојам, како права свешта. Заб. трусне = потскокне, при играње оро; диван стои = стои исправено. Метафората е стилска фигура многу слична на споредбата, кај која заради стегнатиот израз се испушта сврзникот како. Покрај сликовитоста со неа се внесува и емотивност: ...Снаата била есенска слана, што ќе ослане, сѐ ќе исајне; золвата била пролетна роса што ќе оброси, сѐ ќе порасне. Заб. исајне = исуши се; свене (за растение и сл.)


Метафората е многу честа и во уметничката поезија. Целата одломка од песната на Бл. Конески е една метафора. Ова е прво одделение од девојченца на мајски излет излезени в поле. Тие се држат уште за рака, бели пеперуги на главички им паднале, само на едно - црвена, па сите за да ја видат на прсти се поткреваат. Трепетат, трепетат, трепетат Пеперужни крилца... (Мак - Бл. Конески) Во тесна врска со метафората е алегоријата. Таа го користи преносното (метафоричното) значење на зборовите: Дек се е чуло видело владика да се потурче за едно младо ан’мче. Прва камбана бијеше владика брада бријаше


втора камбана бијеше, владика расо фрљаше, трета камбана бијеше владика булче љубеше. За да го засили неверството на владиката, народниот пејач користи симболи (камбана, расо, три пати биење на камбаната и сл.) Хиперболата е една од изразните средства која е многу позастапена во народните песни. Преку преувеличување на нештата се искажува емоционалниот однос на народниот гениј: Два сокола се вијат горе синото небо ај јако се вијат, крвави реки течат... Заб. вие се = се бори; води борба со надлетување (за птици и сл.) Перенуго, гиздава девојко, тихом пееш, на далек се слушаш, чул те овчар през девет планини ...Оставил си стадо небоено, оставил си стадо нем’лзено, оставил си млеко немерено, оставил си млеко нецадено.


Словенска антитеза се вика затоа што ја има во народните песни на словенските народи. Се состои од прашање, негација на прашањето и најпосле точниот одговор: Ѓурѓице назл’м варошко, та што си толку убава, дали си од Бога паднала или си од земја никнала? Ниту сум од Бога паднала, ниту сум од земја никнала, и мене ме мајка родила. На Велигден сум родена, на Ѓурѓовден сум крстена, со бело сум млеко доена, со рујно сум вино бајнана... Заб. назл’м (тур.) =нежен, кокетлив Цитат за овој час: Има љубoв слична на пoтoкoт oд дoжд, кoј прeстанува набрзo пo дoждoт. Нo има љубoв слична на извoр штo избива oд зeмјата и штo никoгаш нe прeстанува. Првата љубoв e чoвeчка, а втoрата бoжeствeна. Св. Исак Сирин


Персонификацијата (оживување) е изразно средство со која на предметите или појавите им се даваат човечки особености: Ветерот резбари врз твоето тело. колебајќи се од киповите да ја позајми совршеноста, или од тебе совршен кип да направи. (Тајни - Н. Маџиров) Или пак на животните да зборуваат како луѓето: Ратка им вели говори: Пуштете ме змејо, не ме олавете, мајка ми болна умира за студена водица. Змејо ѝ вели, говори: Много си Ратке знаеш да лажеш... Заб. олави = задржува; олавешка именка ж.р.= задржување, застој Покрај сликовитите стилски фигури, во поезијата се застапени и звучни стилски фигури, со чија употреба се придодава музикалност и емоционалност на поетскиот збор. Асонанцата е звучно изразно средство со зачестена употреба на исти самогласки или зборови:


бел се пелин разлелеа, разлелеа, разбелеа. или: Кито моме, китка накитена, Кито моме, китка од градина. Реторското прашање е стилска фигура поставена како прашање, на кое не се чека одговор: ...ем го мие, ем го жално плаче, што ти сине, уста погорела, како кора калинкова, што ти сине, очи помренале како риба отровена, што ти сине лице поплетнело, како платно пребелено? Во приложените стихови може да се откријат и други изразни средства (епитети, споредби и сл.). Заб. помрене = (из)умре, поплетне = побледне. Анафора е стилска фигура во која на почетокот на стиховите има повторување на исти зборови.


...Та си фана јагне раниче, од девет мајки доено, однесе го на кадијата. Еј кадија, млад судија, нели знаеш по тебе: дек ќе се сретнат двајца млади, дур не си дума раздумат, дур не си лице целиват, не може да се разделат! Дек ќе се сретнат двајца стари дур не си кавга разменат, не може да се разделат! Во стиховите погоре имаме и рефрен (повторување на еден или повеќе стихови): не може да се разделат Заб. дек(а) прил. = кај, кај што, каде што Ако се повторуваат зборовите на крајот на стиховите, стилската фигура се вика епифора: Цигуларин пита, распита, Радо ле дека има село големо, Радо ле,


Тамо има моми убави, Радо ле, да идам да се оженам, Радо ле! Заб. цигуларин, тој што свири на цигулка = виолина; виолинист Во следната песна имаме анадиплоза - повторување на зборови од крајот на стихот, во почетокот на следниот стих: Ајде пушка пукна Геговската мала, Геговската мала, Кољовата кашта, Кољовата кашта целај сардисана, целај сардисана од Димуш војвода. Кољовата мајка по дворове шете, по дворове шете, дробни с’лзи роне, дробни с’лзи роне, бели прсте крши. Еј ти Димуш, Димуш, ти Демош (!) војвода, товар лири давам, Кољо го пуштејте! Заб. Геговското маало (Гега), едно од 12- те приселца на с. Егуменец (Игуменец) во Пиринскиот дел на Македонија. (Во Демош, гласовна промена спротивна на редукцијата на вокалите!)


Апострофата е зачестена стилска фигура во нашата народна поезија. Претставува реторско обраќање кон лица или предмети: ...твојте листја, горо сестро слана ги ослани, мојта младост, горо сестро војна ја попари... или: Стига сме јале, јале и пиле тл’сти јагнина и вино црвено. Развивај бајрак ти Мануш војвода... Заб. тл’ст = згоен, дебел (архаизам со остаток од вокалното л; во нашиот и во рускиот јазик дало ол; спореди во рус. јазик: Толстој). Цитат за овој час: Природно својство на лимоновото дрво е неговите гранки да се возвисуваат, кога тоа е без плод. А кога ќе се свиткаат, значи дека наскоро ќе дојде и плодот. Св. Јован Лествичник


ЛИРСКИ ВИДОВИ Поделбата на лириката по видови се врши најчесто според чувствата и расположбите застапени во песните и според начинот на кој се обработуваат истите. Со оглед на тоа што лирските творби се создавале во текот на повеќе илјадалетија, некои лирски видови се изгубиле, некои се видоизменувале, а се појавувале и сосема нови. Тоа на извесен начин ја усложнува класификацијата на лирските видови (жанрови). Како дополнителен елемент треба да се земе предвид времето кога некои видови биле популарни (антички период, средновековие, ренесансата и сл.), но исто така и просторната (географската) застапеност (сонетите, канцоните, мадригалот- во западноевропската литература, псалмите - во еврејската, газелите - во персиската литература и сл.). Кон обидите за поделба на лирските песни по видови, не треба да се изуми и фактот што мотивите и чувствата од еден вид може да бидат застапени и во некој друг вид (жанр). Па така како општ принцип при разграничувањето на лирските видови останува односот меѓу лирското јас и светот. Според чувствата и расположбите изразени во песните лириката може


да се подели на четири групи: 1. Субјективна, 2. Возвишена, 3. Елегиска, 4. Сатирична. 1. Субјективната лирика според мотивската застапеност се дели на: интимна лирика во која се изнесуваат внатрешните (интимните) настроенија и чувства на поетот; љубовна лирика која опфаќа широк спектар на љубовни расположби (неостварена љубов, љубовен занес, бол и страдање заради љубовта и сл.); пејзажна (описна) лирика во која преку описот на природата поетот ги искажува своите чувства и расположенија; родољубива лирика - песни инспирирани од љубовта кон татковината преку опис на нејзините убавини, историското минато и сл.; социјална лирика во која во преден план се дава неправдата кон сиромашните, нивното угнетување од страна на богатите. Во некои песни дури се повикува на бунт, па некои од овие песни може да ги сметаме за револуционерни; рефлексивна (мисловна) лирика во која се изнесуваат размисли на поетот за раѓањето, за животот, за смртта и сл. 2. Возвишената лирика опфаќа песни кои се напишани со возвишен и свечен тон. Овде спаѓаат одата - свечена песна со возвишени чувства во која се слави благородноста, добрината, храброста и т.н. на некој јунак; химната - свечена песна. Најпрвин химните биле со религиозни


тематика и биле посветени на разни божества. Денес химните се свечени песни на одделни народи и држави и се еден од симболите на државноста. Во нив доаѓа до израз колективниот дух на една нација (или држава) и со почит треба да се однесуваме при нивните изведби. Дитирамб - хорска песна со ведра содржина во која се слават природата и животните радости. 3. Елегиската лирика ги опфаќа песните во кои преовладуваат тагата и разочараноста и се искажува жалење за нешто што не може да се врати. Во тажачките песни кои се својствени на народното творештво се искажува тагата и болката заради смртта на починатата личност и се поврзува со несреќната судбина на блиските. Во елегијата доминантно е тажното расположение. Епитафот е краток надгробен натпис во која се дава мудра изрека од животот или од Библијата. 4. Сатиричната лирика се однесува на песни во кои се подложени на потсмев разни недостатоци кај луѓето и во општеството. Покрај хуморот (во хумористични песни), често се користи иронијата, дури и сарказмот (сатиричните песни). Епиграмот е кратка песна со духовита или сатирична мисла.


Покрај наведените видови лирика, постојат и лирски видови со утврдена форма.Овде би ги спомнале сонетот и сонетниот венец. Сонетот е лирска песна која има 14 стиха распоредени во четири строфи. Првите две строфи имаат по четири стиха, другите две - по три стиха. Друга особеност на сонетот е римувањето на стиховите, кое кај разни автори може да биде специфично. Сонетниот венец е лирска творба со сложена градба. Составен е од 15 сонети, од кои последниот наречен магистрал ги содржи почетно-крајните стихови од секој сонет. Магистралот е напишан во акростих (првите букви од секој стих прочитани вертикално го откриваат името на кој е посветен сонетниот венец). Познат автор во европската литература кој напишал Сонетен венец е Франце Прешерн (посветен на Јулија Примицов) а во македонската литература - Лазо Каровски (посветен на Мајка Македонка) и особено Венко Марковски кој има напишано повеќе сонетни венци - Пранги, Спомени, На исток, (посветени на неговата сопруга Филимена Марковска). Поука за овој час: Три патишта водат кон спознанието: патот на размислувањето - тоа е најблагородниот пат, патот на имитирањето – тоа е најлесниот пат, и патот на искуството –тоа е најгорчливиот пат. Конфучие


ЕПИКА - ОСОБЕНОСТИ, ЕЛЕМЕНТИ Епиката е еден од трите литературни рода. Во овој литературен род се среќаваат творби напишани во стихови и во проза. Основно обележје на епските дела е раскажувањето за личности и настани. Авторот раскажувач настојува да даде објективна слика за она што се случува во надворешниот свет, за разлика од лирските песни во кои преовладува описот на интимниот свет. Во епските творби раскажувачот (нараторот) се јавува најчесто во трето лице, додека во лирските поетот зборува во прво лице. Што се однесува за раскажувачката постапка, таа се реализира спокојно, со сеопфатни описи на личностите и настаните. Тоа се нарекува епско спокојство и заедно со епската широчина ги дополнуваат белезите на епиката. Многу често при описот на некоја личност, авторот се навраќа во минатото со намера целосно да го прикаже неговиот карактер. Притоа се даваат опширни описи во каква средина живее, што работи, со кого се дружи и сл. Дури се даваат и описи на природата и други неопходни подробности. Исто така, неретко навлегува во внатрешниот (интимниот) живот на личноста, опишувајќи ја нејзината емотивна состојба.


Но изнесените чувства не се лични авторови, тој нив ни ги прераскажува. Во епските творби авторот го опишува тоа што го гледа. Всушност, објективноста (непристрасноста) покрај раскажувањето (наративноста) е основно обележје на епиката и е противположна на субјективноста во лирските творби. Многу често писателот се става во улога на набљудувач на настаните и личностите, запоставувајќи ги своите лични убедувања со цел да не влијае на идејното определување на делото. Додека во лирските дела авторот се опишува самиот себеси, односно неговите мисли и чувства се предмет на песните, во епските дела тој создава ликови и карактери кои се среќаваат во средината во која живее. Преку нив ги разоткрива општествените, семејните, моралните и другите потивречности. Исто така преку главните ликови кои се во основа типични ликови (со карактерни особености) за една средина или општествен слој, писателот ја изложува главната идеја во делото. Сепак, иако не директно, туку преку ликовите и идејните пораки, можеме да ја осознаеме авторовата личност, неговите лични погледи на животот, кои не секогаш се совпаѓаат со изнесените факти во уметничката творба.


Основни елементи на епските творби се композиција, тема, мотиви, идеја, фабула, лик, дејство, простор, време, наратор... Под поимот композиција се подразбира начинот на кој одделните делови на епската творба се поврзани. Обично на почетокот авторот нѐ запознава со личностите и настаните што се предмет на делото. Тоа се нарекува експозиција (изложување) на темата. Следната фаза ја именуваме како заплет на дејството и во неа авторот ги спротивставува постапките и однесувањата на ликовите за да се дојде до крајната (врвната) точка на судирот наречена кулминација. Во продолжение на дејството се случува неочекуван пресврт или перипетија, по кое следува конечното разрешување на дејството што го означуваме со расплет. Вака набележаните делови на композицијата се надоврзуваат еден на друг и образуваат т.н. единство на дејството. Во големите епски дела може да се сретне и поинаква композиција преку дигресија (оддалечување од главното дејство) или пак со паралелно раскажување за други настани и личности преку епизоди (тематски заокружени целини). Темата е она за што се раскажува во делото. Тоа е предметот што се обработува во делото. Многу често во насловот се содржи и темата.


Мотивите се елементи на литературното дело кои се обединети околу темата. Идеја е основната порака (замисла) која сака да ни ја пренесе авторот на епското дело. Покрај главната идеја може да се откријат и повеќе други (споредни) идеи, особено во поголемите епски дела. Фабула е низа од настани во едно дело прераскажани по хронолошки ред. Ако редоследот на настаните се случува според замислата на авторот во кои настаните се редат со причинско-последична врска тогаш станува збор за сиже. Според некои теоретичари под фабула се подразбира содржината на делото во кратки црти и дека поимот сиже е поширок. Преку ликовите авторот на епското дело раскажува за животот на луѓето, преку нив ги соопштува своите замисли, преку нив зборува за противречностите на општеството. Ликот е вршител на дејството во делото. Обично има еден главен (централен) лик кој е носител на главната идеја на авторот. Тој содржи низа особености кои се типични за една средина и еден период, за една професија и сл. Во исто време тие карактеристики може да бидат во голема мерка и индивидуализирани. Големите епски дела имаат повеќе ликови (некои од нив споредни).


За да може дејството да се движи напред, многу често на главниот лик (протагонистот, херојот) со свои постапки му се спротивставува антагонистот (антихеројот). Дејството во епското дело го составуваат низа од случки, настани во кои се вклучени ликовите, а кои означува дејствување и за кои ни раскажува нараторот. Нараторот ни ги раскажува настаните и местата каде се случуваат и ликовите кои се среќаваат во делото. Просторот и времето се неизоставни елементи на едно епско дело. Просторот може да го дефинираме како место, амбиент во кој се одвива дејството, а времето како траење на нешто што се случува. Се прави разлика меѓу времето на нарацијата (потребно да се раскаже нешто), и времето на одвивање на опишаните настани во делото. Цитат за овој час: За нас повеќе отколку за многу други во светот јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е заправо единствена наша комплетна татковина. Блаже Конески


ЕПСКИ ВИДОВИ Големиот број на епски творби нужно бара нивно разграничување и класифицирање. Поделбата може да се врши по две основи - според формата и според обемот на епските дела. Според формата тие се делат на епски творби во стихови (епска песна, поема и епопеја) и епски форми во проза (расказ, новела, приказна, повест, роман и сл.). Според обемот епските творби се делат на мали и големи епски дела. Во малите епски дела ги вбројуваме епската песна, расказот, новелата, митот, легендата, анегдотата, басната, разните видови народни приказни (фантастични, реалистични, приказни за животни и сл.), повеќе куси форми (пословици, поговорки), како и повеста како средно епско дело. Во големите епски дела припаѓаат романот и епопејата. Епската песна по обем е мало епско дело во која е прераскажан настан од животот на една личност. Обично се тоа народни песни, но постојат и уметнички епски песни. Расказот е мало епско дело напишано во проза. Обработува некаква случка и има еден или неколку ликови. Но само еден од нив е носител на дејството. Според содржината можеме да ги поделиме на раскази со битова, историска, хумористична и сл. тематика.


Новелата ( итал. nuvella - вест, новост) епско дело по големина меѓу расказот и повеста, со збиено дејство, во чија фабула се дава исечок од животот на главната личност. Како форма особено била популарна за време на ренесансата (Декамерон од Бокачо се смета за прво такво дело) и во поново време (Смрт во Венеција од Т. Ман и Галебот Џонатан Ливингстон од Р. Бах). Понекогаш се пренебрегнува разликата меѓу расказот и новелата и тие се поистоветуваат. Митот е епско дело во кое се доминантни фантастични толкувања за природните појави, за необични суштества, за постанокот на светот и сл. Во него се среќаваат преобразби на луѓето во натприродни суштества и обратно. Слично на митот, и легендата е исполнета со фантастични елементи. Разликата е во тоа што таа има историска подлога и е поврзана со некоја личност или настан. Постојат легенди за животот на некоја личност (Александар Велики, Свети Ѓорги, Крале Марко...) и легенди за постанокот на месности (села, градови, реки, езера, небесни тела...) и сл. Ако легендата усно се пренесува, поправилно е да се именува како предание. Самиот поим легендарен означува нешто кое е вредно да се памети и раскажува (легендарен јунак, легендарна изјава - леле, луѓе, што направиме!).


Анегдотата е кус расказ со хумористична содржина поврзан со некоја личност, односно со случка од неговиот живот. Анегдоти постојат и во народното творештво (се однесуваат на Итар Пејо, на Насрадин-оџа и др.). Нивната содржина најчесто се гради врз наивноста и простотијата на селаните, наспроти итрината и мудроста што ја покажувале двајцата. Понекогаш и меѓусебно надмудрување на итроманите е предмет на повеќе анегдоти. Басната е мало по обем епско дело, во стих или проза, чиј автор е познат. Во неа на алегоричен начин преку постапките на животните се укажува на недостатоци кај луѓето. Во басните преовладува иронијата, понекогаш дури и сатирата. На крајот имаат поука или наравоучение. Народните приказни исто така припаѓаат на малите епски видови. Според содржината ги делиме на фантастични, реалистични и приказни за животните. Фантастичните приказни се поврзани со народната митологија и во нив се среќаваат натприродни суштества и предмети (самовили, змејови, волшебни килими, ламби...). Реалистичните приказни обработуваат случки од секојдневниот живот на луѓето со истакнување во преден план на карактерни особини: добрина наспроти завист и зло; скромност и умност наспроти фалбаџиство и глупост и сл.


Ликовите во овие приказни се земени од секојдневниот живот и се носители на тие карактерни особини. Сите приказни без исклучок, носат некоја порака и таа лесно се открива преку однесувањето на самите ликови во нив. Приказните за животните како главни јунаци ги имаат токму животните. По содржина се слични на басните, но се подолги од нив. Животните се со карактерните особини на луѓето. Немаат наравоучение на крајот, но тоа лесно може да се препознае и открие. Кон малите епски видови ги додаваме и пословиците, поговорките, гатанките и сл. Тоа се дводелни (пословиците) и едноделни (поговорките) состави со кои во збиена форма се искажува некоја животна вистина, или пак, преку преносно значење на зборовите, да се бара одговор на некое прашање (гатанките). Повеста е епско дело по обем меѓу расказот и романот. Дури понекогаш се вика краток роман. Во структурата на повеста влегуваат повеќе ликови и настани, но сепак основното дејство се врзува за еден централен лик. Во нашата литература повест пишувале: Славко Јаневски (Улица), Ѓорги Абаџиев (Арамиско гнездо), Стале Попов (Мариовскиот панаѓур) и други автори.


Во големите епски творби спаѓаат романот и епопејата (и епот). Романот е обемно епско дело во проза, иако има и романи (сепак многу поретко) напишани во стихови.Во романот се раскажува за повеќе настани, во него може да има повеќе ликови, некои од нив се носители на основното (главното) дејство и преку нивните постапки се открива главната идеја на авторот. При создавањето на делото писателот- романсиер се јавува како непристрасен (објективен) набљудувач на средината во која егзистираат главните јунаци (ликови). Појавата на овој литературен вид под тоа име (роман) се поврзува со средновековниот период иако такви дела биле создавани многу порано, уште во античкиот период. Но вистински процут тој доживува со појавата на т.н. рицарски романи со возвишена тематика (Тристан и Изолда), преку ренесансниот период, со т.н. класичен роман (Дон Кихот), па сѐ до модерниот и современиот т.н. постмодерен роман. Во однос на поделбата на романите, може да ги класифицираме по повеќе основи: 1. според тематско-мотивските особености (општествени, семејни, историски, љубовни, психолошки, детски и сл.); 2. според тонот на излагањето: (херојски, хумористични, сатирични, дидактички и сл.);


3. според епохата на создавањето (класичен, модерен, современ и сл.); 4. според формата: (прстенасти, паралелни, роман-есеј, роман-река и сл.). Но оваа поделба може на извесен начин да биде лимитирана (ограничувачка) во однос на многу романи во современата (постмодерната) литература, во кои се експерментира во начинот на изразување; се запоставуваат настаните, тежиштето се насочува на ликовите и сл. Епопејата е големо епско дело во стихови во кое се воспеваат ликови и настани значајни за историјата на еден народ. Настаните што се раскажани се одиграле многу порано пред да настане таквото дело. Затоа многу често покрај историските настани и личности, има и фантастични ликови кои ѝ припаѓаат на митологијата. Раскажувањето се одликува со епска широчина, со многу детали и чести повторувања. Понекогаш има отклонување од главниот тек на настаните (дигресија) за да може дејството да се успори и да се одложи неговата разврска. Тие настани се само дел од некој уште поважен настан (Тројанската војна). И уште: почнуваат со повик до музите; боговите се активни учесници; преувеличување на силата на некои јунаци; зачестена употреба на епитети и други стилски фигури и сл.


Некои научници сметаат дека треба да се прави разлика меѓу епопејата и епот. Според нив во епопејата се опишани настани и личности кои се значајни за цел еден народ (Илијадата и Одисејата), додека во епот настаните се поврзани само за главниот јунак (Епот за Гилгамеш). Денес поимот епопеја има пошироко значење. Може да означува важен историски настан (Епопејата на Ножот) или дури настани од судбоносно значење за еден народ (Илинденската епопеја). Цитат за овој час: А оние што нѐ негираат или присвојуваат, сигурно имаат некоја поголема мака. Можеби им се јавува преголема празнина во нивната историја која, без нас, не знаат со што да ја пополнат. Најопасен национализам е оној со кој се пополнува сопствената празнина ... ...Спокоен сум затоа што знам дека Македонија има централно место во светската цивилизација: двете светски писма и еден од првите универзитети. Македонија, ако сакате, е и библиска земја и јас би рекол дека е постара и од Европа. А таа Европа денес, како некој пијан нунко, се мачи да ја прекрсти, смислувајќи ѝ го новото име меѓу секои две ждригнувања на обилните ручеци...Петре М. Андреевски


ЛИРСКО-ЕПСКИ ВИДОВИ Покрај делата напишани во еден од трите литературни рода (лирика, епика и драма), постојат и литературни творби кои во себе содржат лирски и епски елементи. Особеностите од лириката и епиката во нив се испреплетени на начин што создаваат еден нов меѓурод - лирскоепски видови. Овде спаѓаат баладата, романсата и поемата. Некои литературни теоретичари меѓу овие видови го вбројуваат и романот во стихови поради неговите формални белези со овиј меѓурод. Од лирските обележја во овие видови во преден план се истакнуваат субјективноста и емоционалноста. Епскиот карактер, пак, се манифестира преку раскажување за одредени настани и личности. Ваквите дела ги содржат речиси сите други особености на епиката: фабула, дејство, ликови и сл. Напишани се во стихови, што е заедничка одлика на лирските и на дел од епските творби. Баладата е лирско-епска творба со фантастична содржина во која се раскажува за некој настан кој има трагичен крај. Тематски го покрива историското минато и се засновува на народните легенди и преданија. Содржината прави интонацијата на баладата да биде тажна, дејството


да биде напнато, а лирските и епските елементи да се прикажат на драматичен начин. Возвишениот стил со кој биле испеани трагичните настани била причина баладите да бидат особено популарни песни во минатото кај некои автори (Едгар Алан По, Виктор Иго, В. Гете). Романсата е лирско-епска песна во која со ведри стихови се опишува љубовта. Во романсата се пее за некоја љубовна историја која по низа перипетии има среќен завршеток. Стихот е весел, разигран и кај читателот создаваат ведрина и чувство на задоволство. Корените на романсата се наоѓаат длабоко во народното творештво, за подоцна уметнички да се обликуваат, а некои дури и да се пеат придружени на гитара. Се појавила најпрвин во Шпанија (romanzo = по романски, на народен јазик, не на латински), за потоа да се прошири и во други земји (Франција, Англија, Германија). Поемата е лирско-епско дело во кое епските настани што се опеваат се проткаени со многу лирски расположби и размисли, често предадени во прво лице. Лирските настроенија се јавуваат покрај многуте заплети и расплети кои пак, се одлика на епските песни. Поемата има развиена фабула, во која покрај главниот јунак, се јавуваат и други ликови.


Според тематиката разликуваме повеќе видови поеми: јуначки поеми на историска и неисториска основа; религиозно-филозофски поеми; романтичарски поеми; поеми со современа тематика и сл. Поемата како литературен вид се појавила во 19. век во времето на романтизмот. За нејзин основоположник се смета Џорџ Гордон Бајрон. Нешто подоцна под негово влијание, Александар С. Пушкин и Михаил Лермонтов ќе го афирмираат овој вид во руската литература и пошироко во светската литература. Во нашата литература, а во чест на Григор Прличев (кој ги напишал бесмртните поеми Сердарот и Скендербег ), е востановена награда за најдобра необјавена поема на македонски јазик (1993 година). Досега дваесетина поеми биле наградени и уште многу други напишани, и нивните творци се спомнуваат покрај Кочо Рацин, Коле Неделковски, Венко Марковски, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Анте Поповски и многу други поети кои пишувале поеми. Поука за овој час: Мудроста не е во тоа да се зборува, туку да се знае времето, кога треба да се зборува. Ава Исаија


ДРАМА - ОСОБЕНОСТИ НА ДРАМАТА Драмата е еден од трите литературни родови. Под поимот драма (старо гр. δρᾶμα = дејствие) уште се подразбира литературно дело наменето за изведба пред публика. Тоа значи дека првенствено е пишувано за гледање и сценска изведба, за разлика од лирските и епските творби кои се наменети за читање (но има и драми само за читање?!). Во тој поглед драмата е во тесна врска со театарската уметност каде што се реализира како театарска претстава. Драмата има и други одлики со кои се разграничува од лириката и епиката. Дејството во драмата се одвива преку дијалог меѓу ликовите. Тоа подразбира отсуство на раскажувачот (нараторот) што го има во епските дела. За да може драмското дејство да се движи напред потребен е судир (спротивставеност) меѓу две личности со различни карактери. Драмскиот текст подготвен за изведба на првата страница има список на ликовите и актерите кои ги играат улогите (ролјите). На почетокот или низ целиот текст дидаскалии (кратки објаснувања од авторот) за актерите и режисерот. Дијалозите се разговор меѓу два или повеќе ликови, преку кои ги откриваме темата и идејните ставови на авторот.


Често пати во драмите се среќаваат монолози, гласни размислувања на некој од ликовите, наменети за публиката, преку кои ги искажува своите внатрешни противречности. Надворешната композиција ја сочинуваат два или повеќе чинови кои може да имаат по повеќе сцени, слики и сл. Ако драмата има само еден чин се вика едночинка или драмолет(ка). Ако драмата има само еден лик се вика монодрама. Драмскиот текст се заокружува со прологот и епилогот. Со прологот се омеѓува временската и просторната димензија на дејството (кога и каде се случило), а со епилогот писателот сака да ја задоволи нашата љубопитност за судбината на ликовите по расплетот на драмата. Што се однесува до внатрешната композиција на драмата таа има сложена структура. Драмското дејство минува (како кај големите епски творби) низ следниве развојни етапи: експозиција (воведен дел во кој се запознаваме со личностите), заплет (почеток на судирот), кулминација (врвна точка на драмскиот судир, кога е ситуацијата е напната, напрегната), перипетија (пресврт, неочекуван развој на дејството), расплет (последна фаза во која доаѓа до разрешување на драмскиот судир).


ДРАМСКИ ВИДОВИ Основни видови драма се трагедија, комедија и драма во потесна смисла на зборот. Се издвојува уште еден подвид трагикомедија. Трагедија (од старогрчкото τραγῳδία, tragōidia = јарец и песна) е драмска творба напишана со сериозен, возвишен стил во која главниот јунак завршува несреќно. За да ги оствари своите замисли, главниот јунак доаѓа во судир со другите ликови или со средината во која живее. Целта на писателот е преку несреќата на главниот лик да предизвика сострадание и страв кај гледачот и да се јави кај него катарза (прочистување на душата преку естетско дејство на уметноста). Трагедијата се развила од дитирамбите, хорски песни со возвишен тон посветени на богот Дионис. Со одвојувањето на корифејот (хороводачот) од хорот и дијалозите што ги води со хорот се сметаат за пресвртница во појавата на трагедијата. Со внесувањето на двајца актери истовремено на сцена од Есхил, а потоа и на тројца од Софокле, античката трагедија ја заокружува својата форма. Кон овие двајца го придодаваме Еврипид. Своите дела ги пишувале во вид на тетралогија која се состоела од три трагедии кои составувале една целина како и една комедија која се изведувала на почетокот на


претставите додека публиката ги заземала своите места во театрите. Старогрчката трагедија се засновува врз митолошки и историски теми и се занимава со трагичната судбина на човекот. Значајно место во развојот на ренесансната трагедија му припаѓа на Вилијам Шекспир, а подоцна на класичната трагедија - на Жан Расин и Пјер Корнеј. И тројцата, а особено последните двајца, темите за своите дела ги наоѓаат токму во античката историја. Тие дури во целост ги спазуваат правилата за трагедијата и посебно правилото единство на просторот, времето и дејството. Комедија (од старгрчкото κωμῳδία, kōmōidía = поход, опход и песна) е драмско дело во кое основна карактеристика е смеата. Во почетокот означувала песна со која група момчиња се шегувале на сметка на своите сограѓани. Во комедијата во преден план се става смеата при што се изобличуваат разни човечки недостатоци или негативни појави во општеството. За разлика од трагедијата има среќен крај. Завршува со победа на разумот, правдата и чесноста. Според темата која ја зафаќаат комедиите ги делиме на: комедии на карактери (се исмејуваат човечки негативности - скржавост, завист,


лакомост, лицемерје); комедии на интриги (се засновува на недоразбирање, на сплетки и подметнувања и сл.); општествени комедии - комедии на нарави (се разобличуваат негативни појави во општеството - заостанатост, борба за власт, судир меѓу старите и младите и сл.). Покрај овие видови комедии, во одредени периоди биле популарни уште и Комедија дел арте (16. век, Италија) во која најмногу се импровизирало преку клиширани ликови; фарса (среден век, Франција) лакрдија, претстава со лесна содржина, заснована и врз апсурдни ситуации; водвил (Франција, Италија, Русија), лесна комедија без голем заплет и со многу пеење; гротеска (ренесанса, Италија) комедија со претерано, изопачено претставување на ликовите. Во литературната историја голем е бројот на писатели комедиографи: Аристофан, Плаут и Теренциј (во античката литература); Вилијам Шекспир (Англија), Лопе де Вега (Шпанија, со преку 2200 дела, од кои 800 пиеси); Молиер (Франција), Бранислав Нушиќ (српската литература) Васил Иљоски (македонската литература) и многу други. Трагикомедија е драмски подвид кој ги спојува трагедијата и комедијата. Во неа има преплетување на трагични и комични сцени, но


сепак на крајот има среќна завршница. Такви творби пишувал Еврипид (во античката литература), додека Плаут прв го употребил терминот трагикомедија во едно свое дело. Драма во потесна смисла на зборот е драмски вид (за разлика од драмата како литературен род), која нема трагичен крај , ниту пак, крајот е комичен. Обработува теми и мотиви од секојдневниот живот со посебен нагласок на социјалните конфликти. Особено била популарна од 18. век наваму и полека ја истиснувала трагедијата. Со третирање на општочовечките противречности овој вид драма ќе стане основа на една нова гранка на уметноста - на филмот, а во најново време и на еден нов медиум - на телевизијата. Според начинот на изнесување на драмското дејство и според стилските особености може да разграничиме повеќе подвидови драми. Во нив авторите се повеќе се свртуваат кон човекот, кон неговиот внатрешен свет, користат нови постапки при обликувањето на ликовите. Притоа треба да се земе предвид и времето кога е пишувана драмата. Па така имаме античка драма, ренесансна, класицистичка, романтичарска, натуралистичка и сл. И уште: општествена или граѓанска драма (од средината на 19. век) која ги третира


противречностите меѓу луѓето во време на развиениот капитализам; антидрама или драма на апсурдот која е противположна на класичната драма и која во услови на отуѓеност и страв на човекот ја покажува бесмислата (апсурдот) на неговото постоење. Во денешново време на засилен техничко-технолошки развој драмската уметност се реализира и преку други форми како што се радиодрамата и телевизиската драма, која што може да се расчлени на повеќе епизоди и да се прикажува како драмска серија. Кога се зборува за драмата неодминливо е да не се спомне за особеностите на овој литературен род во рамките на националните литератури. Англиската драма, шпанската, руската и сл. имаат свои специфичности како во развојот, така и во изборот на темите и драматуршките постапки. Што се однесува до македонската драма, за нешто повеќе од едно столетие преку творештвото на Војдан Чернодрински; Димитар Молеров, Никола К. Мајски, Васил Иљоски, Антон Панов, Ристо Крле; како и на Коле Чашуле, Томе Арсовски, и на Горан Стефановски, Јордан Плевнеш Венко Андоновски, Дејан Дуковски таа силно се афирмира и во пошироки европски рамки.


НАЈСТАРИТЕ ЛИТЕРАТУРИ НА СВЕТОТ Историскиот развој на литературата започнува во оној момент кога биле создадени првите форми на писмено изразување со помош на идеографското и клинестото писмо. Тогаш биле создадени и првите литературни дела. Тоа биле анонимни творби засновани врз усното народно творештво. Времето кога тоа се случило и просторите каде тие настанале се предмет на историјата на литературата. Првите творби со литературна вредност допираат до третиот милениум пред нашата ера и се придобивка од месопотамската и египетската цивилизација иако пишувани документи и натписи настанале едно илјадалетие порано. Според некои асиро-вавилонската (сумерската), староегипетската, и старохебрејската литература се најстарите литератури на светот. Според други и старокинеската и староиндиската литература припаѓаат на таа категорија. Иако старогрчката литература е малку „помлада” во однос на другите, огромно е нејзиното значење за развитокот на староримската, а подоцна и на европските литератури. Асиро-вавилонската литература (поправилно е да се каже месопотамската, затоа што Асирците ја наследиле литературата и


културата од Сумерите), се чини дека треба да се спомне најпрво. Творбите се пишувани со клинесто писмо на глинени плочки. Зачувани се и дешифрирани речиси 22.000 такви плочки (во Лондон се). Епот за Гилгамеш најпрвин е напишан на сумерски јазик, а подоцна преведен на акадски јазик (асиро-вавилонски). Друго познато дело е епот Енума Елиш (Кога во височините) во кое се зборува за постанокот на светот според асиро-вавилонската религија. Се состои од 7 глинени плочки и околу 1000 редови. Главен лик во епот е врховниот бог Мардук. Староегипетската литература се развивала во временска раздалечина подолга од 3000 години пред н.е. Време во кое таа опстојувала се Старото, Средното и Новото Египетско Царство. Меѓу нив има повеќе преодни периоди, за најпосле со Древниот Египет да завладее династијата на Птолемеите (македонска династија) кога државата територијално е најголема. Во древната египетска литература се создадени творби од сите литературни родови. Познати се лирските песни, песните со свечен карактер (Химна на Сонцето, Химна на реката Нил), тажаленки, басните, приказните, делата со поучен карактер и сл. Од поучните дела го спомнуваме зборникот Птахотен. Покрај текстовите со световна содржина, настанале и творби


со религиозна содржина. Позната е Книгата на мртвите, настаната врз основа на Книгата на пирамидите и Книгата на саркофазите. Дел од древната египетска литература се и натписите на ѕидовите во пирамидите и камените плочки. Древната кинеска литература допира до третиот милениум пред н.е. и со право се смета за една од најстарите на светот. Првите творби биле песни и списи со религиозна содржина. Сепак вистинската литература се развива подоцна кога живее и создава филозофот Лаоце како и филозофот и поет Конфучиј кој дотогашната литературна оставнина ја систематизирал во пет канонски зборници од кои најинтересен е зборникот Ши-кинг или Шицзин (Книга песни). Ши-кинг содржи 305 песни со историски, обредни, лирски и сл. мотиви, поделени во 4 циклуси: Обичаи на царствата, Големи оди, Мали оди и Химни. Песните од првиот дел се најстарите форми на кинеската лирика. Тоа се народни песни со различна тематика. Има жетварски, љубовни песни, песни со мудри пораки и сл. Староиндиската литература се развивала речиси во исто време како и старата кинеската литература. Дури некои, првата од четирите веди Риг-веда, според значењето и стилот ја споредуваат со Ши-кинг.


Древната индиска литература е пишувана на санскрит јазикот и поделена е на три периоди. Првиот период се нарекува ведски. Тогаш настанале ведите (Риг-веда, Самаведа, Јаџур-веда и Атхарва-веда). Тоа се збирки со химни и религиозни текстови. Средниот период го опфаќа времето од крајот на првиот милениум пред Христа. Во него се појавиле повеќе дела од кои најзначајни се еповите Махабхарата и Рамајана. Махабхарата (Големата историја на Бхаратите) иако е епско дело содржи историска хроника, разни трактати, митови и легенди и сл. Содржи 100.000 строфи поделени во 18 книги. Во нив се зборува за 18. годишната војна на Бхаратите меѓу 18 армии. Рамајана е многу пократко дело (24.000 стихови во седум книги) и во него се раскажува за кралот Рама и неговата сопруга Сита која била грабната од демонот Равана, крал на островот Цејлон (денес Шри Ланка). Епот Рамајана е пишуван во период од речиси 600 години, повеќе пати е дополнуван и поправен и се одликува со формална совршеност. Постојат повеќе верзии на делото пишувани на различни јазици. Најпозната е онаа напишана на хинди јазикот.


Во третиот (златниот) период на индиската литература создавале повеќе творци меѓу кои и Калидаса, поет и драмски писател кој е наречен индиски Шекспир. Во овој период биле популарни басните со морални и религиозни параболи. Тогаш настанало делото Панчатантра (збирка од пет книги). Содржи басни и религиозни и морализаторски параболи. Мотиви од ова дело биле пренесени во повеќе други (европски) литератури и кај одделни автори. Нешто подоцна на Средниот Исток се развила староиранската (персиската) литература. Најпознато име од оваа литература е Фирдуси со неговото епохално дело Шахнаме (Книга на кралевите) Епот содржи 50.000 дистиха и пишуван е цели 20 години. Во светската културна историја значајно е името на Руми, поет, филозоф, теолог. Во соседство на иранската, се развивала арапската литература. Во предисламскиот период настанеле песни со утврдена форма врз основа на народното творештво. Со појавата на исламот и со ширењето на арапската држава на запад до Шпанија, ќе го наметне своето влијание, откако претходно во себе апсорбирала елементи од персиската, индиската и грчката култура и литература. Најпознато дело е збирката приказни 1001 ноќ која преведена речиси на сите јазици.


Не треба да ја заборавиме и старојапонската литература која на почетокот се развивала под силно влијание на кинеска, за подоцна низ неколку периоди силно да се афирмира преку творештвото на повеќе (Јасунари Кавабата, Кензабуро Ое). автори романсиери, поети и сл. (Мурасаки Шикибу, Башо...). Во светската литературна ризница јапонски придонес се хаику поезијата (песни од по 17 слога), театарот Но, како и двајца нобеловци засега. Кога се зборува за старите литератури не треба да се изуми ниту литературата создавана од другата страна на Атлантикот - онаа на Маите (мајанска литература) во Мексико. Била пишувана со хиероглифи (различни од египетските), на посебен вид хартија. Со колонизацијата од Шпанците, голем дел од тие хартиени кодекси се уништени (зачувани се само три!) иако има останато и околу 20.000 други текстови напишани врз споменици и керамика. Поука за овој час: Љубовта е како вредна пчела: од секаде собира добро и го полага во душата на саканиот. Таа ја менува и самата суштина на работите, ги носи со себе сите блага. Љубовта е понежна од секоја мајка, подарежлива од секоја царица, тешкото го прави полесно и удобно, добродетелта ја прави привлечна, а порокот одвратен. Cв. Јован Златоуст


ГИЛГАМЕШ Епот за Гилгамеш е едно од најстарите зачувани дела во светската литература. Епот е пишуван на акадски јазик врз основа на сумерски преданија за царот Гилгамеш, владетел на градот Урук. Првите верзии на делото настанале пред повеќе од 2300 години пред н.е. за конечно да биде завршено меѓу1800 и 1600 години пред н.е. Зачувани се повеќе верзии и на повеќе јазици. Се чини дека во клинописната библиотека на царот Асурбанипал во Нинива е пронајдена најпрецизната верзија. Но во текот на 2015 година пронајдени се уште 20 редови од делото. Епот е пишуван со клинесто писмо на глинени плочки. Содржи 12 плочки со исто толку поглавја. Во него се раскажува за подвизите на царот Гилгамеш и неговото пријателство со полудивиот човек Енкиду, кој бил создаден од боговите на молба од граѓаните на Урук, за да му се спротивстави на Гилгамеш. Основна тема во епот е стравот од смртта и потрагата по бесмртноста. Идејата на делото ја откриваме на крајот на епот - само споменот за делата што ги создава човекот се бесмртни. Епот може да го поделиме на два дела. Во првиот дел (од 1. до 7. пеење) се раскажува за пријателството и херојските подвизи на Гилгамеш и Енкиду. Во вториот


дел (од 8. до 12 поглавје) по смртта на Енкиду, прашањето за вечен живот избива во преден план. Очај го опфаќа Гилгамеш кога сознава дека и тој ќе умре. Затоа тргнува до крајот на светот за да ја побара билката на бесмртноста. Во првото пеење (првата плоча) која на извесен начин е уводно, се дава опис на Гилгамеш и неговото владеење во Урук, како и создавањето на Енкиду. Гилгамеш е силен, две третини е бог, една третина човек. Го тероризира народот, поплаките стигнуваат до врховниот бог Ану. По негов налог божицата Аруру го обликува (создава) Енкиду. Енкиду доаѓа во градот. Сонот на Гилгамеш. Во второто пеење е опишана борбата меѓу двајцата јунаци. Неочекувано стануваат побратими и се договарат да го победат едноокиот џин Хумбаба. Во третата плоча Енкиду се враќа назад во степата, по него доаѓа Гилгамеш. Мрачниот сон на Енкиду. Во четвртата плоча (поглавје) подготовки за борбата со Хумбаба. На страната на Гилгамеш и Енкиду е богот на сонцето Шамаш. Го убиваат Хумбабиниот чувар на гората. Енкиду се плаши да оди понатаму.


Во петтото поглавје во исчекување на борбата со Хумбаба, двајцата пријатели ги толкуваат соништата што ги сониле. Значењето на соновите е позитивно: Енкиду, сонот твој е добар значењето му е радосно тешка борба ќе биде, но сепак Хумбаба ќе го убиеме. Во крвава борба Хумбаба е убиен, неговата глава надената на кол ја носат во градот. Во шестата плоча Гилгамеш ја отфрла љубовта на незаситната божица Иштар која се жали на своите родители - врховниот бог Ану и мајката Анту. По молба на Иштар се создава небесниот бик за да го уништи Гилгамеша. Но бикот е победен од двајцата пријатели. Градот Урук слави. Во седмото пеење Енкиду му го раскажува сонот на Гилгамеш. Сонот ја предвестува смртта на Енкиду. По 12 дневна треска Енкиду умира. Во осмата глава Гилгамеш тагува над мртвото тело на Енкиду: Каде е мојот Енкиду?


Како лав, како див бик беше силен, како газела беше брз. Како брат те сакав, тебе, тебе! Велик меѓу сите кнезови те направив тебе, тебе! Гилгамеш, разочаран, скита по степата за да ја стиши тагата и болката. Во деветата плоча Гилгамеш продолжува горко да плаче: Зар и јас и јас ко Енкиду ќе умрам? Срцето од тага ми е искинато, градите болка полни. Јас од смртта се исплашив и затоа по степата трчам. Тргнува на долг и неизвесен пат да го пронајде бесмртниот Утнапиштим, кој живее од онаа страна на Водата на смртта, за да побара совет од него. По 12 деноноќни скитања пред Градината на боговите, на богот Шамаш му ја кажува намерата. Јас живот барам, животот вечен сакам да го најдам засекогаш.


Во десеттата глава Гилгамеш по советот на бродарот стигнува на Островот на животот, кај Утнапиштим и бара од него тајната на вечниот живот да му ја открие. Во следната единаесетта плоча Утнапиштим му ја открива тајната како стигнал овде. Раскажува за потопот, за градењето на дрвена куќа слична на брод, во која се качиле најблиските роднини, но и многу други; многу животни и птици, натоварил од растенија и сл. На седмиот ден од потопот, кога сонцето изгреало: Сите луѓе во тиња беа претворени Пусто и еднолично беше лицето на земјата. Преживеал само Утнапиштим и жена му. Благословени се од боговите да живеат далеку од смртните луѓе. На разделбата со Гилгамеш, му кажува тревата на бесмртноста на дното од морето да ја бара. Гилгамеш ја наоѓа. Но за несреќа змија една волшебниот цвет му го зела. Разочаран Гилгамеш се враќа дома. Во последното дванаесетто пеење свештениците го советуваат царот како да слезе во подземјето и да го види Енкиду. Со молба до боговите слегнува во подземјето и разговара со сенката на Енкиду. Се враќа назад во Урук, во градот со високи бедеми.


Гилгамеш легна да спие а смртта го грабна в одаја сјајна во палатата негова...(препев на Михаил Ренџов) Како лајтмотив низ целиот еп се провлекува мислата дека залудни се напорите на Гилгамеш за вечниот живот. Едноставно луѓето не можат да делат иста судбина со боговите. Средиштен лик во дело е Гилгамеш. Силен, храбар, го штити својот град. Понекогаш покажува суровост кон граѓаните и бара покорност од нив. Несебичен е, билката за вечната младост што ја бара размислува да ја даде и на другите луѓе. Сочувствителен кон Енкиду, бескомпромисен е кон некои од боговите (божицата Иштар!). Затоа и ќе биде казнет. Енкиду, чудовиште од степата, со неимоверна сила, создаден за да му се спротивстави, му станува побратим на Гилгамеш. Со него сите опасности ги дели до часот на смртната постела. Боговите се подложени на остра критика. Често се несправедливи, меѓу себе се караат како луѓето.


СТАРОЕВРЕЈСКА ЛИТЕРАТУРА - БИБЛИЈАТА Хебрејската е една од најстарите литератури на светот. Настанала пред повеќе од 2000 години пред н.е. Пишувана е на класичниот хебрејски јазик, кој осовременет од 1948 год. се нарекува иврит. Како и кај другите народи, и кај Евреите најпрвин се појавиле народните лирски и епски песни, потоа химни, легенди, разни пророштва и сл. Библијата (Светото Писмо) како најстар книжевен споменик од таа литература, е значаен не само за еврејскиот народ и за јудаизмот како религија, туку и за христијанството и исламот. И повеќе од тоа: многу од поставките на Библијата се содржани во основите на граѓанската етика и право. Таа е книга која е најмногу печатена, најмногу читана, целосно или делумно преведена на над 1300 јазици. И не само тоа: мотиви од Библијата се инспирација за многу литературни и други уметнички дела. Библијата се дели на два дела: Стар и Нов завет. Стариот завет се смета за света книга на Евреите, додека за христијаните и Стариот и Новиот завет се свети книги. Вкупниот број на книги во Стариот завет изнесува 50, а на Новиот Завет 27 или вкупно 77 книги. Стариот Завет е пишуван на староеврејски јазик и делумно на арамејски јазик .


во продолжение на 1500 години пред Христа. Го опфаќа времето од создавањето на светот, до појавата на христијанството. Според еврејската Библија, книгите во неа се поделени на три дела: Закон (Thora) или Петокнижие, Пророци и Списи. Првиот дел ги содржи петте Мојсееви книги. Во вториот дел (Пророци) се поместени книгите на раните и на подоцнежните пророци (вкупно 16). Третиот дел се нарекува Списи и ги содржи книгите главно со поучна содржина. Според христијанскиот список на Стариот завет, тој се дели на законски, историски, поучни и пророчки книги. Во законските се Петте книги Мојсееви. Во историските се книгите: Исус Навин, Судии Израилеви, Рут, 1-4 Царства (1-2 Самуилова и 1-2 Цареви), 1 и 2 Летописи, Ездра, Товит,Јудита, Неемија и Естир. Во поучните книги спаѓаат: Јов, Псалми, Изреки Соломонови, Песна над песните и Проповедник. Во пророчките книги се поместени книгите на големите пророци: Исаија, Јеремија, Језекиил, Даниил и на 12-те помали пророци: Осија, Јоил, Амос, Авдиј, Јона, Михеј, Наум, Авакум, Софонија, Агеј, Захарија и Малахија. Во македонската и во некои други Библии има и Книга на пророкот Варук, ученик на пророкот Јеремија. Новиот завет иако не спаѓа во хебрејската литература (затоа што е


света книга за христијаните а Јудеите не го признаваат) го спомнуваме овде бидејќи е неразделен дел на Библијата. Се состои од 27 книги и може да се подели на четири дела Законски (Евангелијата по Матеј, Марко, Лука и Јован), историски (Дела на светите апостоли), поучни (Посланијата) и пророчки (Откровението на Јован Богослов). Пишуван е на старогрчки, арамејски и хебрејски јазик (Евангелието по Матеј) Бројот на книгите во Новиот завет, нивниот редослед и нивната содржина е канонизиран (озаконет) и не може да се менува или дополнува, иако одвреме навреме како новинарска сензација ќе се најде некое ново евангелие. Третиот дел од Стариот Завет или Списи се најинтересниот дел од литературен аспект. Тој содржи многу псалми, тажаленки, љубовни песни, јуначки епови приказни и сл. Многу настани од еврејската историја се предадени во Стариот Завет. Од приказните да ги спомнеме оние за Самсон и Далила (Книга судии Израилеви (13 - 16), борбата меѓу Давид и Голијат; Соломоновите приказни. Многу лирски елементи се преточени во Песна над песните, не помалку возбудлива е судбината на Јов и тн. Цитат за овој час: Преку 800 милн. копии од Библијата се дистрибуираат секоја година.


НОВИОТ ЗАВЕТ - СВЕТО ЕВАНГЕЛИЕ СПОРЕД ЈОВАН Светото евангелие според Јован е едно од четирите евангелија во Новиот завет. Го напишал свети Јован , еден од 12. апостоли на Господ Исус Христос, најмладиот меѓу нив, кој подоцна ќе го наречат Јован Богослов. Свети Јован е автор на Откровението и на уште три Посланија содржани во Новиот Завет. Бил еден од тројцата свидетели (со апостолите Петар и Јаков) на воскреснувањето на ќерката на Јаира, при Преображението на планината Тавор, при молитвата во Гетсиманската градината. На последната заедничка вечера седи до Исус Христос. Го следи својот учител до последните моменти на распетието. Кога Исус Христос е распнат, грижата за својата мајка ја доверува токму на неговиот возљубен ученик - Јован. По смртта и Воскресението Христово, првин живее во Ерусалим и се грижи за Пресвета Богородица. По нејзиното Успение свети Јован го придружува апостолот Петар во повеќе патувања. Проповеда во Ефес каде што воскреснал татко и син. Бил повикан во Рим и пред Императорот испил чаша со отров. Бил испратен во пранги на заточение на островот Патмос. Успеал речиси сите жители на островот од идолопоклоници да ги преобрази во христијани. Тука по негов


диктат (околу 67. година) ученикот Прохор го напишал Откровението. . На Патмос го напишал и Евангелието. Препис од Евангелието им оставил на жителите на нивно барање. Се враќа во Ефес и бил пречекан со неискажана радост од граѓаните. Доживеал длабока старост (над 100 години). Секаде кај што одел лекувал болни и правел други чуда. Бил кроток и незлоблив. На чудесен начин се упокоил. Евангелието според Јован е напишано околу 95. година. Содржи 21 поглавје. Првото поглавје е, всушност, пролог кој почнува со стихот Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото. По уводниот дел се опишани дел од чудата што ги прави Исус Христос (на свадбата во Кана, исцелувањето на синот на царскиот човек, воскреснувањето на четиридневниот Лазар и сл.). Многу често се користи параболата (кратка збиена приказна со преносно значење и со морална или религиозна содржина). Во Евангелието се опишани последните денови пред страдањето на Исус Христос, советите што им ги дава на учениците, со цел да ги подготви за живот во заедница по неговото воскреснување. Со силна драматика е опишано Христовото распнување на крстот, воскреснувањето, вознесувањето, неговото повторно јавување меѓу ученици и слегнувањето на Светиот дух.


СТАРОГРЧКА ЛИТЕРАТУРА Во развојот на европските културни вредности, на старогрчката литература и на нејзината митологија ѝ припаѓа особено значајно место. Покрај тоа што е најстара литература во Европа, таа извршила силно влијание врз подоцнежните европски литератури. Во таа литература не само што се создале оригинални творби, туку во себе апсорбирала сѐ што е највредно во литературата на медитеранските народи (Египќани, Евреи и др.), како и од подалечните народи (Персијанци, Индијци, Арапи и др.) за да го пренесе на Запад кај Римјаните и другите народи. Обемното и разновидно творештво на старите Грци може да се разгледува преку развојните периоди кога се создавало тоа, но и преку литературните родови и видови на кои им припаѓа (епика, лирика и драма). Со оглед на тоа што последните се засегнати и објаснети погоре во рамките на теоријата на литературата, овде ќе направиме обид за временско разграничување на грчката литература. Според општата поделба грчката литература се дели на хеленска (старогрчка) и новогрчка литература (од 1821 година до денес).


Старогрчката (хеленската) литература минувала низ четири периоди: 1. Архајски период (од првите пишани споменици до 6. век пред н.е.); 2. Класичен период (5. и 4. век пред н.е.); 3. Хеленистички период (од 3. век до 1. век пред н.е.); 4. Римски период (1. век пред н.е. до околу 500 од нашата ера). Како и кај другите стари литератури и во грчката литература на почетокот се развивало и се пренесувало усното народно творештво. Во тоа творештво доминантни биле песните и приказните за разните митолошки суштества (сирени, кентаури, џинови и сл.) кои заедно со боговите, божиците, полубоговите и сл. ги обликувале религиозните погледи на старите Грци. 1.Првиот период (архајски, архаика) во литературата на древните Грци се карактеризира со појавата на епската поезија. Покрај Хомеровите дела Илијада и Одисеја, речиси во исто време се појавуваат епските творби Теогонија и Работи и денови на поетот Хесиод. Кога епската поезија е на заод (7. и 6. век пред н.е.) се разгранува со својата раскошност лириката. Причина за големата популарност на лирските песни бил фактот што тие најчесто се рецитирале или се пееле проследени со музички инструменти (лира, китара, харфа и сл.)


иако имало и песни кои се исполнувале без музичка придружба. Поради својата разнообразност на формите и мотивите, лирската поезија се дели на: 1. монодиска (наменета за соло изведба) и 2. хорска (за изведба со хор). Подоцна кон разграничувањето се додаваат декламативните (рецитативните) форми елегиска и јамбска лирика. Низ сите лирски форми провејуваат разновидни мотиви: љубовни копнежи (Сафо, наречена 10. муза), песни за виното и жените (Анакреонт), елегични и родољубиви мотиви (Калин), социјални и политички мотиви (Солон). Да ги спомнеме уште и поетите Архилох, Алкеј, Тертеј, Симонид и Пиндар. 2. Во класичниот период период покрај лирската поезија, особена популарност доживува драмската литература благодарение на трагедиите на Есхил (напишал 90 драми, зачувани се 7), Софокле (123, зачувани 7) и Еврипид (92 трагедии и 8 сатирични драми, зачувани се 18); како и на комедиите на Аристофан (44, зачувани 11). 3. Хеленистичкиот период го опфаќа времето на македонското владеење над Елините, сѐ до потпаѓањето под римска власт (30 година пред н.е.). Тогаш хеленистичката култура и литература станува доминантна во големата македонска империја која го опфаќала


источниот дел на Медитеранот и се простирала сѐ до Индија. Во таа држава на хетерогени народи и култури, грчкиот, така наречен општ или коине јазик (кини, гр. Κοινή) станува официјален, а грчката литература збогатена со многу нови дела и автори. Сепак, средиштето на уметноста и културата се преместува во Александрија и Антиохија. Во Александрија била создадена школа која се занимавала токму со литературни и јазични прашања. Школата ја воделе критичари и граматичари. Познати поети од тоа време се Калимах и Теокрит. 4. Последниот период од развојот на старогрчката литература е познат како римски. Тој започнува кога Грција целосно потпаѓа под римска власт (30 год. пред н.е.) и трае во следните пет векови. Значајно е што грчкиот јазик се користи рамноправно со латинскиот јазик. Грчката писателска елита се преселува во Рим. Познати писатели од тој период се Лукијан, сатиричар (зачувани се 80 списи), Лонга (Дафнис и Хлоја). Со појавата на христијанството во првиот век од нашата ера, се раѓаат и нови книжевни форми во кои доминантна била религиозната содржина. Се канонизира Новиот Завет, се утврдуваат содржините и на многу други богослужбени дела. Полека од старогрчката литература се навлегува во нов период - византиска литература.


ГРЧКА МИТОЛОГИЈА Старогрчката митологија е, без сомнение, една од најстарите во светот, која извршила силно влијание во културата и литературата, особено кај европските народи. Засведочена е во бројни литературни дела, но исто така и во многу предмети од материјалната култура (вазни, скулптури, градби и сл.). Составена е од голем број приказни во кои се објаснува создавањето на светот и природата, на разните богови и херои, но и на други митолошки суштества. Грчките митови и легенди најпрвин се пренесувале по устен пат како и кај другите народи, подоцна се обработени во многу литературни дела како што се Хомеровите епопеи Илијадата и Одисејата. Во епот Теогонија (Потекло на боговите) на Хесоид исто така се опишува за појавата на боговите. Ќе се појават и дела во кои се дава целосен преглед на боговите (Библиотека на боговите на Аполодор во 4 книги). Без малку и да нема автор од старогрчката литература кој не обработува теми поврзани со митологијата. Не мал број настани од животот на боговите и хероите (на пр. авантурите на Херкул) се прикажани на керамички вазни и сл.


Како и кај многу други митологии и за грчката е значајно политеизмот (многубоштвото) - верувањето во многу богови. И уште: тие се претставени со човечки карактеристики - размислувале и се однесувале како луѓето. Но исто така биле надарени со многу фантастични особини - можеле да станат невидливи, не боледувале, не старееле, биле бесмртни и сл. Развитокот на старогрчката митологија може да се проследува низ неколку периоди: 1. Предолимписки период; 2. Рана класика; 3. Доцни митови за хероите. Според верувањето на Старите Грци на почетокот небото и земјата биле измешани и владеал Хаос. Од него се одделиле небото (Уран) и земјата (Геа). Тие ги родиле првите богови - титаните. Еден од тие титани, Хрон, ќе го симне од престолот својот татко Уран, за подоцна и тој да биде победен од својот син Зевс, кој ќе стане и врховен бог на Старите Грци. Напоредно со боговите егзистираат и полубоговите наречени херои. Тие биле синови на богови и обични луѓе. Располагале со неимоверна (неверојатно голема) сила и често се јавувале како заштитници на луѓето, убивајќи разни чудовишта. Меѓу сите нив особено се истакнувал Херакле, син на Зевс и простосмртната Алкмена.


Херакле (го добил името според маќеата, божицата Хера, жената на Зевс) за да добие место на планината Олимп (каде што престојувале боговите) морал да совлада 12 препреки (како казна!) и да стане бесмртен. Неговите подвизи се едни од највпечатливите раскази во грчката митологија. Меѓу нив се убиството на немејскиот лав (чија непробојна кожа ќе ја земе за наметка), чистење на Авгиевите штали, Митот со златните јаболка од градината на Хесперидите и сл. Не помалку е интересен Митот за Аргонавтите ( гр. Ἀργοναύται) и нивната потрага по златното руно. Настанот му претходи на Тројанската војна. Аргонавти се наречени според бродот Арго во кој пловеле педесеттина грчки херои, меѓу кои и Херакле. Биле предводени од друг херој - Јасон. По многу подвизи, пловејќи до североисточното крајбрежје на Црното Море, златното руно било вратено во градот Волос (Тесалија). Седуммината против Теба е мит кој се надоврзува на Митот за царот Едип и во него е раскажана судбината на двајцата Едипови синови Полиник и Етеокле кои се борат за престолот во Теба. Десет години подоцна наследниците (епигоните) на седуммината, повторно ќе ја нападнат Теба за да ги одмаздат своите татковци.


ХОМЕР - ИЛИЈАДАТА Митот за Тројанската војна е, без сомнение, еден од најинтересните во старогрчката митологија. Се чини дека е средиштен и околу него се преплетуваат многу други митови на разни херои и богови. Тројанската војна е основа на грчките национални епови Илијада и Одисеја, но и подлога на многу други литературни творби. На последиците на оваа војна подоцна ќе се надоврзе и националниот еп на Римјаните Енеида на Вергилиј. Во Илијадата се опишани настани од последната 10.годишна Тројанска војна; во Одисејата, пак, авантурите што ги преживеал Одисеј, на враќање кон родната Итака. Настаните се случиле многу векови порано пред да бидат опишани (опеани) од слепиот пејач Хомер. Како што многу личности и случки во Илијадата се прераскажани митови и преданија, така и животот на Хомер е испреплетен со многу легенди и претпоставки. Повеќе верзии има за неговото родно место, и како најверојатно е дека роден во Смирна, Мала Азија, или на островот Хиос, а умрел во градот Иос. Под сомневање се дава и времето кога живеел. Иако има претпоставки дека тоа било во време на Тројанската


војна (12. или 11. век пред н.е.) или малку подоцна, сепак, повеќе историчари се на мислење дека живеел при крајот на 8. и почетокот на 7. век пред н.е. Противречни мислења има дури и околу неговото авторство врз двете епопеи. Противположните гледишта ќе бидат причина да се појави т.н. хомеровско прашање, кое се занимава не само со авторството на овие две дела, но и на многу други што му се препишуваат на Хомер ( Мала Илијада, Киприја, Хомеровите химни и сл.). Илијадата го добила своето име според грчкиот назив на градот Троја - Илиј, Илион. Содржината на делото се засновува врз циклусот раскази за Тројанската војна. Причина за Војната била нетрпеливоста меѓу грчките градови - државички од една страна и малоазискиот град Троја. Грабнувањето на Елена, жена на спартанскиот крал Менелај од страна на тројанскиот принц Парис бил повод за почеток на Војната. Елена била одвлечена (или сама се согласила) од Парис со помош на божицата на љубовта Афродита. На тој чин му претходи митот за златното јаболко според кој во спорот меѓу божиците Хера, Атина и Афродита за тоа која од нив е најубава, Парис пресудил во полза на последната.


Цели десет години Ахајците (Грците) безуспешно се обидувале да ја заземаат Троја, сѐ додека преку измама не била освоена со помош на дрвениот коњ, а по совет на божицата Атина. Меѓутоа во Илијадата не се опишува целата војна, туку само 51 ден од последната година и тоа од моментот кога се скарале меѓу себе Ахил, најсилниот грчки јунак и кралот Агамемнон, главниот ахајски заповедник, брат на Менелај, и завршува со погребот на Хектор, брат на Парис и син на Пријам. Делото се состои од околу 15700 стихови и е поделено на 24 песни (пеења). Поделбата е извршена многу подоцна и е направена според бројот на буквите во грчката азбука. И покрај тоа што во Епопејата во преден план е војната, сепак таа изобилува со многу случки од секојдневниот живот, дадени се описи на природата, на животните, на многу обичаи и карактери на обични луѓе. Затоа со право се смета дека е енциклопедија на Грците од тој период. Според развојот на настаните, дејството во делото минува низ четири етапи. Во првиот дел - експозицијата (Првата песна) е опишана караницата меѓу Ахил и Агамемнон. Тој дел почнува со инвокација (обраќање до божицата): Пеј ми Музо за гневот на Ахил, синот Пелејев.


Во вториот дел (од Второто до Осумнаесеттото пеење) се опишани борбите пред ѕидините на Троја, но и она што се случува во самиот град. Особено впечатлива и трогателна е разделбата на Хектор со Андромаха и нивниот син Астианакт, опишана во шестата песна. Хекторе, ти си ми татко и госпоѓа мајка ти си ми братец мој роден, ти моето момче си младо. Туку смилуј се сега и остани овдека в кула, за да не го оставиш детево сирак, а вдовица мене. (Препев: д-р Михаил Петрушевски) Во третиот дел (од Осумнаесеттата до Дваесет и втората песна) се пее за повторно враќање на Ахил на бојното поле кога сее страв и смрт меѓу тројанските јунаци. Се чини дека дејството ја достигнува кулминационата точка. Во битката активни се и боговите. Со двобојот меѓу Ахил и Хектор почнува расплетот на дејството. Хектор одважно и смело застанува спроти Ахил иако е свесен дека противникот е миленик на боговите. Ахил уверен во својата моќ не сака да прифати никаков договор мртвото тело на победениот да се предаде и чесно да се погребе. Со помош на божицата Атина Ахил триумфира, но гневот му останува. Цели 12 дена го влече на коњска количка трупот


околу ѕидините на градот и гробот на својот најдобар другар Патрокле, убиен токму од Хектор. Откако ваквата постапка на Ахил им здодеала на боговите (и посебно на Зевс), се согласил за добар откуп да го предаде Хекторовото тело на неговиот татко Пријам. Четвртата етапа се заокружува со оплакувањето и погребот на Хектор. По закопот се приредува гозба во негова чест и спомен. Основен мотив во Илијадата е гневот на Ахил, најсилниот јунак на Ахајците, предизвикан од неправдата на Агамемнон кон ќерката на свештеникот Хрис, а откако таа е вратена на татко ѝ, тој посегнал кон Брисеида, робинката на Ахил. Тој гнев е толку силен што на моменти поминува во бес и нема да се стиши дури ни со убиството на Хектор. Интересно е тоа што во војната учествуваат и боговите, понекогаш во лик на обични луѓе, другпат стануваат невидливи. Некои се од страна на Ахајците, другите се откај Тројанците. Врховниот бог Зевс е неутрален, но кога тој поради некоја неправда ќе заземе страна, противникот доживува порази на бојното поле. Во Илијадата се прикажани многу ликови, сепак доминантни се Ахил, Хектор, Андромаха, Агамемнон и др. покрај многуте богови и божици.


Ахил, не само што е физички најсилен, тој е горд и чесен, бескомпромисен е кон неправдата. Но кога е убиен најверниот пријател Патрокле, станува гневен и жесток особено кон Тројанците. Хектор покрај храброста и одважноста исполнет е со љубов кон татковината и семејството. Излегува на двобој не заради одмазда, туку да ја спаси честа на Градот кој подоцна ќе биде ограбен и разурнат. Андромаха е пример за вредна и нежна сопруга и мајка. Се обидува да го одврати мажа си од битката, зашто е нејзината последна потпора. Агамемнон колку храбар, толку надмен и горд. Елена поради која и војната се води: колку што е убава, уште повеќе е лекомислена. Нејзе во сѐ и прилега неодговорниот Парис. Илијадата е пример за дело раскажано со епска широчина и спокојство, но на моменти и со силна драматика. Изразните средства како што се сложените епитети (брзоног Ахил, вртишлем Хектор), развиените споредби, антитезите и сл. како и архаизмите, ја збогатуваат сликовитоста на јазикот. Ретки се авторите кои можеле да допрат до длабочините на нејзината оригиналност. Еден од таквите е токму нашиот Григор Прличев со право наречен втор Омир.


Поука за овој час: На eдeн сoбoр на Атињанитe, на кoј билe и спартански пратeници, нeкoј старeц oдeл oд клупа дo клупа барајќи мeстo да сeднe. Атињанитe му сe пoтсмeвнувалe и нe му oтстапувалe мeстo. Кoга старeцoт пришoл кoн Спартанцитe, ситe скoкналe на нoзe и му пoнудилe мeстo. Кoга гo видeлe тoа Атињанитe ги пoфалилe Спартанцитe сo убави пoфалби. На тoа, Спартанцитe им oдгoвoрилe: “Атињанитe знаат штo e дoбрo, нo нe прават дoбрo”. Кoј прави дoбрo, тoј личи на дрвo штo на свoјoт дoмаќин му дoнeсува дoбар плoд. А извoр на дoбрoтo вo чoвeкoт e дoбрoтo и бoгoљубивo срцe. Од Охридскиот пролог за 17. 01.


СЛОВЕНСКАТА ПИСМЕНОСТ - ПОЈАВА И ОСОБЕНОСТИ Појавата и ширењето на словенската писменост е тесно поврзана со ширењето на христијанството меѓу словенските народи. Во процесот на распаѓање на родовските заедници кај Словените и создавање на првите форми на феудално уредување, христијанството како нова цивилизациска придобивка било прифатено, првин во рамките на родовското благородништво. Но на патот на целосно прифаќање од широките народни маси, како пречка се појавил јазикот на кој се проповедало. Тоа особено било изразено кај Западните Словени каде што литургиски (богослужбен) јазик бил латинскиот. Моравскиот кнез Ростислав со цел да им ги доближи на својот народ новите цивилизациски вредности преку христијанството, но исто така и да го ограничи влијанието на германските свештеници, испратил писмо до византискиот император Михаил III со молба да му прати учени луѓе кои ќе ја шират просветата на народен, словенски јазик: ...Нашите луѓе се откажаа од паганството, придржувајќи се до христијанскиот закон, но ние немаме таков учител што да ни ја објасни на наш јазик вистинската христијанска вера, за да нѐ следат и другите земји гледајќи го тоа. За тоа испрати ни господаре, таков епископ и


учител. Оти од кај вас секогаш тргнуваат на сите страни добри закони. Византискиот император Михаило III позитивно одговорил на молбата, зашто сакал да го прошири влијанието на својата држава и црква во земји (Моравија, Панонија) каде што веќе биле присутни германските свештеници и латинскиот јазик. Мисијата им била доверена на солунските браќа - светите Кирил и Методија кои претходно учествувале во слични државнички мисии на Византија. Откако ја составиле првата словенска азбука - глаголица и ги превеле неопходните богослужбени книги на словенски јазик, заминале за Велика Моравија. Таму биле со радост пречекани од кнезот Ростислав, но и од обичниот народ. Црквите во кои ги држеле богослужбите биле масовно посетувани. Тоа создало завист кај германско - латинското свештенство кои ги клеветеле Браќата кај папата во Рим. Напоредно со ширењето на христијанството на словенски јазик, Солунските браќа го обучувале и ракоположувале домородното словенско свештенство и ја устројувале словенската црква. Подоцна таа ќе биде подигната на степен на Архиепископија, а св. Методиј ќе биде назначен за прв нејзин архиепископ од страна на римскиот папа Адријан II, подоцна потврдено и од папата Јован VIII.


Со оглед на тоа што мисијата на Браќата кај Западните Словени траела повеќе години и на еден поширок простор таа може да може да се подели на повеќе етапи: 1. Престојот во Велика Моравија (трае од 863 до 865); 2. Задржување во Панонското кнежевство на Коцељ (шест месеци од 867 година); биле ракоположени 50 ученици во свештенички чин. 3. Престојот во Венеција на пат за Рим (867 г.) во полемика со тријазичниците го брани правото на Словените да имаат богослужби на свој јазик. 4. Мисијата во Рим (867 и траела во продолжение од 14 месеци); завршува со целосен успех. Во присуство на папата Адријан II во римските базилики ќе се одржат богослужби на словенски јазик; на Папата ќе му бидат предадени дел од моштите на св. апостол Климент (пронајдени во Херсонес на Крим); неколку ученици ќе бидат ракоположени за свештеници (меѓу нив и св. Климент Охридски). Чинот на заедничко богослужење значи целосна потврда на мисијата на нашите просветители. Во Рим помладиот брат Константин, претчувствувајќи си ја смртта, се замонашува и го добива името Кирил. 5. По смртта на св. Кирил (869 година), започнува вториот дел на мисијата во Велика Моравија, ја води св. Методиј со своите ученици. Исполнета е со многу пречки и клевети од германските свештеници.


Иако неговата Архиепископија е проширена и одделена од германската црква; на епископски собир во 870 год. е осуден и затворен. Ослободен е во мај 873 година. Подоцна (880 г.) е повикан од новиот папа Јован VIII, да ја објаснува својата дејност и повторно добива согласност. Следната година оди во Константинопол за да добие таква согласност од императорот и од патријархот. Во 883 год. со своите ученици го завршува преводот на Стариот завет од Библијата од грчки на словенски јазик. 6. Последната етапа од Мисијата започнува во 884 год. со христијанизација на Бохемија (историското име на Чешка). По смртта на Методиј (885) дејноста на неговите ученици е забранета. Тие се затворани или протерани. Словенскиот јазик (со мали отстапки) е исфрлен од богослужбите и е заменет со латинскиот јазик. Сепак, со покрстувањето и со ширењето на просветата на словенски јазик, Западните Словени добиле силно оружје против германизацијата на нивната култура и национална свест. Подоцна, по други патишта и во други околности просветителската дејност ќе се прошири кај Јужните и Источните Словени и ќе биде силна брана против едно друго, туѓо, културно влијание - грчкото.


СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ - ЖИВОТ И ДЕЈНОСТ Животот и дејноста на Солунските браќа е едно од најсветлите поглавја во културната историја на словенските народи. И повеќе од тоа: истапувајќи против тријазичната ерес, се открива нивниот хуманистички поглед - секој народ да има право писменоста и културата да ги развива на својот јазик. Заради придонесот во ширењето на христијанството и заради нивниот богоудобен живот се прогласени за светии и се наречени рамноапостоли. Затоа во 1980 год. папата Јован Павле II ги прогласи за покровители (заштитници) на Европа.


Податоци за животот и дејноста на Солунските браќа наоѓаме во повеќе дела од кои најзначајни се Панонските легенди, двете Клименовите житија, О Писменех на Ц. Храбар и други. Родени се во Солун во семејството на Лев и Марија. Нивниот татко бил потстратег (помошник управник) на солунската област. Методиј бил најголемото (роден 815 г.), а Константин (Кирил) најмалото (827) меѓу седумте деца на родителите. По раното упокојување на нивниот татко, грижата за семејството ја презел логотетот Теоктис, кој бил важна личност на византискиот двор. По негова желба Константин се запишал


и ја завршил прочуената Магнаурска школа во Цариград. На Методиј пак му била доверена одговорна должност - управител на една област во Македонија (најверојатно Струмичката или Брегалничката област). Овде особено се залагал за зацврстувањето на христијанството меѓу словенското население. По нецели 8 години во 851 година го напушта световниот живот и се замонашува во манастирот Св. Полихрон на планината Олимп во Мала Азија, кога го добил и своето монашко име Методиј (световното име најверојатно му било Михаил). Помладиот Константин кој уште од младини бил посветен на Бога и науката, по завршувањето на школувањето, бил назначен за библиотекар во Патријаршиската библиотека, а малку потоа и за професор по философија во Магнаурската школа. Тогаш го добил и почесното звање философ кое ќе стане составен дел на неговото име. Византискиот император Михаил III имајќи целосна доверба во теолошките (божествените) познавања на Константин Философ го испраќа (851 година) во мисија кај Сарацените (Арапите) во Багдадскиот калифат за да го објасни и заштити христијанството од нападите на мухамеданите. Во науката се спомнува и Брегалничката мисија во областа управувана


од Методиј, со цел да се зајакне византиската власт над немирните Струмјани. Во 855/56 година, по смртта на логотетот Теоктист, во манастирот Полихрон доаѓа и Константин. Оттогаш животните патеки на Браќата ќе им се спојат и низ тешки, но славни премрежја, заедно ќе ги изодат. Веќе во 860 година двајцата браќа биле дел од мисијата кај Хазарите чие царство се простирало по течението на реката Волга, североисточно од Црното Море. Таа се реализирала на молба на тамошниот каган (водач) за да ја разјасни суштината на христијанството во однос на јудаизмот, исламот и паганството (безбожништвото). Овде, според Панонските легенди, имал успешни полемики со тамошниот рабин и имам во присуство на каганот. Како резултат на успешната мисија бил покрстен многуброен народ, а самиот каган испратил писмо со благодарност до византискиот цар. Во градот Херсонес каде што престојувале ги пронашле моштите на папата св. Климент I кој бил маченички удавен во Црното Море. По тој повод Константин (Кирил) ќе напише Слово на обретение (откривање, пронаоѓање) моштите на Климент, папата Римски. Подоцна тие ќе бидат пренесени во Рим и на свечен начин ќе бидат положени во


базиликата што го носи неговото име. На враќање се задржале некое време во мисија кај Аланите во градот Фула каде што ги урнале идолите и покрстиле извесен број луѓе. По враќањето од Хазарија, во 863 година на молба на моравскиот кнез Ростислав, а на препорака на византискиот император, прифатиле уште една мисија - Моравската. Браќата, бидејќи добро го познавале говорот на Словените од Солун, со однапред подготвена азбука и со преведени богослужбени книги, се упатиле кон Моравија. Тогаш започнува нова и значајна етапа во културниот развој на моравските и панонските Словени, кое подоцна ќе се прошири на сите словенски народи. Прашањето со кое писмо (азбука) биле напишани и преведени првите книги веќе не остава простор за двоумење. Тоа била глаголицата, додека кирилицата е устроена педесетина години подоцна, од некој од нивните ученици. Простор за разногласие нема ниту јазикот врз чија основа е создадена азбуката. Тоа е јазикот на македонските Словени од околината на Солун, иако има настојување тој јазик да се нарече старобугарски. Во науката тој се нарекува старословенски или црковнословенски, зашто најмногу се користел на богослужбите во црковните храмови.


Покрај просветителската дејност Браќата биле мошне трудољубиви и како творци. Така меѓу другото, св. Константин е автор на Проглас прв поголем поетски текст на словенски јазик и на делото Напис за вистинската вера - творба со религиозно-философска содржина и на повеќе слова. Чинот на свеченото предавање на моштите на папата св. Климент е проследен со објавување на трите оригинални творби: Обретение (Кратка историја), Пофално слово и Канон за светителот, напишани и на латински и на словенски јазик. Некои научници се на мислење дека негова е Претсмртната молитва на св. Константин-Кирил која содржи 34 стихови. Св. Методиј пак, главно се занимавал со преводи од грчки јазик. Го превел на словенски јазик Номоканонот (зборник од црковни канони, правила) на Јован Сколастик; со своите ученици го превел Светото Писмо, а го составил и првиот Минеј (Месечник) кој содржел канони, стихири, тропари и сл. Во неговото Житие се наоѓа податокот дека превел Книги на светите отци (Патерик). Тој е автор на Канонот за св. великомаченик Димитриј Солунски (а можеби и на целата негова служба). Негово оригинално дело е Закон судный людям (Закон за судење на луѓето), напишано уште додека бил во Македонија.


(Канон = Псалм определен за пеење во чест на празник или светец) Исто така превел некои од полемичките статии за христијанството од неговиот брат св. Кирил што првично биле напишани на грчки јазик за потребите на претходните мисии. Според некои, св. Методиј го напишал и Житието на св. Кирил. Поради угледот што го стекнале ним им се препишуваат и некои други творби кои очигледно настанале подоцна од времето во кое живееле. Не треба да се заборави дека биле вешти дипломати и оратори (особено св. Константин-Кирил). Тоа била една од причините за успешноста на нивните мисии, особено на последната - Моравската. Нивното дело со љубов се негува кај сите словенски народи, во тие рамки и кај нашиот народ. Затоа многу училишта кај нас го носат нивното име, како и највисоката научна и образовна установа Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Цитат за овој час: Како еднакви на апостолите, и учители на Словенските земји, Кириле и Методие богомудри, Владиката на сите молете Го, сите словенски народи да ги утврди во Православие и единомислие, да го смири светот и да ги спаси нашите души. (Тропар на свети Кирил и Методиј).


ПАНОНСКИТЕ ЛЕГЕНДИ Панонските легенди се едни од првите творби напишани на старословенски (црковнословенски) јазик и секако најзначаен извор за животот и дејноста на Солунските браќа. Содржат две житија: Житие на св. Константин- Кирил и Житие на св. Методиј. Се наречени така затоа што настанале (се напишани) во Панонија. Легендите, пак како литературни творби особено биле популарни во средниот век. Во нив се раскажувало за одредени личности и настани во кои се испреплетени реалистични и фантастични елементи. Житието како жанр се среќава во црковната литература. Во него се опишани животот и делата на светители. Се создаваат (пишуваат) по смртта на светителот. По форма и содржина значително се разликуваат од биографиите на обичните луѓе. Тие се предмет на науката наречена хагиографија. Во поглед на авторството на житијата од Браќата се изнесуваат различни мислења. Според едни научници како автор на Житието на св. Кирил се претполага неговиот брат - св. Методија, а Житието на св. Методија го составил св. Климент Охридски. Според други, и двете Житија ги напишал нивниот најдобар ученик - св. Климент Охридски.


Двете житија биле мошне популарни меѓу словенските народи. Така Житието на св. Константин-Кирил е зачувано во педесетина преписи, а Житието за св. Методиј во 15 преписи. Причината за нивната популарност е начинот на кој се прикажани ликовите на двајцата свети браќа. На многу места се возвишени, дури и преувеличени, но тоа делува уверливо. Раскажувањето е течно, стилот разбирлив и со употреба на многу стилски фигури, како епитети, споредби и сл.. ...И се приближи времето да прими мир од страстите и награда за големиот труд. И тие го прашаа, велејќи: "На кого мислиш, татко и учителе, од твоите чесни и ученици, кој би требало да те наследи во учителствувањето?" Тој покажа еден од своите најчесни ученици, наречен Горазд, велејќи: "Еве од вашата земја слободен маж, кој добро ги знае латинските книги, правоверен. И тоа ќе е во согласност со Божјата волја и вашата љубов, како и со мојата". (Од Житието на св. Методиј). И кога се приближи неговиот час, да се врати од светот на вечниот живот, тој ги подигна своите раце кон Бог и направи молитва со солзи, велејќи: "Господи Боже мој, ти кој ги направи сите ангелски чинови и


бестелесните сили, и го распостели небото, и ја постави земјата, и сето тоа го донесе од ништо во битие, Ти, кој насекаде и секогаш ги слушаше оние кои прават по Твојата волја, се плашат од Тебе и ги чуваат Твоите заповеди, слушни ја мојата молитва и сочувај го твоето верно стадо во кое ме постави , неспособниот и недостоен Твој слуга... Вдахни го во нивните срца словото на твоето учење. Бидејќи твојот дар кој ни го даде со проповедањето на Евангелието на твојот Христос, нам, недостојните, нѐ подготви да правиме добри дела и она кое ќе те задоволи. Оние кои ми ги даде, како твои тебе ти ги предавам. Управувај ги со својата силна десница, покриј ги со покровот на крилјата твои, и нека сите го фалат и слават Твоето име. Таткото и Синот и Светиот Дух за секогаш. Амин." И бакнувајќи ги сите со свет целив, рече: "Благословен е нашиот Бог, кој не нѐ даде нас, како плен, на забите на нашите невидливи непријатели, туку ги уништи нивните мрежи, и нѐ избави од погибел". И така тој почина во Господ, а беше на четириесет и две (години), на четиринаесеттиот ден од февруари, индикт втори, во годината на создавањето на светот 6377. (Од Житието на св. Кирил).


СВ. КЛИМЕНТ И СВ. НАУМ ОХРИДСКИ По смртта на св. Методиј настанува тежок период за неговите ученици. Некои биле затворени, дел од нив фатени и продадени како робови, некои биле протерани од Панонија и Моравија. Меѓу тие што ја поминале реката Дунав и дошле во Белград (тогаш во рамките на бугарската држава) биле Климент, Наум и Ангелариј. Од таму се упатиле во Плиска и Преслав каде што ги пречекал бугарскиот цар Борис I. Наскоро Ангелариј се упокоил, а св. Климент се упатил во областа Кутмичевица, во југозападна Македонија која опфаќала и дел од денешна Албанија. Св. Наум останал како учител во Преслав. По изборот на св. Климент за епископ Белички/Велички (893 г.) со седиште во Охрид, на неговото место за учител во Кутмичевица доаѓа св. Наум. Св. Наум до своето упокојување (910 г.) бил мудар учител, строг подвижник, чудотворец и молитвеник. Пред смртта се замонашил. Моштите му почиваат во манастирот што го изградил на јужниот дел на Охридското Езеро во чест на Светите Архангели, кој во народот е познат како манастирот Св. Наум. За творештвото на св. Наум се знае малку. Во Панонија работел над


преводот на Светото Писмо. Но во поново време се откриваат податоци дека бил автор на оригинални творби. Го напишал „Канонот на апостолот Андреј”. Со неговото книжевно дело се поврзуваат уште два канона: „Канон на Архангел Михаил” и „Канон на пренесување на моштите на Јован Златоуст”. Во црковниот календар светиот рамноапостолен Наум се спомнува и слави на 20 јуни/3 јули, 23 декември/05 јануари и 27 јули/9 август заедно со светите Климент, Сава, Горазд и Ангелариј. Поука за овој час: Расудувањето нема да го достигнеш, без љубов и скромност, а љубовта и скромноста, без послушание. Св. Василиј Велики


За животот и дејноста на св. Климент Охридски, пак, постојат повеќе податоци. Покрај веќе спомнатите Панонски легенди, главни извори за неговиот живот и за творештвото се Пространото житие на св. Климент Охридски напишано од Охридскиот архиепископ Теофилакт и Краткото Климентово житие (Охридска легенда) од Охридскиот архиепископ Хоматијан. Се претпоставува дека е роден околу 840 година во околината на Солун или во западна Македонија. Ги придружува своите учители во Моравската мисија. Монашкото име го добил при престојот во Рим, а во чест на папата Климент I. По смртта на св. Методија, со другите ученици ја напуштил Панонија и дошол во Бугарија. Седум години бил учител во Кутмичевица (886/93). Потоа бил избран за епископ Велички со седиште во Девол, но тој почесто бил во Охрид (особено откако остарел) каде што го изградил манастирот Св. Пантелејмон. Свети Климент станал прв епископ од словенско потекло. Додека бил учител, но и подоцна, низ неговата школа поминале над 3500 ученици, повеќе од нив станале свештеници. Тие потоа писменоста и учењето за Христовата вера ги рашириле насекаде низ Македонија и подалеку, стигнувајќи до Русија.


Големината и значењето на оваа школа е таква што со право е наречена Прв словенски универзитет. Во неговите рамки е особено позната книжевната школа во која се создале многу оригинални творби, но и се преведувале дела од грчки јазик за потребите на богослужбите. Самиот св. Климент за да го доближи Божјото слово до народот напишал повеќе поучни слова со едноставен јазичен израз. Тој исто така има создадено житија, пофални слова, беседи и сл. во кои доаѓа до израз неговата дарба на поет, но и на говорник. Неуморно работи до своето упокојување (916 година). Се празнува на 27 јули/ 9 август и на 25 ноември/ 8 декември. Моштите му почиваат во возобновената црква на Плаошник. Свети Климент е Покровител на Македонската православна црква Охридска архиепископија и на градот Охрид. Неговото име го носат бројни културни и научни установи и уште повеќе училишта и цркви. Би спомнале: Универзитетите во Битола и Софија, Универзитетската и народната библиотека во Скопје, Поларна истражувачка станица на Антарктикот; па дури и еден Астероид го носи неговото име.


Цитат за овој час: Со какви пофални песни достојно да ги пофалиме Седмочислениците славни, Кирила со Методија, Климента, Наума со Сава, и Горазда со Ангеларија, кои Единиот Бог во три Лица нам ни Го возвестија, и верата православна ја утврдија!? Зашто нив, навистина, со венци на бесмртната слава достојно ги овенчува Христос нашиот Бог, Кој има милост голема. (Стихира од Вечерната на светите Седмочисленици)


ОХРИДСКАТА КНИЖЕВНА ШКОЛА Охридската книжевна школа настанала непосредно по доаѓањето на св. Климент Охридски за учител во областа Кутмичевица (886 г.). Школата целосно ја разгранила својата дејност откако и св. Наум Охридски се придружил во спасоносното и богоугодно дело. По смртта на двајцата светители, активноста ја продолжиле нивните ученици кои главно ги препишувале веќе создадените творби на своите учители. Сепак биле пишувани и оригинални дела со пригодна содржина (служби, тропари и сл.) но нивните автори биле анонимни. Тие повеќе ја ценеле скромноста и понизноста пред славата и величието. Затоа останувале непознати. Дури и авторот на едно од најзначајните творби од тој период О писменех (За буквите), потпишан како Црноризец Храбар, за науката останува непознат. За особеностите на Охридската книжевна школа и за творбите кои ги содржат нејзините одлики веќе напишавме малку погоре. Под будното око на двајцата учители во Охридската книжевна школа се комплетирале сите богослужбени книги. Покрај тоа го учеле младите свештеници на псалмопение според утврдените византиски норми.


Охридската книжевна школа ќе стане расадник на многу надарени творци, кои ќе ги постават основите на словенската литература. Некои од делата на св. Климент можат да се споредуваат со најдобрите напишани во византиската литература. Не е без значење придонесот на оваа школа во создавањето на кадри за иконографирање, фрескопис и мозаик. Нивна е заслугата што во Македонија се создале едни од најдобрите творби во византиското фрескосликарство. Дејноста на Охридската книжевна школа не се ограничила само на Охрид и неговата непосредна околина. Таа се распространила низ сите делови на Македонија па и пошироко. Во рамките на многу манастири биле отворени скрипториуми, каде што се препишувале, но се создавале и нови оригинални творби. Врз традициите на оваа школа нешто подоцна во североисточна Македонија во повеќе манастири ќе се отворат такви скрипториуми. Цитат за овој час: „Очистувајќи си ги душата и телото и умот, блажен... имајќи на земјата ангелски живот, ти, блажен, придоби чест рамна на ангелите. Заедно со нив сега стоиш пред Владетелот. Помоли се, блажен, за своето стадо“. (Од службата за св. Климент Охридски)


СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ - ПОУЧНИ И ПОФАЛНИ СЛОВА Св. Климент, покрај другите обврски што ги имал како учител, а подоцна и како епископ, наоѓал време тоа што го проповедал и да го запишува. На тој начин запишаното слово го оттргнал од времето на заборавот. И што е исто така важно: им дал поттик на своите ученици и тие да го следат неговиот пример. Како што св. Климент искажува благодарност и пофалби до своите учители, светите браќа Кирил и Методија, така и тој е возвеличен од неговите ученици во повеќе беседи, пофалби и други творби. Литературното наследство од св. Климент го сочинуваат педесетина творби. Една третина од нив се сигурно негови, зашто го носат потписот на неговото име, за другите се претпоставува дека се негови, врз основа на јазикот и стилските обележја што ги имаат. Творештвото е разновидно по обем и по литературни жанрови. Пишувал подолги творби (житија), но и пократки (поучни и пофални слова). Некои од поучните слова се општи и се однесуваат на празници за апостоли и маченици (Поука за сведен на апостол или маченик, Поука од епископ Климент за Св. Недела, Поука кон епископите и поповите),


но има и поуки за големите христијански празници (Поука за денот на Рождество Христово; Поука за денот на Благовештение на Пресвета , Богородица...). Некои од поучните слова имаат карактер на беседи, со директно обраќање кон присутните на богослужбите и сл. „Да знаете, браќа, дека денеска е празник“... или „возљубени браќа и синови; празникољупци, христољупци”... Поуките не се само за мирјаните (обичните луѓе). Често се упатени до епископите и свештениците: епископот треба да е беспорочен, како божји пратеник; ... „Послушајте пастири, оти вам ви се упатени овие зборови! ... Пристапете, браќа, и разумно послушајте да ви ја кажам силата и честа на овој ден. Во него Бог го посети и го обнови човечкиот род, којшто паднал во пропаст со ѓаволска превара, престапувајќи ја божјата заповед дадена уште во рајот на нашиот предедо Адам“. Во пофалните слова доаѓа до полн израз силината на поетската дарба на св. Климент и тие дела можат да се споредуваат со најубавите во византиската литература од тој период (Похвала на нашиот блажен отец и учител словенски Кирил Филозоф; Похвално слово за свети пророк Илија, Похвала за четиридневниот Лазар...).


Покрај религиозната лексика, застапена е и општата, збогатена со стилски изразни средства: „Небото се весели радосно, украсено со сјајни ѕвезди, испраќајќи му неискажани пофалби на својот творец“. Пофалното слово за св. Кирил не само што е едно од првите такви во словенската литература туку тоа восхитува со изразните средства во кои во пред план се споредбите, реторските прашања и епитетите: ...„Иако отпосле светна, сепак надмина сè, како и Деница, која иако огрева најпосле, со својата светлина ги облева сите ѕвезди кои имаат сончева светлина... ... Затоа, која уста да ја искаже сладоста на неговото учење, а кој јазик ќе може да ги каже неговите подвизи и трудот и добрината на неговит живот?”...златозрачни букви, боготкаен венец, многугласен јазик, светлозрачен спомен ... Целта на авторот на Пофалното слово е да прослави делото на својот учител, да го возвеличи неговиот лик и да го израмни со апостолите, ангелите и со пророците и да го овенча со боготкаен венец многуплодниот словенскиот род. Благодарноста и љубовта кон својот учител, св. Климент ги искажува на начин што го благословува секој дел од неговото тело: Тоа го прави со повторување на исти зборови на почетокот на речениците:


...Затоа, да биде блажена твојата уста, о блажен оче Кириле, од неа на мојата уста се источи духовна сладост. Блажен го нарекуваме твојот многугласен јазик од кој му огреа на мојот народ светлина на тројно вечниот Бог... Блажени да се твоите златозрачни очи кои го одзедоа неразумното слепило од моите очи и ги огреа богоразумна светлина. Дури го благословува и градот во кој почива св. Кирил:...Блажена да е твојата пречиста црква во која лежи твојот многуразумен богогласен органон. Блажен да е градот којшто го прими третиот извршител на божјата промисла. Извршувајќи го заветот на врховните светила, се јави ти, блажен бидувајќи. Ова како и многу други творби по традиција завршуваат со молба: ...Со нив моли се за нас, преподобен учителу, што го почитуваме твоето преславно успение во славата на Пресветата Троица, Таткото и Синот и Пресветиот Дух, сега и секогаш и во сите векови, амин. Цитат за овој час: Со зборови си ги упатил народите кои верата Божја, со делата си се издигнал, преблажен, кон божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат со вера кон Тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со знаменија. Заради тоа го славиме твојот божествен спомен Клименте. (Тропар за св Климент)


ЦРНОРИЗЕЦ ХРАБАР - О ПИСМЕНЕХ Црноризец Храбар е еден од првите писатели кои преку своето дело ги зацврстиле основите на писменоста кај словенските народи. Една реченица од неговата творба О писменех : уште се живи оние што ги виделе нив (солунските Браќа), за авторот открива барем два податока: 1. дека живеел на преминот меѓу 9. и 10 век; 2. дека ги видел учениците на светите Браќа (ако и самиот не бил нивни ученик). Статијата (трактатот) О писменех иако е една од првите расправи за словенската писменост и била распространета низ стотина преписи, досега најстариот пронајден препис е од 1348 година. Сепак, основното прашање на кое научниците се обидуваат да дадат одговор е кој всушност се крие за псевдонимот Црноризец Храбар. Повеќето се сложни дека бил монах (носел црна риза, мантија) и дека бил храбар и одважен. И уште дека бил многу учен. Го знаел добро грчкиот јазик и неговата историја. Врз основа на посочените погоре зборови, некои научници сметаат дека под тоа име се крие св. Наум Охридски, други дека би можел да биде Константин Преславски, авторот на Азбучната молитва и на Поучителното евангелие или пак некои од помладите ученици на св. Кирил и Методиј и т.н.


Разногласие понекогаш има и во однос на тоа, за која азбука Црноризец Храбар ја води полемиката со тријазичниците. Преовладува мислењето дека станува збор за глаголицата, зашто таа во првобитната форма содржела 38 букви. Токму толку букви Црноризец Храбар пишува дека св. Кирил Философ им создал на Словените. Предмет на трактатот О҆ пи сме не х ь(за буквите) се почетоците на словенската писменост и нејзиното постоење, а целта (идејата) е да се заштити од нападите на тријазичниците. Текстот на статијата може да се подели на два дела. Во првиот дел се опишани развојните етапи низ кои се создавала словенската писменост, а во вториот дел авторот води полемика со непријателите на таа писменост и буквите. Првата етапа се совпаѓа со времето на паганството кога Словените се служеле со рески и цртички: Пор ано,пак,Слов е ни тене маа кни г и ,туку се служе а со р е скиицр ти ч ки ,ч и таа иг атаа и сто како имног уб ошци те . Во втората етапа (фаза) откако се покрстиле, почнале да пишуваат со римски (латински) и грчки букви. Но со овие букви (писма) не можеле да ги пишуваат сите зборови, зашто недостасувале знаци за чисто словенските гласови:


Пр ѣждеѹ҆ б ѡ слов ѣненеи мѣ́ ҅ х ѫ кни г ъ ,нѫ ч р ъ тамии ҆ р ѣзамич ь тѣх ѫи ҆ г атаах ѫ пог анисѫще .Кр ъ сти в ше же сѧ.р и м꙽ ́ скамии ҆ г р ъ ч ь скымипи сме ны. нѫждаах ѫсѧ слов ѣн́ скы р ѣч ьб е зьоу҆ стр ое ни а;нѫ како мо́ же тьсѧ пи сати доб р ѣГ р ъ ч ь скымипи сме ны б ъ ҃ ,и лижи ҆ в ѡ̀ тъ ,и лиѕѣлѡ,и ҆ лицр ҆ ков ҃ ь ,и ли ҆ ч аани е ,и лиши ҆ р ѡта,и лиꙗ҅ ҆ дь ,и лиѫ҆ ҆ дѹ,и лию҆ ҆ ность ,и лиѫ҆ ҆ ꙁ ыкъи ҆ и наа ́ поⷣ б наа си мь .И҆ тако б ѣшѫ мног а лѣта.Потомжеч л҃ колюб е цъб ъ ҃ ,стр оѫи в сѣ,и ҆ неѡ҆ став лѣѫ ч л҃ ч а р ода б е ꙁ ьр аꙁ ѹма,нѫ в с꙽ ѧ кър аꙁ ѹмѹ пр и в одѧ и ҆ сп҃ се ни ю,поми лов ав ьр одъч л҃ ч ь ,посла̀ и мьст҃ ҅ г о Кѡнстанти на фи ́ ло́ софа, нар и цае маг о Ки р ́ и ла,мѫжа пр ав е дна и ҆ и сти ́ нна,и ҆ съ тв ор и . . . Најстар препис на О писменех во Лаврентиевиот зборник (1348 година)


Но како може да се пишува со грчки букви:б҃ ъ (бог),и лижи ҆ в ѡ̀ тъ (живот),и лиѕѣлѡ (многу),и ҆ лицр ҆ ков ҃ ь(црква),и личаани ҆ е(исчекување со надеж и страв!),и лиши ҆ р ѡта (широта, простор, слобода),щєдр ѿты (штедрота, дарежливост),и лиꙗ҅ ҆ дь(храна),и лиѫ҆ ҆ дѹ (дел од телото!), и лию ҆ ҆ ность(младост),и лиѫ҆ ҆ ꙁ ы къ ъ(јазик, народ) и на нив слични. Третата фаза се совпаѓа со мисионерската дејност на св. Кирил Философ: Потоа човекољубецот Бог, којшто го створи и не го остави човечкиот род без разум, туку сите луѓе ги доведува до разум и спасение, се смили на човековиот род, па им го испрати Св. Константина Филозоф, наречен Кирил, праведен и вистинољубив маж, кој им приготви 38 букви, едно по образ на грчката азбука, а други според словенскиот јазик. Според словенскиот јазик ги создал овие букви: Б, Ж, Ѕ, Ц, Ч, Ш, Щ, Ъ, Ы, Ь, Ѣ, Ю, Ѫ, Ѧ. Вториот дел од трактатот е всушност полемичка расправа во кој на умешен начин и со факти Црноризец Храбар ја брани словенската писменост. Преку прашања и одговори дава објаснување зошто св. Кирил создал азбука од 38 букви, а не од 24 букви колку што имале грчкиот алфавит.


Црноризец Храбар ги потсетува противниците дека во грчкото писмо има уште 11 двогласки и три знаци за броеви, па вкупно и таа азбука има 38 букви. Уште со доволно аргументи ги отфрла негирањата на грчките свештеници дека Господ Бог само на три јазици наредил да се пишува! На тоа што да каже меишто да и м р е ч е мена такв иб е зумни ? Да и м каже мекако што сменауч и леод Св е тото Пи смо,иде ка сѐпо р е д и сѐи деод Бог а,а неод др угне кој . Во продолжение на расправата авторот како да тргнува во напад. Во време кога христијанството конечно станува нов поглед на светот, а се напушта паганството (многубоштвото), го истакнува најсилниот аргумент. Докажува дека словенските букви и книги се подостојни за почит: Св е тиКонстанти н нар е ч е н Ки р и л,сам ислов е нски текни г ииб укв и г ипр е в е деза малку г оди ни ,а они е( г р ч ки те )мнози на иза мног у г оди ни : се дум душиг исоздадоа ни в ни теб укв и ,а се думде се т душипр е в одот.Затоа слов е нски теб укв исепосв е тииподостој низа поч и т,зошто св е т маж г и ств ор и л,а г р ч ки те ,пак,б укв имног уб ошци . На забелешките на грчките книжевници дека словенските букви не се добро направени и дека и сега се поправаат, Црноризец Храбар одговара:


Исто така иг р ч ки темног у патисепопр ав аниод Ах и ла иСи мах а,а потоа иод мнози на др уг и .Отипозг одно еда сепопр ав аат после ,отколку пр в пат да сесоздав аат. И со следниов доказ Црноризец Храбар е убедлив: Ако г изапр ашаш, пак г р ч ки текни же в ни ци :„Којв иг исоздал б укв и теипр е в е л кни г и те ?Тоа малци на од ни вир е тко знаат за ти ер аб оти .Ако,пак,г изапр ашаш слов е нски текни же в ни ци :„ Којв иг исоздал б укв и теикојв иг ипр е в е л кни г и те ? “-си тезнаат иодг ов ар ај ќиќекажат:Св е тиКонстанти н Фи лософ,нар е ч е н Ки р и л,тојнам ниг исоздадеб укв и теикни г и тег и пр е в е де ,зае дно со б р ата сиМе тоди ј а.Уштесежи в иони ешто г ив и де ле ни в . На крајот од трактатот кажува дека тоа станало во времето на грчкиот цар Михаил, бугарскиот кнез Борис, моравскиот кнез Коцељ - во годината од создавањето на светот 6363 (863). Во последната реченица Има идр уг иодг ов ор иина др уг о ме сто ќег икаже мезашто се г а не ма в р е мекако да навестува дека има напишано и други расправи. На научниците останува да ги откриваат тие дела и пред сѐ да го дознаат името на овој храбар свештеник.


СРЕДНОВЕКОВНИ ЛИТЕРАТУРНИ ВИДОВИ Средновековната литература се развивала во време кога христијанството како нова и понапредна цивилизациска придобивка во однос на паганството, од Блискиот Исток се раширило по сите краишта на Европа. Природно е што во литературата и во уметноста воопшто, доминантни биле творбите со религиозна тематика. Сепак, покрај литературните видови (жанрови) во кои строго се водело сметка за нивната содржина (хагиографиите, пофалните и поучните слова и сл.), се јавувале и такви во кои послободно се интерпретирале делови од Светото писмо, како и житијата на светите луѓе. Овие дела наречени апокрифи црковните власти ги забранувала. Покрај апокрифите мошне популарни биле и средновековните раскази и романи, како и јуначките епови. Силен печат на литературата од тоа време ѝ дале големите богослови и црковни мислители и светители: Василиј Велики, Григориј Богослов, Јован Златоуст, (вселенски учители), Исак Сирин, Роман Слаткопевец, Андреј Критски, и др. И уште некои светители: Јован Лествичник, Максим Исповедник, Јован Дамаскин. Тоа се луѓе кои живееле во златната епоха на


Византиската империја. Епоха во која и словенскиот род зачекорил во редот на културните и просветените народи на Европа. Придонесот на св. Кирил и Методиј како и на нивните ученици во културното наследство на Византија не е безначаен. Некои од нивните творби од словенски јазик биле преведувани на грчки, а некои дури и на латински јазик. Во Западна Европа влијанието на црквата бил исто така доминантно. Тој период е наречен сколастички. Познати мислители и богослови во западната (католичката) црква се светите Августин, Јероним и Тома Аквински. Во времето на доцното феудално општество на Запад, учењето на Тома Аквински ќе стане официјално гледиште на Католичката Црква. Од литературните жанрови со духовна тематика тогаш, па и денес особено интересни за читање се житијата. Во нив се раскажува за животот на луѓе прогласени (канонизирани) од црквата за светци. Ликовите во житијата се опишани според библиски прототипови на маченици, пустиници и сл. Според содржината житијата се делат на општохристијански (Житие на св. Димитар Солунски, на св. Никола Мирликиски) и на локални житија


(на св. Никодим Прилепски и Тисмански, на св. Теофил Струмички ). Посебно се интересни житијата на новомачениците за верата (на св. Злата Мегленска, на св Анастасиј - Спасо Радовишки). Според должината се делат на пространи (опширни) и на кратки (пролог, проложни) кои се читаат за време на богослужбите. Силен процут во средновековната литература доживува химнографијата - составување благодарствени песни (хвалоспеви): акатисти, кондаци, тропари, канони и сл. Тоа се поетски текстови кои и денеска се пеат за време на литургијата. Акатист (гр. = да се слуша стоејќи; неседална песна) е химна на благодарност. Најпознати се Акатист на Пресвета Богородица и Акатист кон Преслаткиот Исус Кондакот е кратка песна, најчесто е дел од акатистот. Современиот кондак е многу сличен на тропарот. Тропарот е кратка песна во чест на некој светец. Канон е подолго дело во чест на некој празник или светец. Напоредно со канонските (законските, официјалните) книги, се читале и се распространувале и такви кои црквата ги забранувала. Се наречени апокрифи (грч: ἀπόκρυφα = скриен, таен). Тоа се неканонски книги со библиска тематика. Се делат на старозаветни и новозаветни


апокрифи. Од старозаветните би ги спомнале Книгата за Енох, Видението на Исаија, Животот на Адам и Ева (легенда). Од новозаветните се Видението на Апостол Павле, Томиното евангелие, Житие на блажениот апостол Петар. Покрај библиските мотиви се пишувале и читале апокрифни молитви (Молитва против ветар, Молитва против штетен дожд), како и книги со прашања и одговори и т.н. Причината за популарноста на апокрифните дела била таа што се пишувале на народен јазик, раскажувањето во нив било едноставно и течно, со многу живописни споредби. Дел од апокрифите создале и ги ширеле богомилите, чие учење настанало најпрвин во Македонија, а потоа се проширило насекаде во Европа. Од нивните творби најзначајна е Тајната книга. Влијанието на апокрифите е одразено подоцна во уметничката, но и во народната литература и во уметноста. Во многу цркви и манастири има насликано апокрифни мотиви. Во минатото кога се препишувале житијата имало случаи да се внесуваат во нив апокрифни елементи и тие да се сметаат за веродостојни!


Напоредно со творбите исполнети со духовна содржина, се создавале и дела со световна тематика, наменета за широките народни маси. За полесно да се прифатат тие дела од читателите, полека се напуштале официјалните јазици (латинскиот, грчкиот, црковнословенскиот) и се пишувале на народен јазик (на француски, шпански, германски, руски, на скандинавските јазици). Тогаш настанале анонимните творби: Песните за Нибелунзите, Слово за полкот Игорјев, Песната за Роланд, Калевала, циклусот за Марко Крале (кај Јужните Словени) и сл. Многу порано од грчки или латински на други јазици биле преведени Романот за Александар Македонски (Александрида), Роман за Тројанската војна. Особено популарни биле Романот на розата (збирка од љубовни стихови) и Тристан и Изолда, првично напишани на француски јазик. Во средновековниот период расказите лесно се распространувале со препишување и биле омилена лектира (Премудриот Акир, Теофана Крчмарката). Од тоа време на Запад настанала збирката со љубовни поеми и пасторали Кармина Бурана. Врз мотиви од таа збирка во поново време (1937 г.) ќе се напише и музичка кантата. Цитат за овој час: Како што изложеното богатство брзо го раграбуваат така и добродетелта, кога се разгласува, се помрачува и се губи“. Преподобна Синлитикија


Issuu converts static files into: digital portfolios, online yearbooks, online catalogs, digital photo albums and more. Sign up and create your flipbook.